За винската сорта мускат, нашиот соговорник м-р Петар Петров, асистент на Универзитетот МИТ – Скопје, при Факултетот за менаџмент на еколошки ресурси, катедра за безбедност на храна, вели дека е многу стара сорта. Со нејзиниот силен и посебен мирис може да се каже дека е една од првите идентификувани и одгледувани сорти на винова лоза.
Повеќе од 200 вариетети
Се претпоставува дека мускатната лоза е најстариот вариетет и сите други Витис винефера (Vitis vinefera) лози, водат потекло токму од неа. Оваа теорија сè уште не е во целост потврдена, но неоспорни се доказите за одгледување на мускатот во античкиот период и описите на мускатната лоза од авторот Плиниј. Речиси секоја медитеранска земја има познато вино базирано на мускат, што варира во различни вински стилови (од лесни до многу суви), нискоалкохолни и пенливи вина, многу благи и алкохолни верзии. Мускатот е сорта со повеќе од 200 вариетети. Вкусот е единствената заедничка карактеристика на сите мускатни вариетети.
Единствена сорта со арома на свежо грозје
Од мускатните гроздови се добиваат вина со нежни варијации, со специфичен интензивен, ароматичен, благ и лесно препознатлив мирис на темјан или мајчина душица. Мускатот претставува единствена сорта чиешто вино се карактеризира со арома на свежи грозја. Македонските мускатни вина ферментирани на постојана температура од 18 Целзиусови степени, честопати се збогатени со арома на праска, бозел, бел слез, цитруси и слабо изразена арома на анасон. Од мускатните вариетети што се одгледуваат на Балканот се добиваат суви до полусуви бели вина со изразена освежителна нијанса. Најчесто имаат светложолта боја, проткаена со зеленкави ноти, полн и долготраен вкус со силна свежина.
Се флашира заедно со винскиот талог
Мускатните вина, поради карактеристичната мускатна арома, нема потреба да се чуваат во дабови буриња. Најчесто се флашираат како млади вина без остатоци од шеќер и имаат ниска содржина на екстракти. Најдобрите мускати се флашираат во крушовидни шишиња од светлозелено или безбојно стакло. Во ваквите шишиња секогаш доаѓаат без претходна филтрација, односно се флашираат заедно со винскиот талог, што претставува неактивни квасни клетки, кои својот животен век го завршиле во ферментативниот процес. Вака флашираното вино, зреењето го завршува во шише во редуктивни услови.
Идеално во комбинација со сините сирења
Како оптимална температура за консумирање на мускатот препорачлива е температурата од седум до десет Целзиусови степени, но неговиот освежителен вкус секогаш дозволува консумирање на значително пониски температури. Поради малата содржина на алкохол, што најчесто изнесува околу десет волумни проценти, честопати неговата консумација е без присуство на храна. Се комбинира со свежи овошни салати и колачи, јадења од морски плодови и помалку мрсни, речни риби. Може да се комбинира со сите видови сирења, а идеална е комбинацијата со сините сирења. Од јадењата со месо, мускатот се препорачува со белите меса, а добра комбинација е и со тестенините во бел сос.