Поетесата што го привлече вниманието на светската јавност на инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Еден од најзабележителните моменти од инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден беше обраќањето на 22 годишната поетеса и активистка Аманда Гордон, која ја изрецитира својата песна ,,The Hill We Climb“. Во нејзините моќни стихови милиони луѓе пронајдоа утеха, желба и надеж за подобра иднина. Таа веќе следниот ден доби половина милион нови следбеници на социјалните мрежи и се стекна со светска слава.
Бевте именувана за прв лауреат на наградата за Национален млад поет на САД во 2017 година. Кои обврски и одговорности ги носи ова признание?
Пандемијата на Ковид 19, расната напнатост и политичката тензија ја одбележаа оваа година и тоа донесе нов слој на одговорност на мојата работа. Не ме исполнува да пишувам за обични работи, иако имам пишувано, постојано барам подлабока цел. Сакам мојата поезија да фрла светло на теми кои премногу долго беа во мрак.
Пред вас на досегашните инаугурации најистакнати поетеси беа Маја Ангелоу и Елизабет Александар. Како се чувствувате да сте дел од толку истакнати имиња?
Тоа беше огромна чест за мене! Имав среќа што луѓето пред мене навистина ја завршија својата работа и поради тоа се чувствував подготвена за моментот. Со месеци ја проучував историјата на инаугуративните поети и нивните песни, за да добијам јасна слика кои биле основните елементи на инаугуративната поема, да најдам нешто што можеби ќе уживам да го слушам во мојата дневна соба.
Глас сте на администрацијата на Бајден/Харис, што претставува тоа за вас?
Пред мене најмладиот поет што настапи на инаугурација беше Ричард Бланко, кој тогаш имаше 44 години. Ако погледнете статистички, луѓето што во моментов се чувствуваат најдепресивно се од мојата возрасна група. Премногу ми значи што на еден ваков важен настан, таа младина и таа генерација можат да бидат слушнати и премногу сум благодарна што јас ја добив таа улога, да бидам нивниот глас.
Како се подготвувавте, бевте ли свесна дека треба да застанете пред милионска публика ширум светот?
Мое мислење е дека речиси не постои подготовка за таков момент. Јас не сакам да излезам на сцената и да сум робот. Сакам по сето вежбање да се чувствува дека зборовите доаѓаат од срце, дека живеат во мене. Се обидувам да пристапам на читање пред милиони луѓе, на ист начин како што би читала во нечија дневна соба. Се обидов да го направам ова виртуелно читање што е можно поспецијално за американскиот народ, да предизвикам блискост и поврзаност.
Нацијата во моментов е премногу поделена по многу различни основи, а зборовите од вашата поема одекнуваат и праќаат порака за единство и сплотеност. Колку ви беше тешко да се изразите?
Цело време имав на ум дека песна од ваков вид, треба да биде репрезентативна за сите различни карактеристики на луѓето што ќе гледаат. Ги читав сите претходни инаугуративни песни, се фокусирав на тоа што е најмоќно, највпечатливо во нив, ги читав и Абрахам Линколн, Фредерик Даглас, Мартин Лутер Кинг. Се воодушевував на нивната елегантна реторика и на начините на кои тие ги комуницирале идеалите на нацијата.
Насловот на песната е ,,Ридот што го искачуваме“. Како успеавте толку бурен, политички момент во американската политичка историја да го претставите поетично?
Целиот процес на пишување беше застрашувачки зашто пред сè во моментов постојат различни видови на стрес со кои се справува американскиот народ. Тоа беше рид што морав да го искачам сама. Постојано си повторував дека сега е време луѓето во САД да се обединат, да го насочиме погледот кон иднината, да соработуваме и да одиме напред заедно. Нема да лажам и да тврдам дека не сум исплашена, но задоволна сум што храбро дејствувам и покрај тој страв. Верувам дека сум создадена за овој момент, ова не го тврдам од егоистични побуди, како подобра од останатите, но јас бев повикана од г. Бајден со причина и направив сè што можам.
Извор: Vogue