Терапија платформата чија цел е креирање на простор за развој на независна културна и клупска сцена, прославува прв роденден! Изминатава година понуди квалитетен звук, прилагоден на новите пандемски услови, со голем број онлајн сетови. Оваа година роденденот ќе го прослават со настан во живо, на 1 декември со почеток во 22 часот, во клубот Станица 26. По тој повод поразговаравме со Слободанка Тренчева Боте, креатор на проектот Терапија:
„Во 2020 година ви го претставивме првото хибридно издание на платформата Терапија одржано во Крушево. Понатаму продолживме со оригинална содржина создадена на различни локации во Македонија. Многумина од вас имавте можност да видите артисти кои изведуваат во живо, но и специјални аудиовизуелни проекти. И покрај тоа што проектите на Терапија беа нешто кое направи да се чувствуваме горди и среќни, сепак 19 месеци без физички настан се премногу. Свесни сме дека Ковид-19 е сè уште тука, но ќе се обидеме оваа година да направиме чекор напред, извесен рестарт, ако можеме така да кажеме.
Свесни сме дека следните месеци ќе бидат предизвик за здравствената состојба кај нас. Сепак, се надеваме дека ќе соработуваме со засегнатите страни, извршната власт, здравствените институции, како и клучните чинители во индустриите за ноќен живот за да го најдеме најбезбедниот и најпрактичен начин да останеме отворени.
Во овие комплицирани времиња, соочувајќи се со предизвиците и неизвесностите на нашето секојдневие, Терапија се стреми да ја заврши годинава со динамика и оптимизам. Помина една година од првото хибридно издание на проектот Терапија и 19 месеци без настан со физичко присуство. Следејќи ги здравствените упатства и протоколи објавени од властите против Ковид-19, подготвивме специјално издание „Dance terapy“ кое има за цел да нè приближи до сите оние кои ни недостасуваа.
Ние претендираме да ја понудиме својата музичка естетика, додека истовремено ја поддржуваме работата на локалните и на меѓународните артисти. Alinka и Ивана Драгшиќ во Станица 26. Учество на настанот ќе може да имаат само оние кои ќе обезбедат докази за вакцинирање со две дози, сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, не постар од 72 часа.
Наша задача е да направиме културните настани да се случуваат во што побезбедни услови – во интерес на уметниците и посетителите. Ова важи и за скопската клуб култура, на која после година ипол одговорна акција ѝ треба перспектива, исто како што им требаше и на театрите и на музеите“.