Една тура на Душица Мато и Маја Чубриќ од Охрид до селото Горно Коњско на Галичица резултирала со TrekkMe што нуди организирани тури до Галичица, незаборавни зајдисонца, поглед на Охрид и Охридското езеро и превкусна храна. Но девојките за време на карантинот и полицискиот час почна да прават и домашен мармалад од портокал по италијански рецепт 🙂 Плановите и желбите на девојките не завршија тука, а ние поразговаравме со нив за остварувањето на нивните соништа.
Раскажете ни ја вашата приказна, почетоци, запознавање, идејата зад TrekkMe…
Досега, нашата приказна „испишала“ многу страни, ненапишани… Малку се страници, многу се зборови 🙂 Како девојки кои многу ја сакаат природата, пред неколку години почнавме рекреативно да пешачиме (планинариме) и да ги откриваме убавините на нашата Галичица. Првиот „клик“ беше селото Горно Коњско кое се наоѓа во подножјето на планината , а кое впрочем го најави и почетокот на нашата „Oдисеја“… првата мини пауза за кафе во шармантната тераса „Утарна“ траеше неколку часови, го испивме кафето но не и целата убавина на ова село малку подзаборавено, мистично и мошне автентично. Погледот на Охрид и Охридско Езеро од 1.100 м.н.в. е навистина бесценет и единствен. Носталгично беше секое разделување со зајдисонцата тука, но утешително дека повторно ќе се вратиме.
Еден ден после неколкучасовното пешачење, малку уморни, средувајќи ги впечатоците (секогаш различни и убави), дојдовме до идеја да пробаме истото да го правиме со група луѓе кои би платиле симболична сума условно кажано за услугата. Нè понесе разговорот, а идејата и возбудата уште повеќе. Без многу напор, спонтано дојде и TrekkMe (trekking – пешачење и mе -јас, што во слободен превод би значело „пешачете со нас“). Брендот понатаму станува препознатлив по двете девојки планинарки кои водат домашни и странски туристи на трекинг тури во Националниот парк Галичица.
Единствен канал за понуда и продажба на нашите тури беа социјалните мрежи – Инстаграм и Фејсбук. Така се случи и првата група странски туристи од Шведска. Неопислива беше радоста и исчекувањето на договорениот ден за тура со осуммината Швеѓани. Неискусни, а среќни, ги поздравивме на кејот на Охридско Езеро, ја договоривме рутата и тргнавме преку село Велестово, Шипокно сè до Горно Коњско. Закуската со домашно подготвена и традиционална храна од вредните раце на Ирена (сопственичка на тераса „Утарна“) и домашното вино и ракија само ги доодушеви нашите први гости….а за нас, тоа беше потврда дека сме ја одбрале работата од соништата…..
Околу запознавањето…се знаевме одамна, пораснати сме во стариот дел на Охрид, Варош и Канео…Но,секоја од нас со својот избор и животен пат, јас Скопје, Душица Италија. После долго време, се среќаваме на плажата Канео, каде си ги подраскажавме нашите патешествија и си го возобновивме пријателството. За после некоја година, јас да одлучам да му се вратам на Охрид засекогаш, а Душица иницијално привремено 😊……Оттогаш сме најблиски другарки приватно и dream team во бизнисот.
Подготвувате вкусни мармалади по оригинален италијански рецепт. Зошто баш мармалад од портокал и како стигнавте до рецептот?
Ова е навистина симпатично прашање😊
Карантин, вишок слободно време и бум на вкусни јадења ги преплавија социјалните медиуми. Неколкуте останати портокали во фрижидер беа доволна причина Душица да го примени нејзиното знаење од италијанската кујна и да го направи (не за прв пат) магичниот мармалад од портокал кој значеше ширење на нашиот мал бизнис и започнување со домашно производство.
Неколку тегли вкусно мармаладче, скромно и симпатично завиткани со италијански весник го прошараа инстаграм профилот на TrekkMe со hashtag #TavolaBiancaToday што во превод би значело „денес на белата маса“ (стара бела масичка која ја направил мојот дедо). Следуваа коментари, пофалби и првите нарачки 😊
Првите две продадени тегли за време на полициски час и пороен дожд, е тоа не се заборава. Оскар, италијанскиот шармер со македонски манири, кученцето на Душица и нашата вечна инспирација беше главното алиби за „прошетка“ т.е. достава на теглите….забавно зарем не? Навистина вкусниот рецепт го донесе Душица од Италија, заљубена во вкусот и мирисот на мармаладот од портокал кој за прв пат го пробала токму таму. Основните состојки се само 2 , портокал и шеќер, меѓутоа круцијалната не ја пишува никаде, а не ја кажуваме и ние 😊
P.S. TrekkMe е во процес на ребрендирање, како логична одлука под исто име да ги нудиме и продаваме и турите и домашните производи…stay tuned…
Што друго нуди Тrekkme?
TrekkMe освен од портокал, нуди и мармалад од грејпфрут за љубителите на горкиот цитрус, а најново и природно сушени домати на сонце во масло. Покрај мармаладите, правиме и кандирана кора од портокал и грејп на што сме особено горди бидејќи се придржуваме и го применуваме концептот на zero food waste. Благиот асортиман планираме да го прошириме само со уште еден вкус , но за тоа потоа.
Како би се опишале себе, што најмногу ве инспирира, восхитува, смирува…?
Генерално, луѓето знаат да бидат скромни опишувјќи се себе си, но со нас тоа не е случај 😊 Многу едноставни сме како како личности, сакаме луѓе и нè сакаат (некои повеќе некои помалку) Оние најблиските, велат убаво и лесно се чувствува човек во ваше друштво, тоа го гледаме и навистина се радуваме. Не сме воопшто скромни во однос на нашите планови за иднина, МНОГУ се и ГОЛЕМИ. Лајтмотив сме си самите ние, едноставно не води нашата приказна.
Инспирација наоѓаме секојдневно и насекаде. Мислата за првото утринско кафе со поглед, маратонските разговори и планови за денот се доволна причина за радост и возбуда истовремено. Во неврзан разговор со домашните, добиваме и по некоја критика заради работното време кое некогаш знае да трае и по 28 од можни 24 часа 😊 Но кога се работи со ваква жар и љубов она што го сакаш, задоволство е раното станување и легнувањето доцна. Се восхитуваме на луѓе со широко срце, со лесна мисла, ненаметлива енергија, со добра намера….на луѓе кои нас ни се восхитуваат, едноставно на ЛУЃЕ. Можеби некому ќе звучи чудно, но нашата работа и моментална преокупација е нашиот мир. Така полесно дишеме, така знаеме дека постоиме, така го храниме духот и креираме.
Не би биле ние доколку ретко слободните денови не ги искористиме на некоја од нашите планини, велелепните Галичица или Јабланица.
Како наоѓавте желба и инспирација за работа во карантинот и што научивте?
Хмммм…карантинот и целата ситуација од каде тој се наметна како неизбежен, впрочем го најави почетокот на нашата нова креативна бизнис приказна. Дефинитивно, ќе го паметиме по добро. Првите консументи на мармаладчињата, првите заработени пари условно кажано „на шала“ и новата преокупација.
Научената лекција беше едноставна: нема ништо невозможно, недостижно, имагинарно доколку одлучиш да им веруваш на своите мисли. Сонувај!
Со оглед на тоа што се занимавате со рецепти и храна, дали имате омилено јадење, омилена кујна?
Во однос на храната и двете сме само љубители на вкусно, здраво и убаво на изглед…само што Душица малку повеќе е по благи задоволства, јас овошни. Последно време знаеме да си направиме и домашен крем од лешник, здрава и вкусна алтернатива за слатко. И да, чашка винце неизоставно во знак на уште еден убаво завршен продуктивен ден.
Многу природно и често на мени се италијанската и нашата кујна. Не секогаш само стриктно една или друга, туку нелогична ама вкусна мешавина од двете кујни како на пр.омиленото охридско ѓеврече во комбинација со нашите сушени домати, рукола и козјо сирење. А десертот го претпоставувате, нели?!
Која е идејата зад Tavola Bianca и што ќе нуди?
Tavola Bianca ги живее официјално првите денови, а за нас секогаш ќе биде само „белата маса од дедо“ 😊 Името го доби пред неколку години, прв пат кога ја видовме во мојот двор – стара, изгребана, заборавена, убава и секако бела. Оттогаш стана омилена за нас и нашите блиски луѓе, а од неодамна e дел платформата за паметен туризам „Genuine Experiences“ како „private dining“ искуство. Станува збор за уникатно доживување со поглед на Охридско езеро и црквата Св.Богородица Перивлепта, за кое не се доволни само зборови, едноставно треба да се искуси. Доколку ова беше доволно само да ги заинтригираме вашите читатели, слободно нека кликнат на официјалната страна genuinexperiences.com и нека ја побараат „Tavola Bianca“ , тоа сме ние…… 😊