„Тhe Walk“ е вториот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, во кој личната приказна на едно девојче Амал од Сирија, кое престојува во бегалски камп во Англија, станува симбол на бегалците ширум светот. Котевска во својот говор на Венецискиот филмски фестивал на ексклузивниот настан „Lights Camera Action“ ја раскажа приказната за триметарската кукла инспирирана од девојчето Амал. Таа од турско-сириската граница, преку медитеранската рута, сè до Манчестер го раскажува своето патешествие, а токму Котевска е поканета да го сними овој неверојатен документарец и патувачки театар за храброста, издржливоста и надежта на бегалците. Со неа поразговаравме пред светската премиера на „The Walk“ во Њујорк.
Имавте навистина инспиративен говор на Венецискиот филмски фестивал и го раскажавте вашиот нов документарен филм „The Walk“. Како се чувствувавте кога ја дознавте приказната за Амал и ве повикаа да бидете вие таа што низ документарен филм ќе ја претстави Амал пред целиот свет?
Понудата да бидам дел од патешествието за Амал се случи веднаш по ковидот и бев навистина почестена кога ми ја раскажаа целата идеја за проектот. Се чувствував како јас да сум највистинскиот човек на кој можеа да му се обратат за да ја раскаже таа приказна на филм.
Како се одвиваше снимањето, на кои детали најмногу обрнувавте внимание?
Снимањето можам да го споредам со патувањето опишано во „Волшебникот од Оз“. Сè почна со ненадејно торнадо што нè однесе на непознато патешествие со премногу необични ликови и многу магија. Тоа е светот на кукларите. Затоа што почетокот на проектот беше многу неизвесен, преку ноќ се донесе одлуката за датумот на кој требаше да почнеме со снимање, преку ноќ се купија авионските билети и сè почна како ураган што ненадејно нè зеде од Македонија и нè исфрли на турско-сириската граница. Утрото, на 26 јули, се разбудив на изгрејсонце и од хотелската соба пред мене го видов целиот раскош на огромното арапско маало во градот Газијантеп, кој денес, поради ужасниот земјотрес што се случи, речиси е срамнет со земја. Ништо од оние глетки што се во документарецот веќе не постои.
Од овој миг на изгрејсонце во Газијантеп, патот на Амал почна и ни ја отвори цела Турција, Грција, Италија, Белгија, Швајцарија, Германија, Франција и Британија на дланка, надолго и нашироко, од едниот крај до другиот. Екипата патуваше цело време заедно, не со авион, туку во автобуси, од град во град, од земја во земја, а застанувавме во секое село и во секој град за Амал да го изоди своето историско патешествие за будење на локалците во однос на бегалците. Најмногу внимание обрнував на онаа сива зона што секој од локалците ја нарекува небитно секојдневие, но кога си дел од вакво културолошко патешествие ти станува јасно дека токму тоа небитно секојдневие е суштината на идентитетот на тие места и локалци и тоа е најуникатното нешто во врска со нив, она што мислат дека никој не го забележува затоа што е само – секојдневие. Јас, како режисерка, обрнував внимание на тие секојдневно-несекојдневни глетки за да ја доловам перцепцијата на изгубеното девојче Амал, кое скита во тие градови. На пример, кој воопшто ги смета алиштата што се сушат на терасите за важна глетка кога оди да посети некоја нова земја? Или гулабите кои колваат на плоштадите и стојат на спомениците? Или родител и дете, кои преминуваат пешачки премин фатени за рака? Никој, освен едно дете бегалче, кое во тие алишта го препознава она што веќе никогаш нема да му се врати: домот што го изгубил и алиштата што веќе ги нема. Гулабите кои веќе не летаат во неговата земја, бидејќи небото е исполнето со гранати, ниту, пак, колваат на плоштадите и застануваат на спомениците зошто таму веќе не останал ниту плоштад, ниту споменик ниту камен на камен… А тоа дете веќе нема родител кој ќе му ја фати раката за да премине, нè на пешачки, туку преку граница… Преку такви глетки и таков пресек на деталите во различните општества е изградена свеста на куклата Амал, која во текот на целото патешествие си размислува за сè што ѝ се случува.
Животот на бегалците во бегалските кампови секогаш е некако во заднината, како во сенка, иако е на само неколку километри од нас и е секојдневие на многумина кои се борат за подобро утре. Што научивте вие од бегалските кампови и од разговорите до децата и со возрасните во камповите?
Научив дека човекот е најотпорното суштество на планетата. Дека без разлика колку ситуацијата е тешка, тој пак успева во себе да исчепка надеж и смисла за да преживее. Дека без разлика колку некој ќе ти земе, ти пак ќе најдеш начин да си го вратиш достоинството. Пак ќе најдеш причина да сакаш, нешто, некој. Тоа ми го покажаа луѓето од камповите.
Името Амал значи надеж, а и куклата дава надеж, нешто што ќе можеме да го видиме во филмот. Како успеавте да ја пренесете пораката на ваш начин преку овој филм, со оглед на тоа што пораката на „Медена земја“ навистина ја пренесовте на моќен и впечатлив начин за да допре до гледачите…
Овој одговор ќе го оставам на секој гледач индивидуално.
Што најмногу ве привлекува кон снимањето документарни филмови и општествените случувања? Какво значење имаат документарните филмови за вас?
Документарните филмови се силна врска со реалноста околу нас. Ги сметам за моќно оружје што може да разбуди голема маса луѓе за нешто што се случува во нивното опкружување, а тие не го гледаат. Тие се огледало на нашиот свет и на сè она што нашите влади сакаат да го прикријат под тепихот на индивидуалниот комформизам. Ни најмалку не смееме да ги потценуваме силата и дејствувањето на социјално-ангажираните документарни филмови. А ако уметноста е наменета да создаде бранување и промена во едно општество, тогаш за мене не постои поголема уметност од документарниот филм и бескрајниот начин на креативни изразни средства што ги дозволува во својата невкалапена природа.
Сметате ли дека преку уметноста, преку филмот може да се влијае на системско подобрување во една земја?
Не е важно дали јас го мислам тоа. Важно е дека така МОРА ДА БИДЕ. Не би смеело да биде поинаку. Сметам дека Македонија е премногу заспана во однос на сопствената уметност и потенцијалот што можат да го имаат уметниците и формите на уметност во оваа земја.
Македонската кинематографија се издигна на ново ниво, преку големиот број филмови и успесите што ги имаат низ годините. Колкава е поддршката за домашните филмски уметници?
Апсолутно недоволна. Ние оперираме како индивидуи во една џунгла без правила во која треба да се опстане, да се преживее. Тоа е форма на присилен мазохизам што мора да прекине за да почне да се случува вистински квалитет.
Што недостига и каков пласман им е потребен на нашите филмови, на режисерите, актерите?…
Треба под итно да се променат законите за филмските уметници што ќе дејствуваат во нивна заштита. Треба да постојат одделни синдикати за секој сектор (режисери, актери итн.) што ќе ги заштитуваат правата на тој конкретен сектор. Треба да се воведе стандардизација на хонорари и работна етика, како што е случај секаде во земјите на кои се огледуваме, но нашата реалност е навистина далеку од тоа.
Кога можеме да ја очекуваме светската и домашната премиера на „The Walk“?
Светската премиера ќе биде на деветти ноември во Њујорк на најголемиот и најстариот фестивал за документарни филмови во Америка – DOC NYC. За домашната премиера најверојатно е дека ќе се случи на „Македокс“.