„Зад Аголот“ објавија нов спот за песната „Бел Чад“. Спотот е изработен од страна на Тодор Тодоровски, Бранко Блажевски и Венко Шереметкоски. Сниман е на неколку локации во центарот на Скопје, студиото на „Зад Аголот/Soulmental“, а искористени се и снимки од неколку нивни настапи во Белград, Софија и Скопје.
„’Бел Чад’ во аудио-визуелна смисла е едно кратко патување низ нашето минато творење и дејствување, нашите ставови за моменталните музички трендови и нашите идни аспирации. Како што кардиналите во Ватикан го потврдуваат изборот на новиот папа со бел чад, така и ние ги потврдуваме ставовите кои го красат „Зад Аголот“ веќе десет години. Музиката треба да го одбива секојдневниот перфекционистички стремеж, со отворени раце да ја прифати несовршената реалност и истата да ја отсликува“, велат од бендот.
За аудио продукцијата беа задолжени Дарко Димитриески и Ване Ивановски, а за скречовите се погрижи Зоран Кочоски. Текстот и вокалите се на Мартин Бузалковски и Дарко Димитриески.