Патот на Дрита до најдобра македонска атлетичарка не е лесен и едноставен, впрочем како и за сè со епитетот најдобар. Нејзиниот успех се заснова на голема дисциплина и многу работа, многу тренирање, за да се постигне посакуваниот резултат и да се оствари следниот сон, Олимписките игри во Париз во 2024 година.
Со години сте најдобрата македонска атлетичарка, а учествувавте и на Олимписките игри во Рио во 2016 година. Но, да почнеме од почеток. По што го паметите вашето детство и од кога почнавте да тренирате атлетика?
Имав десет години кога почнав да се натпреварувам првпат во моето училиште, а на 12 години се регистрирав во атлетски клуб, каде што почнав да тренирам професионално. Како мало дете секогаш сум сакала да бидам брза и да бидам прва, па сум ги победувала и машките. Имав силен карактер уште од мала, сакав да тренирам нешто, па се одлучив за атлетика, бидејќи имавме клуб во нашата општина. Секако, не претпоставував дека ќе стигнам дотука, никогаш не помислив дека ќе успеам толку во овој спорт, но атлетиката е половина живот за мене. Имам 25 години, а 13 години тренирам, секој ден на градскиот стадион, и се чувствувам како да е мојот втор дом.
Како изгледаше вашето растење во еден врвен спортист низ годините? Што научивте и какво искуство стекнавте и на патеките за трчање, но и надвор од нив?
Како прво, спортот те гради како личност, а мене атлетиката многу ми помогна да се изградам како карактер, ме научи да бидам самостојна, независна, ме научи да работам беспрекорно секој ден, да бидам дисциплинирана, да се радувам на победите и да учам од поразите. Секој ден, секоја трка е ново искуство и учам по нешто.
По што ќе ја паметите Олимпијадата во Рио?
Секако дека Олимпијадата е најдоброто искуство што сум го имала досега, секој спортист сонува да учествува на Олимписки игри. Можам да кажам дека бев малку млада да се соочам со толкав голем притисок и толку силна конкуренција, но научив многу од таа трка и многу сум поподготвена психички во другите помали трки. Имав и други добри моменти каде што уживав, на пример отворањето на Олимписките игри, една церемонија што нема да ја заборавам никогаш.
Какви услови нуди нашата земја за развој на жените атлетичарки? Дали некогаш сте се почувствувале дискриминирано кај нас или надвор од нашата земја?
Да бидам реална, сега имаме многу подобри услови отколку кога почнував. Тоа што претседателката на атлетската федерација е жена не остава простор за дискриминација кај жените. Напротив, ги мотивира жените тренери и атлетичарки повеќе да се занимаваат со овој спорт. Тренирам најнормално без проблем, без предрасуди, но мислам дека луѓето се навикнати на моите резултати и не оставам простор да се коментира за друго освен за успеси.
„Трчаш како девојче“, наспроти стереотипното значење, сега се претвора во силен синоним за можностите и моќта на жените ширум светот да ги остваруваат своите цели. Дали сметате дека кај нас се обрнува доволно внимание на жените во спортот, особено ако се покажат успешни или сè уште доминираат мажите и на тоа поле?
За жал, нема многу жени кои тренираат професионално во нашата земја, но и тие што ги имаме се мошне успешни, дури и поуспешни од мажите. Можам да кажам еден мој пример, оваа година постигнав историски успех најдобар резултат во атлетика во 21 век, европска норма како прв атлетичар и во машка и во женска категорија. Успеав да соберам 1.095 бодови на ИААФ- табелата, која е рамноправна за сите, а најуспешниот маж успеа да собере само 1.057, што е голема разлика во атлетиката. Со ова сакам да кажам дека не доминираат веќе мажите, имаме многу успешни и силни жени на сите полиња. Никогаш не треба да се омаловажува моќта на жената.
Омилена атлетска дисциплина ви е 400 метри со пречки, но за да се постигнат вашите резултати потребна е голема волја, упорност и тренирање. Што ви е најголем предизвик при тренирањето?
Атлетиката е интересен спорт, се бориш со времето и, нормално, мене ми е предизвик секој тренинг да го подобрам моето време да трчам побрзо за да успеам истото да го повторам на натпревар. Треба да го даваш својот максимум, да ги поправиш грешките, бидејќи трката е кратка, помалку од една минута и нема простор за поправање. За да постигнеш одлични резултати потребно е големо жртвување. Шест месеци пред последната трка не правев ништо друго освен што одев на тренинг по двапати дневно. Бев многу мотивирана, бидејќи бевме слободни, имавме услови за тренинг, а минатата сезона со пандемијата помина катастрофално и едвај чекав да почнат натпреварите и да трчаме како порано, без рестрикции.
Дали имате некои атлетичари/атлетичарки на кои им се восхитувате?
Се восхитувам на Алисон Феликс, Американката која има најмногу олимписки медали во машка и во женска конкуренција, најуспешна атлетичарка во историја, која откако стана мајка пак зема уште два медала на Олимписките игри во Токио.
На што работите моментално? Која ви е следната цел?
Моментално се подготвувам за следната сезона, ме очекуваат големи натпревари, Светското првенство во САД, Медитеранските игри во Алжир и Европското првенство во Минхен, за кое си ја постигнав нормата уште од ова лето на Европскиот куп во Кипар, што беше воедно и државен рекорд. Секако дека мојата најголема цел е да ја претставувам државата на Олимписките игри во Париз 2024 со норма. Уште отсега работам во тој правец и верувам дека ќе ја постигнеме целта заедно со мојот тренер, Александра Војнеска Зикова.