Во недела на 27 ноември со почеток од 19 часот во КСП Центар Јадро за првпат ќе има изложба фотографката Александра Костадиновска, наша соработничка, која се фокусира на портрет фотографија и пејзажна фотографија. За изложбата во рамките на „Сетила 2.0“ е насочена кон тема што ја доближува интимноста и природната наклонетост на сонцето кон природата и објектите главно во Финска, поточно, Хелсинки, Тампере и Турку, како и на други места низ Европа. Изложбата е во организација на „Атриум“, граѓанско здружение за култура и уметноста.
„Во процесот на конципирање на овој културен настан, почнавме да се анализираме себеси како поединци, што нè доведе до заклучок дека во изминативе години се соочивме со недостиг на можности за целосно сетилно впивање на надворешните дразби, бевме изолирани и по малку отуѓени едни од други, на колективно ниво. Овие аспекти нè наведоа да организираме серија на интердисциплинарни настани под наслов „Сетила“, кои би биле основа за соработка со независни уметници од Македонија, со кои би создале спој на уметнички дисциплини. За првиот од серијата настани „ Сетила 1.0“ соработувавме со перкусионистот Антоние Весковски, актерката Нина Елзесер, танцовиот изведувач Бобан Русески и сликарот Дејан Давчевски, создавали интимна атмосфера во Кинотеката на Македонија во Скопје. Вториот претстоен настан ќе ѝ даде на Александра Костадиновска, фотографка која е активна повеќе од 10 години, можност да ја претстави својата работа како уметник со тоа што за прв пат ќе има изложба“, велат од здружението.
Во изјава за „Портрет“, Александра вели дека иако отсекогаш сакала да има своја изложба, со оглед на нејзиниот перфекционизам, никогаш не било вистинското време.
„’Атриум’ ме поканија во мај да имам своја изложба на следниот нивен настан и ми ја дадоа слободата да правам што сакам, што во исто време е и благослов и клетва. Да бидам искрена немав идеја за изложбата, но се согласив и си дадов време да размислам на таа тема, да преспијам. По три месеци почнав да ги едитирам фотографиите што ги направив летово во Финска и Грција. Овие фотографии не беа планирани и немав никаков концепт како да ги претставам. Само ги фотографирав местата и луѓето со кои бев и моментите кога чувствував потреба да ја земам мојата камера и да ги овековечам спомените (што во суштина ја опишува и мојата врска со почетоците на фотографијата). Обработив неколку групи на фотографии кои изгледаа одлично заедно и сфатив дека имам материјал што би можел да се искористи на настанот. Името на изложбата ‘Sun-kissed’ дојде откако видов како се групирани фотографиите – се појави пред мене, врескајќи ‘светло, тивко, бавно’, што ја опишува и мојата природа.
‘Sun-kissed’ е презентација на мојот визуелен дневник па со оглед на тоа дека ова е моја прва самостојна изложба е многу интимен настан за мене и се чувствуваме ранливо пред мислењето на луѓето, но исто така е многу потребно бегање од комфорната зона, па така му доаѓа како крај на една ера. Во исто време сум и под стрес но и сум многу возбудена. Сакам да биде прекрасно, но веќе и е“, вели Александра.
„Сетила 2.0“ музички ќе биде обоен од страна на еклектичните музичари Ади Имери
Александар Бошков. Ади како композитор, изведувач и продуцент со години ги создава музичките белези, соло и во групни состави, а заедно со Александар Бошков, кој го доби признанието за најдобар млад џез музичар во 2021 година, ќе ни приближат фузија од електронска и џез музика, придружена со звуци од природата. Зад визуелниот идентитет на „Сетила 2.0“ се потпишува графичката дизајнерка Матеја Николиќ. Настанот се одржува со поддршка од Град Скопје, Амбасадата на Финска, Контура, MyPrint и Геко.