Проф. д-р Венера Крлиу е заменик извршен директор, главен оперативен директор, потпретседател на Одборот на директори и проректорат за образование на Универзитетот „Американ колеџ Скопје“. Оваа импресивна биографија ја прави лидер во образованието во нашата земја, а генерации дипломирани студенти, нивните претприемачки способности и личниот влог во општеството се доказ за тоа.
Вашата напорна работа и врвен професионализам го издигнаа „Универзитет Американ Колеџ Скопје“ како една од водечките високообразовни институции. Кои работни начела ги негувате и развивате како пресудни за успех и квалитет?
Основата во нашата дејност како образовна институција, и во нашиот тим на вработени, е токму учењето. Постојаната желба за учење и стекнување нови знаења, вештини и способности е она што нѐ води напред. Се опкружувам себе си со луѓе што ги одликува љубопитност, ентузијазам, желба за откривање нови нешта, луѓе што сакаат да се развијат и самите себе, и средината во која живеат. За мене, тоа значи секојдневна инспирација и мотивација за постојано усовршување и надградување на постигнатото, како и поддршка и храброст за исчекори и промени. Меѓу вредностите на кои ги учиме и нашите студенти на Универзитет Американ Колеџ Скопје, и нашите ученици од Американската Гимназија Скопје, суштинска е љубовта кон знаењето, кон откривањето, кон дознавањето нови нешта и нови начини на правење на работите. Притоа, ги охрабруваме да се откријат и самите себе си и да не ги прифаќаат нештата како непроменливи, туку напротив, да ги согледаат своите способности и вредности и во таа насока, да добијат перспектива самите за себе како носители на промените, како иноватори и двигатели на развојот во заедницата. Токму овие нешта беа издвоени кога ја имав честа да ја добијам наградата на Business Elite’s 40 Under 40, што за мене е од големо значење, бидејќи ги заокружува сите мои досегашни напори и е своевидна потврда дека се движиме во вистински правец. Тоа што бев дел од една избрана група на иновативни и храбри млади луѓе ми е голем мотив и инспирација. Размената на идеи со нив и анализата на нивните искуства ми помогна да ги дообликувам и моите планови и амбиции, и овој избор ми е и поттик да продолжам уште поинтензивно и уште покреативно, бидејќи има уште толку многу нешта што сакам да ги направам.
Образовниот систем и образовните институции се темелите на идниот економски развој на секоја земја. Каква програма и која образовна стратегија го издвојува УАКС од останатите високообразовни институции?
Она од што почнавме кога го основавме УАКС беше идејата на нашите млади генерации да им овозможиме образование што ќе биде на ниво на современите европски и американски образовни пракси. Оттука, во нашата наставна програма се вклучени нови и релевантни учебници, книги и академски извори, а исто така се работи со реални и актуелни студии на случаи, се следат и се анализираат трендовите и теориите уште додека се во зачеток, и се поврзува академското знаење со контекстот на светот околу нас и промените што влијаат на сѐ. Притоа, студиите се тесно поврзани и со конкретната примена на знаењата во деловниот свет и личното искуство на студентите во вистинска работна средина, и инсистираме на редовни пракси за секој студент. Во текот на сите овие години постоење, УАКС има развиено мрежа на соработници и го формираше својот Деловен Совет, каде што нашите студенти може во секое време да видат како е да се биде дел од реалниот свет на бизнисот и да дознаат од прва рака на што треба да се насочат за да станат конкурентни на пазарот на трудот. Во Советот членуваат над 200 компании, организации, студија од различни деловни области, кои ги препознаваат квалитетите на нашите студенти и своите идни вработени ги бараат токму меѓу нив. Исто така, многу внимаваме и на тоа студентите да изградат силно чувство на припадност кон заедницата и да работат на начини како да ја подобрат. Па така, уште додека студираат тие почнуваат да размислуваат практично и корисно – развиваат апликации за нивни секојдневни потреби, отвораат стартапи, работат на хуманитарни проекти и се вклучуваат во иницијативи за социјално претприемништво. Нѐ изненадуваат нивните идеи и планови, и задоволство ни е да им помогнеме на каков било начин – преку совет, поддршка, вмрежување, и сл.
Вие сте директорка на Американската Гимназија Скопје и со употреба на современа образовна технологија и современи наставни методи можете да ги подготвите учениците за работа и живот во современото глобално општество. Што ја прави Американската Гимназија поинаква од останатите?
Токму додека го подготвував ова интервју, ми пристигна писмо дека сме ја добиле престижната акредитација од Accrediting Commission for Schools – Western Association of Schools and Colleges, валидна во текот на следните шест години. Ова е огромно постигнување за нашата Гимназија и за она што таму го работиме. ACS WASC значи дека Училиштето нуди настава со високо ниво на квалитет, настава која ги подготвува учениците во нивниот формативен период и која им го олеснува едукативниот процес во нивниот понатамошен живот. Нашата настава се заснова на државните наставни планови и содржини пропишани од нашето Министерство за образование, но она што ја издвојува е што се спроведува на англиски јазик, со примена на современи наставни методи. Имаме тим на прекрасни професори кои имаат разновидно образовно искуство, и локално и меѓународно, и кои им се навистина посветени на учениците. Работиме на тоа да создадеме пријатна и позитивна атмосфера за учење, раст и развој, и секој ученик да има индивидуален пристап. Се трудиме да ги негуваме нивните разлики и да ја почитуваме нивната индивидуалност, со цел да им овозможиме што побезбеден средношколски период и премин кон светот на возрасните. Она на што исто така сме исклучително горди е програмата за Меѓународна Матура – IB Diploma Programme, која ја почнавме минатата година и која на учениците им нуди настава на повисоко академско ниво и поинтензивна работа. Наставата и во оваа група се одвива на англиски јазик, а во предметите се вклучени и проекти за креативност и општествено одговорна работа. Дипломата што учениците ја добиваат со оваа програма е нешто што им ги олеснува апликациите на огромен број интернационални универзитети, а на дел од нив дури им носи и одреден број кредити во текот на подоцнежното студирање. Учениците во нашето Училиште се неверојатни, креативни и полни со ентузијазам, и навистина е задоволство да се работи со нив и да се следи како растат и стануваат прекрасни млади луѓе.
За вашата филантропска работа и општествено одговорни практики Ви беше врачена државната награда „Мајка Тереза“. Кога започнавте со проекти и работа во областа на хуманоста и човечката солидарност?
Јас доаѓам од семејство во кое помошта и служењето биле нешта што отсекогаш се правеле и негувале, и тоа се нешта што кај мене се подразбираат, така што порасната сум во средина во која, кога некому му треба помош, се помага, и тоа искрено, посветено и без очекување нешто за возврат. Сметам дека сѐ она што го знам и имам не треба да го чувам за себе, туку да го споделам со другите и да им помогнам. Од тие побуди, во рамки на Фондацијата за подобра едукација беше промовирана и Наградата Крлиу за талентирани студенти, во чест и спомен на мојата мајка, која кај мене ги всади овие вредности и го мина целиот живот посветена на помагање. Исто така, она што мене посебно ми значи е што пред мојот 40-ти роденден, заедно со целата УАКС заедница успеавме да организираме и обезбедиме 40 дела на помош и љубезност, бидејќи бев мотивирана да заокружам една фаза од животот во една емотивна приказна за хуманост, помош и љубов. Општествено одговорната работа е принцип што го применуваме и во самите студии на УАКС и на часовите во АХСС, и голем дел од задачите што ги работиме со студентите се токму вакви донации, готвење, чистење и останати видови помош за заедницата.
Во нашето општество жените најчесто се етикетираат по животните улоги и тие често се сметаат како единствен показател за дефинирање на личноста на жената. На кој начин според Вас жените можат да си ја подобрат својата улога во македонското општество?
Не сум љубител на етикети и ми пречи кога човек се сместува во рамките на една или друга етикета. Доаѓам од семејство на различни идентитети по разни основи и моите ќерки ги учам на тоа да ги гледаат луѓето според срцето, како луѓе сами за себе, а не како припадници на надворешни идентитети. Оттука, не ми се допаѓаат ни етикетите што им се припишуваат на жените во животот и доволноста или недоволноста на жената доколку одлучи да прави едно или друго. Слободниот избор е врвен принцип по кој се водам и по кој сакам и мене да ме гледаат. За среќа, околу себе имам луѓе кои се токму такви и кои ме ценат и ме сакаат, без оглед на сѐ. Општествено, жените токму така и треба да делуваат, да ја практицираат слободата што веќе ја имаат и да не прифаќаат да живеат по други, туѓи правила и принципи. Бидејќи, само кога се следи срцето може да бидеме искрени, автентични и вистински свои.
Секој накит дава можност жената да покаже дел од својата личност без да се изусти ни збор. Кое парче накит најдобро го покажува Вашиот карактер?
Затоа и бирам сафир, бидејќи е симбол на вистината, искреноста и посветеноста, а истовремено е и камен на мудроста, моќта и силата.