Широка насмевка, добри манири и внимателно одбрано парче накит може да биде показател на енергијата, духот и личниот печат што го остава секоја жена.„Smaragd1969“ е синоним за префинет, елегантен накит со врвен квалитет, препознавајќи ја инспиративноста на секоја од овие дами, ја создаде кампањата „Безвременска инспирација.
Безвременска инспирација – Марија Худолин
Марија Худолин не случајно е избрана за заштитно лице на компанијата Смарагд 1969 и е дел од оваа кампања. Таа е со потекло од Босна, но поради кариерата на нејзиниот сопруг кој е дипломат, има живеено во голем број на градови и држави. Во нејзината кариера била познато телевизиско лице, моделка, сопственичка на компанија Baby Boo, која произведува органски производи за бебешка и детска кожа и блогерка, авторка на блогот MatherHudolin каде го споделува нејзиното искуство од растењето на нејзините четири деца.
Марија, вие имате импресивна биографија, магистриравте односи со јавност, работевте на телевизиски проекти, сте работеле на многу проекти како модел, имате сопствен бизнис и блог „MatherHudolin“, каде што го споделувате вашето искуство од растењето четири деца. Кои професионални ангажмани најмногу ве исполнуваат?
Современото време во кое живееме, во однос на системот во кој растевме и се образувавме, во голема мера ги олеснува можностите за менување на нашите работни интереси и за стекнување нови вештини. На мојот професионален пат во голема мера имаа влијание и моите одлуки што не се поврзани со кариерата. Во изминативе десет години, колку што сум заедно со сопругот, одлучив да се посветам на растењето и на грижата за нашите четири деца, па затоа на некој начин ја запоставив мојата кариера. Ама, затоа сега, иако можеби ќе звучи неверојатно, точно го чувствувам нивното разбирање за мојата динамична работа, иако сè уште се деца. Денес сум исполнета зашто моите лични теории и интереси, изменети и усовршени, ги применувам во практиката.
Моментално, Скопје е ваш дом, а поради дипломатската кариера на вашиот сопруг сте живееле во многу градови. Како ви се допаѓа Македонија и што најмногу ви недостига од вашиот дом?
Поради работата на мојот сопруг често се селиме и можам да кажам дека можноста да патуваш со семејството и да живееш во различни градови е многу голем предизвик, но и носи неизмерна радост. Спомените на некое место или некој определен период можат да бидат многу моќни. Тој спомен вткаен е во нас, како бескрајна нишка и не нè напушта, а ние сме врзани за приказните што сме ги создале, кои сме ги живееле. Прва ноќ во новиот дом, прва шолја кафе, првото цвеќе од нашата градина, првата саботна прошетка… Секој дом ни е исполнет со нова приказна, која заедно ја откривавме. Со текот на времето научив дека животот е составен од малите работи што ги правиме и кои нè опкружуваат, на пример набљудување на моите деца додека пеат празнични песни или делење на полноќната ужина со мојот сопруг, само ваквите мигови се вредни и навистина убави. Семејството ми носи мир и спокој и поради нив секој нов град ми е убав како разгледница. Секој град ми ги подава рацете, зашто знам каде и да одиме, ќе го земеме нашиот дом. А домот е таму каде што е семејството. Некогаш, кога ќе помислам на Скопје, на зелениот двор од нашиот дом, каде што децата безгрижно ни растеа, на прекрасните луѓе кои ги запознавме тука, на улиците по кои шетавме, ќе помислам дека таму бевме среќни.
Вашиот блог нуди многу корисни совети, отвора многу теми за здраво и посветено родителство. Кои ви се најважните начела во воспитувањето на вашите деца?
Мислата за моите деца е мисла за најубавото нешто во мојот живот. Откако станав мајка сфатив дека воспитувањето на детето почнува од анализата на себеси како родител. Кога се доведов себеси во ред, почнав да го анализирам моето однесување со децата, па потоа нивното однесување. Децата ќе научат да се однесуваат како што треба, ако ние им покажеме како. Моментално, главна „игра“ ни е одењето по тенка линија, како да не им го скршиме индивидуалниот дух и истовремено да ги воспитаме. Веројатно еден од најголемите предизвици на родителството е да разберете дека пред себе имате мали битија што поседуваат некои ваши особини, но се потполно независни од вас. Дух што има свој идентитет, карактер, енергија и чувствителност. На крајот, можеме да се штедиме во сè, освен во љубовта. Ги учам дека љубовта ќе им помогне, без разлика колку е суров светот околу нив, ќе им помогне да трагаат по светлост во себе и во другите. Кога ќе ги погледнам, се надевам и посакувам сè што правиме дека ќе биде доволно да станат луѓе кои ќе му се потребни на овој свет во иднината.
На македонскиот пазар го пласиравте козметичкиот бренд „Baby Boo“, кој нуди органски производи за нега на бебешката и детската кожа. Кои се предностите на овој бренд и што се придобивките од редовното користење?
Нашите производи можат да се најдат на македонскиот пазар во аптеките „Зегин“ и навистина се радувам поради присуството на македонскиот пазар. „Baby Boo“ е приказна зад која стојат две мајки, кои ги поврзува заедничка цел, а тоа е желбата за здрав живот за себе и за своето семејство преку враќање кон природата. Ова е приказна што се темели на љубов, нежност, одлучност, грижа и бескомпромисност. Вложивме многу време во создавањето на формулите и нивно тестирање. Пронајдовме квалитетни и сигурни состојки и се осигуривме дека секоја состојка ги задоволува најстрогите светски стандарди за сигурност. Создадовме тим од прекрасни луѓе, стручно обучен и по една година работа на формулите нашите производи се најдоа на полиците во многу продажни места во регионот и во земјите низ Европа. Ние, како компанија, веруваме дека одговорот за секоја потреба на луѓето може да се најде во природата. Производите на „Baby Boo“ се без сулфати, бои, парабени, формалдехиди, силикон, минерални масла и алергени, природни се и органски, со високосертифицирани состојки. За многу кратко време станаа синоним за здрави и ефикасни производи. Најдоброто од природата, најдоброто од нас.
Вие сте заштитно лице на една од најдобрите компании за накит на нашиот пазар. Како дојде до оваа соработка и каков накит приватно сакате да носите и да купувате?
Најголемиот благослов што може да го доживее секоја жена е обожавањето, разбирањето на убавината, нежноста, силата, пожртвуваноста и креативноста на нејзиното женско битие. Моето воодушевување од накитот на „Смарагд“ се случи токму поради тоа што во него ги препознав сите овие елементи, го препознав славењето на женственоста и со прекрасните луѓе кои стојат зад овој бренд „кликнавме“ веднаш. Некои денови сум жена со несредена пунџа, која ја пее омилената песна, некогаш сум зафатена со впарување на детски чорапи и тоа е сосема во ред, зашто во други денови сум жена со совршена фризура, со беспрекорни салонки и омилено парче накит од „Смарагд“.