Д-р Гордана Петровска, со години е движечка сила на Одделот на гинекологија и акушерство во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Таа на свет донела илјадници бебиња, грижејќи се мајките да имаат здрава и безбедна бременост. Нејзината професионалност и стручност е силно оружје во борбата против болестите кои го загрозуваат репродуктивното здравје на жената.
Вие се грижите за репродуктивното здравје на илјадници жени и девојки и многу посветено и грижливо ја вршите оваа благородна професија. Како се одлучивте за гинекологија и акушерство од многуте медицински области?
Предизвик, адреналин и желба за истражување се мои вродени особини. Во училишните денови најлесен предмет ми беше математиката и на изненадување на моите родители кои беа убедени дека ќе бидам инженер и ќе ја продолжам семејната професија, избрав да се запишам на Медицинскиот факултет со цел да станам гинеколог. Раѓањето на нов живот, со миксирање на гените од двајца родители, ми беше нешто непознато и го гледав како интересно поле за истражување. Секогаш тврдам дека не е важно што работиш, туку тоа што го работиш да го сакаш и да се трудиш да го сработиш најдобро што можеш. За среќа, не згрешив во изборот. И денес, по 27 години од моите почетоци во гинекологијата и акушерството, со иста љубов, желба и многу адреналин ја вршам мојата професија.
Постојано се реализираат различни кампањи за важноста на гинеколошките, превентивни прегледи и редовната посета на специјалист. Каква е моменталната состојба кај нас, постои ли свест за грижа за репродуктивното здравје?
Моменталната состојба за грижата за репродуктивното здравје во нашата држава, за жал, не е на завидно ниво и на ова поле има многу работи што можат да се подобрат. Акцентот би го ставила на младата популација, која информациите најчесто ги добива од другарки, социјални мрежи, непроверени сајтови. Мој предлог е едукацијата да почне уште во основното училиште, а особено да се обрати внимание кај средношколците. Запознавањето со своето тело, здравиот живот, грижата за спречување на сексуални болести, сексуално преносливи инфекции и несакани бремености, не смеат да бидат табу-тема во училиштата и домовите. Секоја девојка треба да биде информирана дека доколку има проблеми со менструалниот циклус (времетраење, изостанок, болки) треба да го направи првиот контакт со гинеколог. Кога ќе решат да почнат сексуален живот, девојките треба да посетат гинеколог, кој ќе ги советува како да се грижат за своите репродуктивни органи и важноста на редовните гинеколошки прегледи, минимум еднаш годишно. Иднината на секоја држава е во младината и ние мораме да најдеме начин да поставиме сериозни темели што ќе донесат евидентно подобрување на репродуктивното здравје во иднина.
Стресното секојдневие, брзиот начин на живот и загадената животна средина се фактори што многу влијаат на низа гинеколошки болести. Кои превентивни чекори може да ги преземе секоја жена?
Стрес, пандемијата со КОВИД, разни вируси, болести, војни, брзо темпо на живот, загадување на животната средина, борбата за преживување, сите овие работи, за жал, ни станаа секојдневие. Секако дека дејствуваат негативно. Меѓутоа, голем дел од овие проблеми ги имало и наназад низ вековите, а сепак човештвото опстоело. Не постои оправдување за негрижа кон сопственото здравје во ниту една ситуација. Посетата на гинеколог еднаш годишно спасува животи. Секој може да најде 20 минути време за гинеколог минимум еднаш во годината. Во 21 век е недопустливо да почине жена од карцином на грло на матка, кога тој се детектира многу порано пред да стане карцином. Во светот има развиени земји каде што таа болест е запишана во историјата. Апелирам до сите жени од сите возрасти еднаш годишно да направат ПАП-тест и ултразвучен преглед. И сите што имаат какви било симптоми, како болки во малата карлица, ирегуларни крвавења, засилен вагинален исцедок, какво било крвавење во менопауза да се јават веднаш на преглед и да слушаат совети и препораки само од стручни лица.
Во последниве години, често се нагласува потребата од свесно мајчинство и здрава бременост. Кои чекори, тестови и подготовки треба да ги преземе секоја жена која сака да стане мајка?
Времето кога треба да се реализира мајчинството е секогаш горлива тема. Кариери, желба за слобода, финансиска несигурност, ги поместија границите и се соочивме со повисок процент на неплодност. Причината за тоа е еднакво полово застапена. Пријатно сум изненадена од растот на бројот на пациентки кои доаѓаат да се подготват пред планираат бременост. Тие го прават основниот гинеколошки пакет, плус микробиолошки брисеви. Се разговара за придружните болести, за суплементи што треба да ги земаат пред бременост, како и промените на начинот на живот и исхрана. Свесноста за здраво поколение полека но сигурно расте.
Секое парче накит стои различно на различна жена и раскажува различна приказна. Каков накит носите и што ви е важно кога го купувате?
Секогаш ја преферирам елеганцијата како мој моден стил. Накитот е мој неизоставен сопатник секаде, а најчесто го избирам во зависност од пригодата. Со оглед на тоа што мојата облека најчесто е моноколоритна, со најголемо задоволство одбирам впечатлив накит со камења во боја. Едноставно, кога ќе го видам во излог знам дека тоа сум јас. Накитот мора да има идентитет на личноста што го носи.