Истражување за клучниот извор на еманципација на жените по Втората светска војна за списанието „Македонка“ кое се надоврзува на истражувањата во 70- те години на историчарката Вера Весковиќ Вангели и Марија Јовановиќ го сочинува новиот зборник „Архиви на невидливите: Македонка – орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“. Зборникот беше презентиран во петокот (28.10) во Музеј на Македонија, а во него се содржани најновите наоди на заедничкото истражување на Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска за списанието „Македонка“, за историјата на жените и нивната (не)видливост во националната нарација за минатото. Станува збор за публикација што била официјален орган на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија.
„Зборникот тематски и критички пристапува на историјата на списанието ‘Македонка’, а го изготви тим од пет истражувач(к)и, и тоа Ивана Хаџиевска (политичка историја), Јана Коцевска (социјални аспекти), Дарко Леитнер-Стојанов (образовни процеси), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Во зборникот се застапени релевантни излагања на регионални истражувачки, низ предговорот на д-р Ивана Пантелиќ (Институт за современа историја на Србија, Белград) и поговорот на д-р Јелена Милинковиќ (Институт за литература и уметност, Белград)“, велат организаторите од ЦИНИК, Центарот за истражување на национализмот и културата.
На промоцијата на новиот зборник уредничката Јана Коцевска се осврна на фактот дека обемното истражување е труд на повеќе луѓе и значењето на „Македонка“ е големо за жените во тој период. Тоа што е интересно и разочарувачко во исто време е дека ниедна институција во Македонија го немала целиот фонд на списанието „Македонка“ туку само дел од примероци на различни места, на пример во Универзитетската библиотека во Скопје или во Битолскиот архив, додека во Белград ги имале сите броеви на списанието.
Ивана Хаџиевска истакна дека ова е специфичен проект за историјата на жените, прво и единствено женско списание за тоа време, извор на учеството на жените во градењето на македонската држава обвиен во заборав.
Дарко Леитнер- Стојанов посочи дека „Македонка“ истовремено известува, но презема и акција. Тој се осврна на улогата на списанието во процесот на описменување на населението, развивање на свеста за писменоста и посетувањето на училиште, бидејќи процентот на неписменост на населението во тоа време бил околу 70 проценти.
Во рамки на промотивниот настан беше отворена и изложбата на уметницата Христина Иваноска, со наслов „Документот кој недостига“, што е дел од програмата на „Прво па женско 10“.