На 23 септември, во „Младинскиот културен центар“ по тринаесетти пат ќе се одржи фестивалот за нова музика „Здраво млади“. Овој фестивал има огромно значење за нашата културна сцена, македонската публика може да ужива во познати имиња од европската и светска музичка сцена, а нашите млади музичари добиваат можност да разменуваат искуства и остваруваат контакти за развој на нивната кариера. По тој повод разговаравме со Владица Младеновски-Грга кој е музички уредник во МКЦ и со своето искуство и работа е столб на голем број музички случувања и проекти.
Фестивалот ,,Здраво млади” 13 години е одлика на духот на Младинскиот културен центар и двигател на нов, свеж бран талентирани и креативни артисти и уметници. Како изгледашерастењето и развивањето на овој значаен проект?
На моменти како Сизифова работа. Тераме карпа нагоре, тераме тераме, не знаеме каде ќе стигне. Не постои ниту едно издание на фестивалот да се нема соочено со сериозни предизвици. Ама од друга страна, тоа е она што не тера да одиме напред. „Здраво Млади“ е препознаен како фестивал кој носи свежа музичка понуда, артисти кои веројатно само во нашиот дом може да се видат, што го прави „Здраво Млади“ едно пријатно и убаво изненадување за публиката. Во правци лево или десно, ние туркаме горе долу, малку на криво па се нуркаме во вода и си одредуваме свои правци. Фестивалот е значаен по тоа што се обраќа на онаа публика која е максимално љубопитна и секогаш тлее.
Младинскиот културен центар е дел од една значајна иницијатива LIVEUROPE која има цел да промовира европски артисти кои се во подем. Што значи да си дел од ваква ентузијастичка иницијатива и колку е таа значајна за нашата локална музичка сцена?
LIVEUROPE е сериозна мрежа на 22 култни концертни сали во Европа, сали кои може во својот букинг да се пофалат со Coldplay, King Gizzard, Queens of the Stone Age, бендови кои се огромни. Во такво друштво сме. Она што е значајно за салите кои се дел од оваа мрежа е тоа што имаме механизам за промовирање на млади и надоаѓачки европски артисти. За големите сали – тоа е она што им недостига бидејќи станаа многу големи играчи, а за нас можеби најдобра шанса да донесеме артисти кои дополнително ќе ја збогатат музичката програма на градот. Секогаш се трудиме да држиме темпо со Европа, потешко ни оди но сепак оди. Од друга страна., наши бендови преку механизмите на LIVEUROPE имаат простор и шанса да гостуваат во тие концертни сали и да отворат за некој поголем бенд. Така што е вин-вин ситуација. Многу сме среќни што сме дел од LIVEUROPE, која е една прекрасна и чудна музичка фамилија.
Вие сте култен музички промотер кој зад себе има огромно работно искуство, илјадници концерти во МКЦ и безброј значајни проекти. Постои ли некој, настан, настап или изведба што најдлабоко се врежала во вашата меморија?
Благодарам на комплиментот. Ја работам онаа работа која ме исполнува и со тоа правам настани на кој би сакал и самиот да дојдам, доколку не сум организатор. Тоа ми е девиза. Инаку од настапи кои би сакал да го издвојам е оној во пандемиската 2020 година. Кога сите фестивали и целиот свет буквално застана – ние одлучивме дека мора да имаме фестивал во физичко издание. Со ограничена посета во специјално зацртани трла од огради и кругови во паркот зад МКЦ. Тогаш настапија Efterklang, нашите добри другари од Данска кои беа единсвениот бенд од странство, заедно со Lalalar кои можеа да бидат дел од програмата. Беше магично. Некако целиот настан иако беше невозможен да се оствари под пропишаните протоколи за одржување на настани, успеа да внесе доза надеж кај сите нас дека и на тоа ќе има крај и дека човештвото мора да продолжи напред.
Младинскиот културен центар како институција е незаменлив за зачувување, промовирање и развивање на локалните културни вредности. На што моментално работите и каква музичка програма се подготвува за во блиска иднина?
МКЦ никогаш не бил во понезавидна ситуација. Се трудиме да ја одржиме програмата на МКЦ на ниво кое ни требало години макотрпна работа да го достигнеме. Иако соочени со доста предизвици, се трудиме да одржиме темпо и да продолжиме да ја работиме онаа работа која знаеме да ја правиме – да носиме свежа културна програма во градот. Вратите на локалната музичка, театарска, филмска, литературна сцена секогаш биле отворени кај нас, каскаме со инфраструктурни и егзистенцијални проблеми. Најавуваме жешка музичка програма – концерт на култниот хрватски фолк панк бенд Бркови, концерт на легендарните Villagers of Ioannina City од Грција, американците Algiers кој по втор пат ни гостуваат во МКЦ, Naxatras, Artan Lili, во план е и музички блок во ноември на Liveurope артисти..уште пар изненадувања и оп – Нова Година.
За неколку дена започнува 13 издание на „Здраво млади“ кое како и секоја година ќе нуди богата, интернационална агенда. Што е ексклузивно за овогодишниот репертоар и кои се уметници ќе се дел од овој престижен настан?
Ќе проследиме многу интерсни настапи на 15 – тина артисти, секој значаен во својата област. Ќе ни гостува „темниот Принц на рокенролот“, легендарниот Иан Свенониус , пејачот на the Make-Up, конечно ќе се реализира настапот на Војко В во Скопје (!), ќе ги слушнеме малку подзаборавените херои на скопската сцена “My Tear” кои ќе свират песни од новиот албум кој наскоро ќе биде издаден, потем Dope Kukjata кои имаат неверојатни настапи во живо, ќе ги видиме и психоделичните Nemanja од Хрватска, денс атракцијата Mauskovic Dance Band, младата артистка Zhiva, етно фолк сензацијата Калата и многу други. Ветуваме супер најава на богатата културна есен во МКЦ која следи!