Појадок
Потпечено лепче со авокадо
Потребни состојки:
2 лепчиња полнозрнест леб
2 лажици урда
1 лукче
1 лажица грчки јогурт
1/2 зрело авокадо
1 лажица закиселен кромид
Постапка:
Се потпекува лебот во тостер.
Во длабок сад се меша урдата, грчкиот јогурт, ренданото лукче и солта, доколку не е солена урдата. Се премачкуваат лепчињата со таа смеса, па се додава авокадо, закиселен кромид и потпечен црн сусам.
Ручек
Печена леќа со пилешко и салата
Потребни состојки за леќата:
1 шолја црвена леќа
1 шолја басмати ориз
1 кромид
1 страк праз
1 пиперка
1 морков
3 чешниња лук
3 лажици доматно пире
2-3 лажици црвено песто
Се пропржува ситно сечкан кромид, праз и пиперка, па се додава рендан морков. Кога убаво ќе омекне сѐ, се додава ситно сечканото лукче, доматното пире и пестото. Леќата и оризот се покиснуваат минимум неколку часа претходно, а убаво е и преку ноќ. Се одмиваат убаво и се додаваат кај другите состојки. Се зачинува убаво со сол, бибер и лук во прав и се додава вода, малку над целата смеса.
Се пече во загреана рерна на 200 Целзиусови степени околу 20 до 30 минути.
Се послужува со печено пилешко, марула, закиселена зелка и потпечени пињоли.
Вечера
Салата од модри патлиџани
Потребни состојки:
2 средни модри патлиџани
1 среден кромид
1 шолја грчки јогурт
1 зелен лимон
Кари, сол, бибер
Свеж босилек
Маслиново масло
Калинка
2 лажици потпечени јатки
Постапка:
Се сечат модрите патлиџани на тркалца, се посолуваат и се оставаат пет до десет минути. Се брише водата од нив и се зачинуваат со маслиново масло, сол и бибер. Се печат околу 40 до 45 минути на 200 Целзиусови степени. Во меѓувреме се подготвуваат другите додатоци. Се сече кромидот на полумесечинки и на тивко се запржува, со сол и кари, додавајќи по малку вода во процесот, додека не се карамелизира убаво. Зелениот лимон убаво се измива, се ренда неговата кора и се трга настрана (за декорација на крајот), а половина се цеди и се додава на грчкиот јогурт, заедно со мала лажичка кари. Сѐ убаво се меша.
Се послужува редејќи го модриот патлиџан, па сосот од грчки јогурт. Потоа се става од карамелизираниот кромид, потпечените јатки, калинката, кората од зелен лимон и малку свеж босилек.