Владата на вчерашната седница го усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик чиј предлагач е Министерството за култура, пренесува Радио Моф.
Со Предлог-законот се предлага да се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстовите што се објавуваат, како и документите издадени од институциите. Задолжително лекторирање врши само лектор со лекторска лиценца.
„Новина што се воведува со овој предлог е обврската за задолжително вработување лектори во органите на законодавната, на извршната и на судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во други држави и во меѓународни организации, во органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и институции и во медиумите регистрирани во Републиката“, велат од Министерството за култура.
Оттаму додаваат дека со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик. За вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.
Од Министерството за култура посочуваат и дека со Предлог-законот, имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство (јазикот како духовно, нематеријално културно богатство), се пропишуваат глоби со трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби.
„Иако постојниот Закон за употреба на македонскиот јазик од 1998 година постигна позитивни ефекти во подигањето на јазичната култура во државава, сепак во практиката сè повеќе се забележува непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера“, додаваат од Министерството.
На денешен ден, пак, во 1945 година била усвоена македонската азбука. Народната влада на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета донела решение за утврдување на македонската азбука која има 31 буква. Азбуката прв пат била отпечатена во весникот Нова Македонија број 104 од четврти, петти, шести и седми мај 1945 година. До ден денес азбуката е непроменета.