Со цел да се зголеми свеста на јавноста за семејното насилство врз жените, НСРР започна со кампањата „Нема да молчам“ која ќе трае од 25 ноември до 10 декември. Една од главните цели на оваа кампања е да се поттикнат жртвите и/или сведоците на насилство истото да го пријават на бесплатната мобилна СОС линија 141 700 без префикс од сите телекомуникациски оператори која е достапна 24/7 и преку која се гарантира дискреција. Оваа линија ќе биде достапна и по завршувањето на кампањата.
Останати цели на кампањата се и следниве:
▪ Луѓето да бидат мотивирани да не молчат кога се случува насилство врз жените, без разлика дали се сведоци или жртви.
▪ Да се надмине стигматизацијата и двојната виктимизација на жртвите.
▪ Да се поттикне јавна дискусија за организирана и инклузивна превенција и елиминација на насилството врз жените.
Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) активно работи на родова еднаквост, загарантирани женски права, елиминација на дискриминацијата на жените во општеството и семејството и градење на општество со еднакви можности. НСРР е национална, мултиетничка и мултигенерациска мрежа, креативно ориентирана кон иднината. Организацијата се стреми кон постигнување родова рамноправност, развој, заштита на женските права и мир. Со своите активности, НСРР промовира култура на мир и ненасилство, учествува во политичкото и економското јакнење на жените, се залага за социјално вклучување на жените од руралните средини и маргинилизираните групи, учествува во унапредувањето и подобрувањето на политиките за родово базирано насилство и се залага за сè она што се подразбира со зборот рамноправност. Проектот е поддржан од Делегација на Европска Унија на Република Македонија.