Од 13 Ноември во галеријата Кунихан во Бранзвик Мелбурн, Австралија ќе биде поставена изложбата “Траги и сеќавања” на македонските уметници Дарко Алексовски, Сашо Станојковиќ, Марјан Стојковски и Виолета Чаповска, а кураторка на изложбата е проф. др. Сузана Милевска.
Изложбата Траги и сеќавања опфаќа различни уметнички позиции кои поставуваат тешки прашања за различните видливи траги од минатото и за невидливите лични и колективни сеќавања. Додека трагите обично се сметаат за визуелни остатоци и последици од одредени минати дејства или предмети во сегашноста, сеќавањата воспоставуваат когнитивни односи помеѓу минатото и сегашноста. Преносот на споделените спомени меѓу генерациите ни помага да ги утврдиме значењата на одредени настани од минатото, дури и ако не сме ги доживеале. Поканетите уметници се осврнуваат на различни повеќеслојни спомени кои постојано се превреднуваат бидејќи нишките меѓу материјалните и мнемониските траги се испреплетуваат и постепено се заматуваат од мовта на преостанатите фрагменти. Изложените дела ги разгледуваат начините на кои се испреплетуваат сеќавањата на личните и историските настани и ги преиспитуваат начините на кои личните наративи ги инкорпорираат остатоците од општествено-политичките турбуленции и долготрајните општествени промени. Изложбата се разви во контекстот на современите критички дискусии околу неколку актуелни теми како што се личните и колективните мемории, природното и културното наследство, историските и општествените промени, културните идентитети и разлики, и сл. Авторите ќе ги презентират делата изведени во различни медиуми: графики, фотографии, објектни и видео инсталации, како и партиципативни проекти.