Оценка 4/5
„3000 години копнеж“ (Three Thousand Years of Longing) е приказна за приказни. Ако минатото е приказна што е веќе раскажана, тогаш сегашноста е приказна што се отплеткува во овој момент. За мене е во моментот кога ги пишувам овие зборови, а за вас е моментот кога ќе ги прочитате. Австралискиот режисер Џорџ Милер ги соединува минатото и сегашноста во една хибридна приказна, која сугерира дека нашите најдлабоки желби секогаш се заматени со љубов и со нашиот сон, мерак и вистина – да бидеме сакани. Алитеа Бини (Тилда Свинтон) е британски наратолог, чиј ексцентричен, но прецизен карактер и енергија се завист за секој потенцијален писател. Тотално вљубена во книгите и во својата независност, таа патува од земја во земја и држи предавање за природата зад приказните, нејзините жанрови и за мистериите на митологијата. Затоа што себеси се наоѓа во една приказна, ни кажува дека можеби нема да веруваме на сè што ќе видиме во неа. Како, на пример, фактот дека таа повремено халуцинира бизарни и демонски суштества кога патува на нејзините конференции и дека за кратко време ќе се вљуби во дух. Кога ќе купи античко шишенце во една од илјадниците продавнички во Истанбул, таа случајно ќе ослободи Djinn или дух (Идрис Елба), кој бил заробен во шишенцето 3000 години. За да се ослободи од оваа долговековна клетва, духот треба да ѝ исполни три желби на Алитеа, но само ако тие три желби навистина таа ги посакува со сето срце. Филмот ги позајмува овие класични и веќе видени наративи, но бидејќи се водени од Џорџ Милер, режисерот на Лудиот Макс, тогаш тие визуелно добиваат една бомбастична ревитализација и се претставени на начин што е свеж и неочекуван.
Иако изгледа дека филмот е дело што е изработено за време на пандемијата со Ковид-19 (препознатливи по сцени, снимени на една локација), набрзо, благодарение на духот, приказната почнува да се шири и, буквално, патува низ целиот свет. Духот е огромен. Поголем е дури и од животот. Идрис Елба го игра со префинета мудрост и знае точно кога да експлодира со емоции и кога да реагира безгласно. Првиот пат кога ќе се појави во хотелската соба на Алитеа, кога таа ќе го ослободи од шишенцето, тој ќе ја заземе речиси целата просторија. Откако ќе најдат заеднички јазик, Алитеа ќе почне да ја разбира неговата намера. Сепак, таа е експерт за приказни и најмногу од сите ги знае границите и, најважно, опасностите зад клишето наречено три желби. Ќе си помисли дека духот е ништо повеќе од измамник. Тој е свесен за својата себепрогласена безумност, но навистина не му се верува како се најде себеси пред една личност која не би посакала буквално ништо на овој свет. Тоа претставува проблем, бидејќи на тој начин духот никогаш не може да биде слободен.
Приказни од минатото
За да ја придобие, тој ќе почне да ѝ раскажува три приказни од своето минато и речиси идентичните причини зошто бил заробен цели 3000 години. Првата приказна е за кралицата Шива, која била негова братучетка и љубовничка. Пред 3000 години големиот монарх – кралот Соломон, кој ја посакувал Шива за себе, чувствувајќи се загрозен, по првпат го заробил духот во шишето. Втората приказна ги вклучува младата конкубина Ѓултен, Хурем, величествениот султан Сулејман и неговиот син Мустафа и е центрирана на Ѓултен и љубовните сложености зад неговото второ заробување. Речиси веднаш можеме да почувствуваме презир или згрчување кога ќе ги прочитаме или ќе ги слушнеме овие имиња, но секогаш е важно преку чија визија го правиме тоа. Во оваа специфична ситуација сме во сигурни раце. И третата приказна е за Зефир, млада сопруга на еден турски трговец. Зефир ќе посака знаење, а духот е веднаш тука да го исполни тоа во форма на литература, математика и филозофија. Ќе се вљубат. Откако таа ќе забремени со неговото дете, ќе стане сè повеќе задушена од неговото присуство. Резултатот е ист на крајот. Духот ќе биде повторно заробен… сè додека не ја запознае Алитеа. Тоа што ги поврзува трите приказни на духот е неговата целосна посветеност на жените во нив. Без разлика на состојбата на светот и времето во кое бил слободен, тој е целосно предаден на нив. Можеби со исклучок на Ѓултен, кој само ја служеше од еден „обврзан“ аспект и гледаше во неа средство што ќе го ослободи од вечниот затвор.
Љубовта како единствена желба
Алитеа не е многу фасцинирана од неговата магија, ниту од умешноста да го извлече Алберт Ајнштајн од некоја телевизиска програма и да го држи во неговата дланка како марионета. Таа најмногу се восхитува токму на неговата способност да сака. Да сака внимателно и да сака со векови. Во некое време и таа имала некого да сака, но бидејќи нејзината природа е сама по себе книгољубива и осамена, некогаш тоа е премногу малку за двајца. Последната приказна ќе ја трогне и самата ќе открие дека, сепак, можеби единствената желба на секој човек е да сака и да биде сакан. Ова е толку внимателно и суптилно оркестрирано, што навистина е потребен луд генијалец да ја намали својата визуелна моќ и да се одлучи за нежна имплементација.
Режијата ја користи модерната технологија, но не е премногу потпрена на неа. Кинематографијата на Џон Сил е остра и визуализира бои што емитираат љубов и раскошна вечност. За продукцискиот дизајн е заслужен Роџер Форд – истанбулските продавнички можете да ги помирисате, султанските палати се лавиринтски и свилата на харемот е толку колоритна што се чини дека можете да ја допрете на екранот. Ако главниот лик е експерт за приказни, тогаш сценаристите Џорџ Милер и Агуста Гор знаат дека и приказната за овој „приказнолог“ мора да биде достојна за својот херој. Приказните се тие што го водат овој филм. Приказните и нивната љубов, во исто време, во детаљ и грандиозноста; во поединецот и во групата; а што се приказните, ако не желбите на раскажувачот? Дали оваа приказна е излезена директно од нејзината самотија или можеби навистина се случила, воопшто и не е важно. Потребни се 3000 години за да се раскаже една огромна љубовна приказна и потребна е само една желба… за да се продолжи.