Со утрешното предавање (09.06.2020) на светски познатиот италијански теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди – Бифо почнува годинешново петто издание на КРИК – фестивал на критичка култура во организација на Контрапункт. Предавањето насловено „Не можам да дишам – респираторен хаос и поезија“ ќе се одржи онлајн, од 19 до 21 часот, на Фејсбук страницата на фестивалот . Ова е прво од серијата предавања проследени со разговори кои ќе се одржуваат во текот на јуни. Станува збор за познати теоретичари: Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо
Франко „Бифо“ Берарди (роден на 2 ноември 1949 година) е италијански комунистички филозоф, теоретичар и активист. Тој бил клучна фигура во италијанското движење за автономија во 1970-тите, кое го славеше капацитетот на работникот за социјални промени. Неговата работа главно се фокусира на улогата на медиумите и информатичката технологија во пост-индустрискиот капитализам. Берарди има напишано над дваесетина публикувани книги, како и голем број есеи и говори. Моментално работи за списанието „Дериве Апрододи“ и предава социјална историја на комуникација на „Accademia di belle Arti“ Милано. Тематските рамки на КРИК, кој ќе се одржува во текот на оваа година се обединети во насловот на ова издание на фестивалот, „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“ кој директно произлегува од книгата која Контрапункт ќе ја издаде во текот на јули, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година. Станува збор за „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, од еден од најзначајните филозофи на нашето време, Мартин Хеглунд.
„Оваа година прославуваме пет години од постоењето на КРИК – фестивал за критичка култура, кој е замислен како отворена платформа за развој и практикување на критичка култура. Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум. Соочени сме со конечноста на светот во неговите најкревки аспекти. А се чини не бевме спремни за вакво радикално соочување. Досега, страдањата на милиони сиромашни, отфрлени, унижени, потиснати ширум планетава, која буквално вреска затоа што ја рануваме катадневно заради нашето безумие и алчност, поминуваа досега речиси незабележано – арогантно ги игнориравме болката и маката на илјадниците луѓе, затоа што тоа „умирање“ секогаш се случува „таму некаде“, не во нашиот „цивилизиран и еманципиран“ и „добро уреден“ двор. Реалната и масовна закана од една болест ничкум ги преврте нашите досегашни императиви за мобилност, за општествена интеракција, за размена на вредности. Овојпат, светот дистопично „крикнува“ и вели дека е крајно време за нови прадигми, за преструктуирање, превреднување и поставување на радикално поинакви културни и политички смерници,“ велат програмските уредници на фестивалот Искра Гешоска и Артан Садику.