„Иако понекогаш се чини дека ништо не е на свое место во вистинско време, не значи дека годините во кои сме чекале биле залудни“
Симоне ја знаеме преку социјалните мрежи по нејзините прекрасни фотографии, вистинска уметничка душа која знае да воодушеви со секој исликан кадар. Нејзината храброст да ја сподели јавно својата борба со дијагнозата неплодност и соочувањето и помирувањето низ годините, предизвика брдо позитивни и охрабрувачки реакции. Отворено и искрено поразговаравме со неа, а таа уште повеќе ни ја потврди својата уникатност и емотивност. Освен тоа ни испрати и прекрасна фотосесија од себе и неколку од нејзините фотографии сликани на разни дестинации.
Ќе почнам со вашата професија, фотографијата, пасија која ја имате од поодамна и која се чини дека ви помогнала многупати досега. Што значи за вас оваа можност да се изразувате на ваков начин, а истовремено да создавате неповторливи фотографии кои траат вечно и ги прават луѓето среќни?
Фотографирањето за кое што се роди љубов уште одамна, ми даде насока во животот каде што се пронајдов како личност и во целост ме исполни. За да се изразиш, важно е да се познаваш себеси. Страста кон фотографијата е нешто што сметам дека ја прави оваа професија прекрасна во секоја смисла на зборот. Моментално работам Destination wedding photography. Чувството да патуваш на прекрасни места и истовремено да овековечуваш моменти полни со емоции, да гледаш широки насмевки околу тебе и да сведочиш љубов…едноставно е бесценето.
Како почна вашата приказна со фотографирањето и што научивте од искуството низ годините?
Првиот апарат кој што го поседував беше апарат на филм, кога имав само 16 години. Иако јас немав многу трпение да чекам филмот да се развие, целиот тој процес додека да дојде фотографијата во моите раце ми беше доста интересен. А не секогаш беше успешно :)) Откога знам за себе, отсекогаш ме влечело нешто кон фотографијата, но нормално не можеш ништо сериозно да размислуваш на тие години. После извесно време, отидов на размена на уметнички проект во Атина за кој што беше потребно да слика улична фотографија (street photography). Го купив првиот апарат фулфрејм. И покрај тоа што имав основно познавање, за мене беше како ново откритие. Се учиш да бидеш брз за да го доловиш моментот и осмислуваш концепт од тоа што ти се нуди во истиот момент, а мораш да го искористиш максимално. Искуството кое што го добив таму во една година и стилот што го изградив на спонтана фотографија ми отвори нови можности. Кога се вратив во Македонија, започнав да се занимавам со алтернативна свадбена фотографија. Покрај домашните клиенти, имав шанса да сликам и индиски, грчки, шпански и други… различни церемонии но сите убави на свој начин. За многу краток период бев повикана да сликам свадбена церемонија на еден грчки остров, близу Пиреа. Чувството беше неописливо. Оттогаш започнав со Destination weddings и со ништо не би ја сменила професијата :))
А што се однесува на искуството…патот до успехот не е секогаш лесен како што сме си го замислиле. Предизвици и препреки ќе има секогаш, а тие нѐ челичат да бидеме уште подобри.
Вашата објава на Инстаграм пред неколку месеци за соочувањето со неплодноста предизвика голем број позитивни критики и поттикна емоции во кои верувам дека се пронајдоа многу жени. Што ве натера да споделите толку лична приказна на една социјална мрежа?
Во принцип, не сум тип што сакам да го споделувам приватниот живот во јавност. Сепак, на социјалните мрежи луѓето ме знаат како локален уметник, фотограф на свадбена фотографија. Летово бев поканета да учествувам на меѓународна изложба во Фиренца. За жал, дел од учесниците беа заразени од вирусот. Ничија вина е ова што се случува моментално, но со цел да не се почувствуваат непријатно поради откажувањето на изложбата, организаторите смислија нов концепт. Направија онлајн блог каде побараа од сите што бевме дел од изложбата, да напишеме нешто за нас, освен како фотографи, нешто што ни се случило и ни оставило трага во животот. Искрено, не бев подготвена да почнам да зборувам за мојата приказна толку јавно. Со мојот проблем беа запознаени само мал круг на луѓе. Мислам дека стравував од помислата некој да ме гледа како слаба личност, да ме осудува поради тоа што не бев како другите жени. Самата знам колку тешка борба беше тоа за мене, па помислив дека можеби моето излагање во јавност и споделување на проблемот ќе им помогне на некои девојки кои се соочуваат со истото, без разлика дали ќе бидам поддржана или разбрана од некој. Резултатот беше воодушевувачки. Добив доста позитивни реакции од луѓе кои претходно не ни знаеле за мене. Овој исход ми даде поттик и самодоверба да го споделам истото и на мој терен, без разлика што повеќето ме знаат и лично 🙂
Како пронајдовте начин да се соочите со дијагнозата и што ве радуваше најмногу во моментите на тага и неизвесност?
Сè уште го паметам моментот кога паднав ниско…многу ниско. Долг период се соочував со абдоминални болки. Беше чудна болка. Бев на многу прегледи, сум разговарала со различни доктори, ентеролози и гастролози. Ме дијагностицираа со нервозен желудник и ми дадоа апчиња за регулирање на стресот. Апчиња кои ми ја земаа целата енергија и ми правеа да се чувствувам мизерно и депресивно. Болката сè уште беше тука. Беше неизбежно да направам пауза од патување и фотографирање, а јас почнав да губам надеж во секоја смисла. И тогаш кога мислев дека не може полошо од ова да биде, после нови стотина прегледи, ми беше дијагностицирана неплодност. Самата помисла дека не можеш да бидеш женствена како сите други жени, дека не можеш да имаш потомство… беше болно и жално. Се изолирав самата од сите околу мене затоа што почнав да се чувствувам бескорисно. После многу непреспиени ноќи, сфатив дека не можам константно да бегам од проблемот. Од мене зависеше сѐ и решив да се соочам затоа што немав што да изгубам. Излегов од мојата комфорна зона. Беше долго, тешко и болно. Но кога имаш луѓе околу тебе кои несебично ти даваат поддршка, безусловно те сакаат, те охрабруваат и те потсетуваат колку силна личност си… нема ништо повредно од тоа. Ништо на светот!
Од сегашен аспект како би се опишале себе?
Во последната година, сѐ што се случи беше голем пресврт за мене. Сфатив дека и колку да ми е најтешко и колку да ми изгледа дека нема решение за било што, никогаш да не се предавам. Можам со задоволство да кажам дека сум горда на самата себе што не се откажав од оваа борба така лесно. Започнав да работам повторно, да го правам тоа што ме исполнува и никогаш не сум се чувствувала подобро. Иако понекогаш се чини дека ништо не е на свое место во правилно време, не значи дека годините во кои сме чекале биле залудни. Продолжете да сакате, да создавате и да живеете, затоа што на убавите работи им треба време… и тоа е сосема во ред 🙂
Дали има нешто што би го направиле поинаку од сегашен аспект во однос на соочувањето со дијагнозата неплодност?
И покрај тоа што бев редовна на прегледи, за секоја промена, за секоја нова болка што ја доживував, јас посетував доктори. Сепак, не ја добив вистинската дијагноза на време. Едноставно така требало да биде. Среќна сум што сега можам да зборувам отворено за ова затоа што знам дека дадов максимално сѐ од себе.
Колку сметате дека е потребно да се споделуваат личните приказни за да се избега од табуата и предрасудите кои ги има насекаде во нашето општество?
Лично, сметам дека некогаш е неопходно да се сподели искуство со другите затоа што не можеш да знаеш на каков начин можеш да помогнеш. Мене ми е мило што можев да имам некакво влијание врз девојките, па макар и мало. Сакајте си го вашето тело со сите убавини и недостатоци затоа што секој еден е уникатен и посебен на свој начин.
Како што и сама рековте имате патувано многу поради фотографирањето, која дестинација ве оставила без зборови?
Фиренца. Толку магично и посебно место. Од самиот момент кога стапнуваш во овој град, се заљубуваш. Јазикот, архитектурата, историјата, храната и гостопримливоста на локалните жители… Прекрасно!
Која фотосесија ќе ја паметите засекогаш?
Сум сликала секакви свадбени церемонии, на различни дестинации. Но, свадбата која ми остана при срце беше надреална. Сѐ се случуваше во винарија во едно село во Холандија. Имаше околу 30-тина гости. Интимна забава, баш како што сметам дека треба да изгледа една свадбена веселба. Секој детал беше осмислен, сите беа толку природни и среќни и заљубени. Изгледаше како бајка 🙂
Каде би сакале да фотографирате, а немате досега, во која земја, на кое место?
Како прва дестинација која што би сакала да ја посетам токму поради фотографирањето е Маракеш, Мароко. Самиот сплет на бои во склоп на старата архитектура… едноставно да се изгубиш во тој колорит. И како втора дестинација која многу ја сакам е Монемвасја, Грција (Μονεμβασια). Се надевам ќе можам да испланирам патување во блиска иднина :))