Ви предложуваме 5 книги со различна тематика кои може да ги најдете во некоја од македонските издавачки куќи и се одличен избор за претстојниот период.
„Писатели и љубовници“ од Лили Кинг (Литература.мк)
По успехот на нејзиниот високо ценет и наградуван роман „Еуфорија“, писателката Лили Кинг се враќа со нова, нежна приказна за љубовта, загубата и за предизвиците на една млада авторка. Станува збор за романот „Писатели и љубовници“, кој излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. „Писатели и љубовници“ ја следи Кејси – паметна и ранлива протагонистка – во последните денови од младоста, период кога секој сегмент од нејзиниот живот е во криза. Напишан со хумор, срце и интелигенција, карактеристични за стилот на Лили Кинг, овој исклучителен роман го истражува застрашувачкиот и возбудлив скок помеѓу крајот на една фаза од животот и почетокот на друга.
„Невидлив“ – Елој Морено (Антолог)
Приказна за едно дете кое, раководејќи се од најлошиот советник – стравот, посакува да има супермоќи како суперхероите од стриповите што ги чита. Го прави тоа за да се спаси од насилството што го трпи од соучениците. Посакува да стане невидливо, како механизам за бегство, за заштита од суровата реалност што го опкружува, без да биде свесно дека всушност страда. Детето не добива помош од никој, бидејќи е невидливо за сите оние што гледаат што се случува, но претпочитаат да не видат, за сите што не сакаат да гледаат и ја вртат главата настрана и за сите што гледаат, но се плашат или, едноставно, мислат дека тоа не е нивен проблем. Како што вели и самиот автор: „Никој не е невидлив ако другите не му помогнат да биде невидлив“. „Невидлив“ е приказна раскажана низ призмата на насилникот и жртвата, неговата симпатија и пријателите, родителите и наставниците и поучна за сите што ќе ја прочитаат.
„Темно скенирање“ – Филип К. Дик (Полица)
„Темно скенирање“ е уште едно интелигентно и визионерско дело на Филип К. Дик, кое се занимава со изменети состојби на свеста. Приказната и нејзината препознатлива мрачна атмосфера се однесуваат на наркокултурата во Калифорнија во раните деведесетти години, како и начинот на кој наркотиците стануваат активен елемент на меѓучовечките и општествените односи. И во овој роман, Дик го става својот футуристички печат на теми како што се ефектите на капитализмот и државното угнетување врз менталната и духовната состојба на поединецот. Книгата ја разоткрива и сета апсурдност и лицемерство на „војните против дрога“ што се водат и денес. Во „Темно скенирање“, Филип К. Дик ги доведува во прашање идентитетите на своите херои, притоа отворајќи неколку прашања чии одговори се бараат преку динамичното дејство и завршуваат со разоткривање на односите на моќ што го одредуваат нашето секојдневие дури и надвор од овој текст.
„Фати го зајакот“ – Лана Басташиќ (Артконект)
„Фати го зајакот“ е приказна за две жени и нивното сложено пријателство. Дванаесет години по нивната последна средба, Сара добива телефонски повик од Лејла, по којшто решава да отиде на патување со автомобил од Мостар во Виена, со цел двете заедно да го најдат Армин, одамна исчезнатиот брат на Лејла. Патувањето ќе се покаже како нешто многу повеќе од обично повторно поврзување на старите училишни другарки: товарот на нивната заедничка приказна на моменти станува претежок.
„Големи мисли голем успех“ – Кристијан Д. Лaрсон (Ѓурѓа)
Авторот на бестселерот „Владеење со себеси“, овој пат со најдобрата книга за ментален тренинг! Инспирирајте се од големите умови и менталното око насочете го кон идеалното на патот кон менталната величественост. Стекнете ја моќта да размислувате онака како што сакате, затоа што само умот што ја препознава својата надмоќност е моќен ум. Се исплати да се биде среќен! Тренирајте го умот да живее во постојано ментално сонце!