„Ткаени идентитети / Од Жупа до светот“ е проект и изложба на дизајнерката Јана Ацевска, која твори под брендот KAPKA, и е дел од нејзиниот поширок концепт „Рефлексии“.
„Рефлексии“ е концепт инспириран од естетиката и наследството на традицијата, кои преку современ дизајнерски пристап добиваат нов израз. Во неговиот фокус се традиционалните рачни вештини на жените од руралните средини, наследени и пренесувани од генерација на генерација. Истовремено, „Рефлексии“ има и силна социјална димензија, насочена кон економско јакнење на жените преку вреднување, развивање и промовирање на нивните знаења и рачни вештини како потенцијал за создавање нови можности и одржливи извори на приход.

Главниот фокус на проектот „Ткаени идентитети“ е изработката на современо авторско дело, ѕидна декорација, односно таписерија, создадена преку употреба на традиционални текстилни техники што ги поседуваат жените од Центар Жупа. Делото е инспирирано од свадбената носија од село Новак, Горна Жупа, од нејзините карактеристични елементи, орнаменти, текстури и визуелна естетика како иукрасувањетона лицето на невестата.



Завршеното дело беше претставено пред јавноста на изложба во Центар Жупа, на 23 август 2026 година, со што процесот на истражување, заедничка работа и создавање беше заокружен со негово јавно презентирање токму во средината од која произлегува неговата инспирација.
Соработката се реализираше со жени од Центар Жупа, членки на здружението „Радика Де“, кои во процесот ги внесоа своите знаења и вештини во изработката на делото. Така, нивните традиционални техники стануваат основа за создавање современа ѕидна композиција, во која се среќаваат локалното наследство и авторскиот дизајнерски израз.
Проектот не се стреми кон репродукција на традицијата, туку кон нејзина современа интерпретација. Преку материјалите, техниките и рачната изработка, традиционалното знаење добива нова форма и нов контекст, а жените кои го носат тоа знаење стануваат активни учесници и коавторки на креативниот процес.



Во рамките на изложбата беше презентирана и свадбената носија од село Новак, Горна Жупа, која претставуваше директна инспирација за создавањето на таписеријата. Посебно внимание кај посетителите предизвика демонстрацијата на традиционалното украсување на лицето на невестата, специфичен и впечатлив обичај кој, покрај својата естетска вредност, носи и значајна симболика. Демонстрацијата им овозможи на посетителите непосредно да се запознаат со еден малку познат, но исклучително интересен дел од свадбената традиција на Горна Жупа.
„Ткаени идентитети“ зборува за идентитетот како нешто што се наследува, но и повторно се создава. Како и ткаенината, тој се гради нишка по нишка, од знаење, сеќавања, лични приказни, рачни вештини и културно наследство.



Преку оваа соработка, традицијата излегува од својата вообичаена рамка и станува дел од современиот дизајн.Од носија до таписерија, од наследена техника до современо дело, „Од Жупа до светот“ ја отвора можноста локалното знаење да добие нов живот и да биде видено и разбрано во поширок современ контекст.
Ткаени идентитети / Од Жупа до светот е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија кој се имплементира од Хартефакт Фонд
„ Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хартефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.“






