Македонскиот режисер и уметник, Сезер Салихи беше дел од меѓународниот проект „Some Call Us Balkans“ кој отвора можност за 8 млади современи уметници од различни земји преку своите дела да ги истражат митовите и погрешните концепции за Балканот, а со тоа создавајќи простор ослободен од стереотипи, редефинирање на нашите граници и креирање на заеднички простор. Со него поразговаравме за делото „Гоблен“, поттикнато од личната перцепција на Салихи за неплатениот труд во домаќинството и неговата мајка како модел и инспирација за делото.
Какво беше вашето искуство на групната изложба „Some Call Us Balkans“?
Проектот траеше една година, беше прилика да ги дефинираме и осознаваме уште еднаш нашите фиктивни ѕидови помеѓу државите, општеството, уметноста во Балканот. Како што течеше проектот сè повеќе и повеќе наидував на слични работи државите во кои патувавме (Босна, Србија, Северна Македонија, Косово, Албанија и Грција). Проектот се делеше на повеќе етапи, имавме едномесечен престој во Бања Лука и мала групна изложба во социјалниот центар DKC Incel. Потоа во септември минатата година почна етапата на Ground Journey каде што патувавме низ споменатите држави. Потоа оваа година имавме финална групна изложба. Темата на изложбата беше редефинирање на нашите граници, креирање на заеднички простор. Јас ја претставував Македонија, бев избран од страна на организацијата SocioPatch. Имаше исто така седум уметници избрани за овој проект од Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија, Грција, Германија и Италија.
Како добивте инспирација за делото „Гоблен“?
Во групната изложбата во Бања Лука имав две дела, „Балкански песни за заспивање“ и „Квалитетот на Сликата“. Во изложбата во Приштина го направив делото кое се вика „Гоблен“. Прилично беше инспириран од концептот на граници, нашите фиктивни ѕидови ги претставив во обостран димензионален ѕид, каде што првата страна од ѕидот го преставуваше симболично Берлинскиот ѕид и неговото паѓање, соединување и кршење на сите табуа, стереотипи. Другата страна мојата мајка го работеше гобленот. Изложбата траеше две недели, беше во просториите на „Рилиндја“, каде што исто така беше користена како една од просториите а фестивалот „Манифеста“ минатата година кои се одржа во Косово. „Гобленот“ беше инспириран од мајка ми и нејзиниот неплатен труд како домаќинка, нејзиниот револт и протест.
Како модел во делото се појавува вашата мајка, како дојдовте до оваа идеја, што сакавте да покажете и претставите? Какво искуство беше лично за вас ова дело?
Беше мисловен процес од траење една година. Имајќи предвид сите искуства по пат, искуства од луѓето кои ги запознававме, нивните приказни. Нема да заборавам бевме во просторијата на „Шкарт“ едно незаборавно уметничко друштво во Белград, доста прогресивно, бунтовно, креативно и духовно. Таму ја запознавме тетка Ленка, која ни ги покажуваше нејзините дела рачно изработени со политички пораки. Тие рачно изработени дела беа прикажани во Венеција и ширум светот. Тетка Ленка беше стимул, мајка ми беше инспирација за рачната изработка на гобленот на нашите мајки, тетки, баби… Тетка Ленка збореше за друштвото кое она го оформила за неплатениот труд на домаќинките. Гобленот на некој начин е медиум кое многу жени (млади или постари) го правеа долго време, со тоа ги красеа ѕидовите. По одредено време тие гоблени веќе ги немаше, беа извадени од ѕидовите… Јас сакав само да се надоврзам на тие трудови кои нашите мајки, тетки, баби ги работеа долго време и беа нивно уметничко дело. Тоа уметничко дело јас сакав да го искористам како нешто бунтовно, мајка ми го прави тоа уметничко дело и на крајот на видеото се откажува од работење на гобленот како знак на штрајк, протест. За мене беше доста лично и отвори нови перспективи за нови уметнички дела и приказни. Таа истата личност ми беше инспирација за истражување поврзано со женската репрезентација во македонската и косовската кинематографија.
Вилдане Маличи, продуцентка на изложбата
„Извонредна платформа за претставување на уметниците и справување со стереотипите за Балканот“
Koлку ваквите групни изложби се важни за претставување на уметници од Балканот и нивните дела, изложеност и давање шанса да се видат нивните дела пред поширока публика?
Можам да ја дадам мојата перцепција од продукциска страна, ова беше извонредна платформа за претставување на уметниците пред локалната публика и групната цел која беше справување со стереотипите за Балканот. Секој уметник имаше различен начин да му пристапи на креативното патување што го имаше низ балканските земји и истите избраа различни медиуми за да ги изразат своите уметнички изложби. Од друга страна, секое уметничко дело го продуциравме локално и им помогнавме на младите занаетчии да ги прошират своите портфолија со што имавме симболично влијание врз генерирањето финансиски приходи за младите од Приштина.
Како дојдовте до идеја за изложбата и за темата, што претставуваше и како ги биравте учесниците?
Организацијата ICSE го започна овој проект на соработка со други организации, целиот процес главно го водеа жени и ми беше најголемо задоволство да работам во таква средина. Уметникот беше предложен од партнерските организации, а завршната изложба се одржа во Приштина во просторијата „Рилиндја“.
Како помина изложбата и каков одзив доби од публиката?
Изложбата Call us Balkans беше оценета доста добро во Приштина. На денот на отворањето имавме многу посетители, заинтересирани луѓе да ги видат одблиску уметничките дела и другите медиуми што уметниците ги избраа.