Во последно време читам македонски автори затоа што сметам дека треба сме запознаени со тековните стилови, теми и автори во нашата земја коишто се сè побројни и меѓу кои има доста квалитет.
На почетокот на месецов Марија Ангеловска ја промовираше збирката раскази „Глава што лебди“, која ја доби наградата за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“ за 2021 година. Во освртот од промоторката на книгата Мања Величковсак се вели дека „Марија вешто си поигрува со концептите за стравот и страшното, јукстапозиционирајќи ги манифестациите на страшното фантастично и ужасите од реалноста во прозен контемплационен „двобој“, од кој општествено прифатените, норматизирани „нормални“, „прифатливи“ и „здрави“ појави секогаш „победуваат“ и се очудуваат како далеку поужасни од секоја наша замисла и ноќна мора“.
Со Марија разговаравме за тоа како се создаваше „Глава што лебди“ но и за читањето и поддржувањето на македонската книжевност, особено за младите автори.
Неодамна ја издадовте вашата збирка раскази „Глава што лебди“. Што беше најголем предизвик во пишувањето на овие раскази, како ги оформувавте ликовите, која инспирација ве водеше?
Би се опишала себе си како личност што е добар набљудувач и личност што сака да анализира (самата себе си, луѓето, настаните, уметноста) па би рекла дека таа моја особина е она што придонесе да можам на хартија да го пренесам она што го набљудувам, а потоа да го очудам, да му дадам нереална димензија со цел да го заинтересирам читателот да биде поангажиран во самото читање, но и размислување, па и делување. Во тоа лежеше мојата инспирација, но и предизвикот, како од обични ликови, што секој од нас може да ги препознае во својата околина да ги направам необични без притоа да ја загубат таа обичност.
Ја добивте наградата „Новите“ од Темплум. Што ви значеше да добиете вакво признание и колку сметате дека признанијата и наградите можат да бидат поттик и мотив за понатамошен раст за младите автори?
Да се надоврзам на претходното прашање, еден од предизвиците што ме натера да ги стокмам сите раскази во една збирка беше токму конкурсот на Темплум. Да не беа тие и рокот што ни го зададоа, односно што сама си го зададов бидејќи сакав да конкурирам за да проверам дали она што го пишувам би заинтересирало поширока публика, најверојатно овие раскази сè уште ќе беа необјавени. Оттука би кажала дека конкурсите и наградите и те како ги охрабруваат младите автори да пишуваат, и им дозволуваат пристап литературната сцена во Македонија којашто не е воопшто мала и на којашто не е лесно да се излезе. Мене особено ми значеше оваа награда токму поради тие причини, а ме радува и тоа што медиумите покажуваат интерес за она што се случува на тоа поле. Тој интерес дополнително мотивира и инспирира. Во таа насока, наградите и признанијата се клучни за пробивање на млади автори што можат да придонесат во општеството на разни начини. Од друга страна да не го изоставиме и финансискиот дел, односно паричните награди, што се дополнителен мотиватор во држава кадешто пишувањето се смета за хоби.
Со оглед на тоа што имате дипломирано англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет, кои автори/ки особено ви оставиле впечаток низ студирањето? Што читате сега?
Студирањето на Филолошкиот факултет секако многу ми помогна во тоа да изградам читачки навики, да се запознаам со разни стилови и техники на читање, анализирање и пишување. Големо влијание ми имаат оставено англиски, но и американски автори. Од поетите, особено Т.С Елиот, Џон Дан, како и поетите од романтизмот. Од писателите на проза би ги издвоила Вилијам Голдинг, Фланери О’Конор, Алис Манро, Курт Вонегат и Рејмонд Карвер. Пред некој ден започнав да го читам романот „Фати го зајакот“ од Лана Басташиќ, која е одлична авторка и топло ја препорачувам. Инаку, во последно време читам македонски автори затоа што сметам дека треба сме запознаени со тековните стилови, теми и автори во нашата земја коишто се сè побројни и меѓу кои има доста квалитет. Мора да си ги читаме нашите дела да има критика, поддршка и промоција на македонската книжевност.
Како започнавте со пишување и како ја разработувате идејата во глава, дали оставате настаните и ликовите да се развијат со текот на пишувањето или имате јасна визија и цел за нив?
Започнав со пишување уште во средно училиште. Во текот на годините запишував идеи од кои подоцна се развија приказни. На некои одлучив да посветам повеќе внимание и да ги финализирам, а некои решив да ги жртвувам. Пишувањето е долг процес. Првичната идеја и инспирација најчесто доаѓаат „од нигде никаде“, а брусењето на делото се додека не ја доживее својата конечна форма бара многу време. За некои раскази сè уште се чувствувам како да сум можела уште да ги дооформувам. Така е и со ликовите. Најчесто почнувам со една замисла за нив и нивниот карактер, а потоа оставам ликот да ме води низ приказната. Но сепак, некогаш мора да се застане, да се прилагоди ликот на приказната или обратно. Во пишувањето постојано се прават жртви. Некогаш формата страда или трпи измени. Така од наративен или поетичен стил сум преправала цел расказ во расказ со дијалози за да го направам подинамичен со цел да доловам одредена поента што сакам да ја пренесам. Секој расказ си е приказна за себе, буквално.