Божиќна реклама објавена од норвешката национална пошта предизвика многу емоционални реакции и многумина ја нарекуваат најдобрата празнична реклама за годинава.
Рекламата на Posten потсетува на популарната романтична комедија „Кога Хари ја сретна Сали“ со алтернативен наслов „Кога Хари го сретна Дедо Мраз“ (When Harry met Santa). Приказната се врти околу еден човек по име Хари кој секоја година го чека Божиќ за да помине една вечер со човекот што го сака – Дедо Мраз.
Откако неочекувано Хари го среќава Дедо Мраз како остава подароци во неговиот дом вечерта пред Божиќ, секоја година тие си разменуваат мали подароци и се запознаваат подобро, а со текот на времето врската прераснува во љубов.
Хари, разочаран што мора да чека секоја година за една вечер да помине малку време со Дедо Мраз, пишува писмо до Дедо Мраз дека сè што сака за Божиќ е тој.
Крајот на приказната погледнете го на видеото подолу.
По завршната сцена, рекламата завршува со порака „во 2022 година Норвешка слави 50 години од слободата да бидеме заљубени во тие што сакаме“.
Норвешка ја декриминализираше хомосексуалноста во 1972 година, што ја направи една од првите земји во светот со закон за анти-дискриминација кој ја вклучува сексуалната ориентација.
Повеќето реакции на рекламата се позитивни помеѓу корисниците на социјалните медиуми кои ја пофалија националната пошта за славење на квир љубовта.
„Убава квир божиќна радост од Норвешка“, „Од сите работи денес што се случуваат не очекував дека ќе бидам толку погоден од божиќната реклама на норвешката пошта“, „Не можам да поверувам дека норвешката национална пошта во еден чекор го спаси Божиќ со геј Дедо Мраз“, се дел од реакциите на социјалните медиуми.
Извор: independent.co.uk