Вториот дел од програмата за јубилејниот десетти по ред Викенд на гордоста Скопје, ќе се одржи од 15 до 17 септември, во Младинскиот културен центар – МКЦ, Музејот на современа уметност, и клубот Станица 26, најавија организаторите.
Основната кураторска тема на овогодишното издание фестивалот за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување, е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА. Темата ги третира односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.
Септемвриската програма на фестивалот почнува на 15 септември, во 21:00ч во МКЦ, со перформансот/танц “Етика“, на францускиот кореограф Матjе Окемије (Matthieu Hocquemiller), а во изведба на Патрис Дезмон и Пјер Емо (Patrice Desmons & Pierre Emö).
На 16-ти септември, петок, во МСУ, во 20:00 ч., публиката ќе може да го проследи перформансот “Не за Оскар“, на австриската перформанс уметница Јулишка Стенгеле која во ова дело уметницата прави напор да го покрие секој центиметар од сопственото тело со отпечатоци од бакнежи и е опколена од публиката, која е сведок на неуспехот, невозможностите, победите и напредокот.
Фестивалот ќе заврши на 17-ти септември во ноќниот клуб Станица 26 со воугинг и дрег забава, и два Диџеј сета на Ивана Драгшиќ (Скопје) и Маркиза де Сада од Белград. Во рамки на шоуто настапуваат танчерите Хоеди Саад и Селин (Hoedy Saad & Celine) од Бејрут и, дрег кралиците Токио де Вил, и Дивон Џејн од Скопје.
Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство Локомотива, МСУ, ТИИИИТ! Инк. и КСП Центар-ЈАДРО, со несебичната поддршка на Министерството за култура на РСМ, Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Фондацијата Фридрих Еберт, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија, и Сигрид.
Извор: мета.мк