Бањата како најмала просторија во домот навидум е лесно да се уреди и често се запоставува. Доколку сакате да постигнете беспрекорен дизајн потребно е добро планирање на просторот. Од Ателје Проектинг споделија неколку важни чекори во уредувањето за бањата да биде функционална и хармонична.
Плочки со најголем ефект
Плочките во бањата се базата, со нив се доловува целокупниот впечаток за просторот. Ако просторот е поголем може да се одберат плочки со покрупен „дизајн“, но доколку имате мала бања, најдобар избор се еднобојни плочки или со дискретен дезен. Најчесто подните плочки треба да се со иста или потемна боја од ѕидните. Необичен дизајн се постигнува со плочки со 3Д дизајн, ориентални мотиви, дизајн на дрво, мозаик плочки и сл. За успешен дизајн на бања потребно е изборот на плочки да го направите во согласност со санитариите, галантеријата и останатите елементи во просторот.
Туш или када?
Изборот на санитарии е важен бидејќи не се менуваат често и треба да се квалитетни и лесни за одржување. ВЦ школката може да биде класична со моноблок казанче или конзолна со вградно казанче. Во последно време се фаворизираат надградни мијалници, со што се овозможува и плоча за одлагање работи и искористување на просторот под неа. Во помалите бањи начесто се предвидува туш, а во поголемите када. Туш кабината или преградата во зависност од просторот добро е да е изработена од калено стакло, а со аплицирање на мат фолија се овозможува и приватност доколку е потребно. Избор на кади има најразличен, од класични правоаголни, до скулптурални со софистицирани линии и дизајн кои стојат слободно во простор.
Добро осветлување
Осветлувањето на бањите е многу важно, природно осветлување е секогаш предност. Бидејќи освен осветлување на просторот се овозможува и природна вентилација. Вештачкото светло се состои од централно осветлување на плафонот и светло над огледалото. Осветлувањето на огледалото од задната страна создава амбиентален ефект. Во бањи со поголема површина може да се постави скриено амбиентално светло во плафонот или насочено плафонско осветлување за одредени делови да се акцентираат. Лед светлото е добар избор за бањи, но треба да се земе во предвид да има соодветна заштита од влага.
Мебел за бањи
Мебелот за бањи во последните години е многу популарен, овозможува добра организација за чување и складирање со што просторот изгледа уредно. Може да се искористи просторот под мијалникот, позади огледалото, над шолјата, или да се постави независен елемент. Важно е да е изработен од боен медијапан, композитен материјал или друг материјал отпорен на влага. Доколку во бањата има отворени полици, предметите кои се чуваат на нив може да се стават во корпи со што ќе бидат попрактични и ќе изгледаат поестетски.
Зеленило
Во бањата нема многу простор за класична декорација, единствено може да ставите растение како на пример алое вера, некој видови на папрат, потос или друго соодветно растение кое ќе го оживее просторот. Доколку нема простор за саксиско цвеќе може да ставите гранчиња цвеќе во вазна кое ќе го менувате според сезоната.