Теона Сима е девојката која со совршен изговор говори неколку јазици, а нејзините видеа на „Инстаграм“ под името „The Language Blondie“ станаа вистинска инспирација за љубителите на лингвистиката. На интересен и автентичен начин, таа зборува на различни јазици со одличен изговор и за кратко време достигна над 700 илјади следбеници од целиот свет. Теона има 20 години и била ученичка во билингвалната француска паралелка во гимназијата „Орце Николов“. Студира новинарство и психологија на Американскиот универзитет во Бугарија, а освен љубов кон странските јазици, обожава да спортува и е член во спортскиот клуб на Универзитетот во Бугарија, каде што ги води спортските настани. Неодамна едно од нејзините видеа беше споделено на Инстаграм страната Ladbible и придонесе за видливост на нејзиниот талент и на светско ниво.
Како дојдовте до идејата за забавниот профил „The Language Blondie“?
Во јули 2022 година, кога работев на едно кошаркарско првенство во Македонија, се запознав со Турчинката Синем. Беше една од судиите на првенството и во најголем дел од времето си зборувавме на турски. Потоа, кога веќе станавме блиски и зборувавме за тоа како сум го научила турскиот, ѝ прозборев на уште седум јазици и беше занемена: „Не ми се верува што слушам. Ова е неверојатно. Мораш да направиш нешто со твојов талент. Сериозна сум“.
Нејзината реакција разбуди нешто во мене. Почнав да мислам дека можеби ова е навистина нешто ретко, дека можеби навистина треба некако да го искористам мојот талент. Дотогаш воопшто не сакав да споделувам дека зборувам многу јазици со одличен изговор, бидејќи не сакав да звучи како да се фалам, а и сметав дека е нешто посебно што треба да си го чувам само за мене. Но, во мај, сфатив дека ќе бидам слободна цело лето и решив дека ќе креирам профил за да имам некаква продуктивна занимација. Го смислив името, го направив логото и три месеци подоцна имам 700.000 следачи на „Инстаграм“ и 370.000 на „Тикток“. Неверојатно.
Освен јазиците, видеата привлекуваат и со интересната содржина, но и со вашето глумење, гримаси, израз на лицето… Колку време ви треба за едно видео, како ја смислувате содржината?
Благодарам многу. За едно видео ми требаат околу пет часа снимање и едитирање и непрестајно мислење. Цело време мислам, планирам, се консултирам со сестра ми… Не гледам видеа од други креатори поради тоа што не сакам да имам никакво надворешно влијание и не сакам потсвесно да копирам нечија содржина.
Од каде се инспирирате? Дали гледате и следите слични содржини на социјалните мрежи?
Инспирацијата ми доаѓа сама по себе, не гледам видеа од други креатори, намерно скролам кога ќе видам некакво видео што потенцијално би можело да ме инспирира, бидејќи не сакам потсвесно да изимитирам некого или да реплицирам нечија идеја. Впрочем, не е можно да се креира нешто што не постои во една или друга форма на интернет денес, ама се трудам колку што е можно повеќе да се потпирам на својата имагинација и своите замисли, наместо на денешните веќе постојни видеа и стандарди.
Кое видео ви било досега најголем предизвик?
Едно што допрва треба да го креирам, ха-ха. Подготвувам видео со многу имитации, ама никако да го завршам. Последниов месец воопшто немам време, бидејќи сум на факултет и имам илјадници обврски, затоа и малку стагнирам во поглед на креирање нови видеа. Но, од оние што ги имам направено досега, дефинитивно видеото со „Како си, добра ти?“, каде што се снимам со 11 различни луѓе од факултет. Доволно е тешко да се договориш само со еден и да го убедиш да се снима, а не, пак, 11.
Навистина е интересно и забавно да се слушнат толку различни акценти. Колку јазици зборувате дали ги вежбате акцентите долго време?
Зборувам вкупно осум јазици – некои повеќе ги владеам, некои многу помалку, нормално. Акцентите не ги вежбам воопшто, ми доаѓаат однатре. Во поглед на изговорот, кога ги зборувам јазиците, понекогаш грешам и сфаќам дека сум згрешила откако ќе ги прочитам коментарите, ама така се учи. Се надевам дека и моите следачи ќе научат од мојата филозофија за грешките, односно дека „не е страшно, греши колку што можеш повеќе за да научиш колку што можеш повеќе“. Ако мене не ми е срам да згрешам пред 700.000 луѓе, не треба ниту ним да им е срам да згрешат пред еден човек кога нарачуваат на шпански во шпански ресторан.
Сметате ли дека на овој начин можат да се поттикнат луѓето да учат и зборуваат повеќе јазици или да го подобрат изговорот?
Дефинитивно. Допрва треба да ги направам сите видеа што ги планирам каде што ќе ги споделам сите мои тајни за учење јазици и совети и трикови и се надевам дека навистина ќе им помогнат на луѓето. А дека можат да научат јазици и да го подобрат акцентот – секако дека можат. Ако искрено ако се сака и се вложи потребниот труд, сè се може.
За брзо време дојдовте до голем број следбеници на „Инстаграм“, што значи дека луѓето се желни за поинаква содржина што може да биде и корисна и забавна. Што значеше ова за вас?
Ова ме фати неподготвена. Тие видеа требаше да ги видат моите тогашни 400 следачи од кои половината ми беа познајници, а не милиони луѓе. Почнав да чувствувам огромен притисок за да ја задоволам потребата што претпоставував дека следачите ја имаат, наместо да го ставам она што го планирав првично. Но, тоа го правев и сè уште го правам со огромна љубов и задоволство. Кога бројките нагло пораснаа бев премногу исплашена и анксиозна, ама сега тој страв се претвори во мотивација да им го дадам на луѓето она што го заслужуваат – квалитетна содржина, позитивна енергија, совети, забава и љубов. За да научат полесно нов јазик и да откријат нова, побогата верзија од себе.