Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година е присутна на филмскиот маркет кој се одржува од 17 до 25 мај во рамки на Канскиот филмски фестивал каде ќе биде промовирана македонската кинематографија.
Од најновата филмска продукција поддржана од Агенцијата за филм, проекции на маркетот на Канскиот филмски фестивал ќе имаат и долгометражните филмови „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и продукција на Скопје филм студио, „Кома“ во режија на Агим Абдула, а во продукција на Галактика филм, и „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова и продукција на ДНФ филм.
„Мими“ | Даријан Пејовски | 23. мај (понеделник) | PALAIS G | 9:30
„Кома“ | Агим Абдула | 23. мај (понеделник) | PALAIS G | 12:00
„Преекспонирано“ | Елеонора Венинова | 23. мај (понеделник) | PALAIS I | 16:30
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски (Сузи Кју продукција) е селектиран во Каталогот на Канскиот филмски маркет за краткометражни филмови (Short film corner / Cannes court metrage / rendez vous industry). Проекцијата во рамките на филмскиот маркет е закажана на 26 мај, 2022 (четврток) во PALAIS H во 16:30 часот.
Меѓу другото, нашата продуцентка Марија Димитрова е избрана меѓу 20-те Producers on the move, програма на European Film promotion, меѓународна мрежа за филмска промоција каде Агенцијата за филм е членка. Воедно, режисерката Дина Дума присуствуваше на резиденцијалната програма Residence du Festival која се одржува во соработка со француското CNC, каде го презентираше новиот проект во развој Skateboarding is not for girls.
„Освен ова успешно претставување на нашата кинематографија на престижниот Кански филмски фестивал, Агенцијата за филм ќе реализира низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот. Македонскиот штанд во SEE павилјонот ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал.
Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE pavilion), а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата. Покрај промотивниот штанд Агенцијата за филм ќе биде присутна и на онлајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа Marche du film online“ известуваат од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
75. издание на Канскиот филмски фестивал беше отворено со светската премиера на филмот „Топ ган: Маверик“ и воедно се оддаде почит на актерот Том Круз.
Фантастичната епска романса на Тилда Свинтон „Три илјади години копнеж“, со Идрис Елба во главната улога и во режија на Џорџ Милер, ќе биде меѓу големите филмови кои премиерно ќе бидат прикажани надвор од конкуренција. Заокружување на премиерите надвор од конкуренција ќе биде „Маскарада“ на Николас Бедос, со Изабел Аџани и Марин Вакт.
Меѓу филмовите кои се во трка за посакуваната Златна палма се „Време на Армагедон“ на Џејмс Греј, со Ен Хатавеј и Ентони Хопкинс. Тука е и „Злосторства на иднината“ на Дејвид Кроненберг, со амбасадорот на Шанел, Стјуарт, лојалистката на Луј Витон, Леа Сејду и Виго Мортенсен. Шпекулативниот научно-фантастичен филм сместен во блиска иднина е напишан од Кроненберг пред 20 години, а снимен во Грција минатото лето. Винсент Линдон, францускиот актер кој глумеше во филмот „Титан“ кој лани ја освои „Златната палма“ , ќе биде претседател на жирито на годинешниот 75. Меѓународен филмски фестивал во Кан. Жирито ќе го сочинуваат двократниот оскаровец Асгар Фархади („Херој“), како и американскиот актер Џеф Николс („Засолни се“), британската актерка и режисерка Ребека Хол („Поминување“), Индијка родена во Данска, актерката Дипика Падуконе („Ченаи Експрес“), шведската актерка Нооми Рапас („Јагнето“), италијанскиот актер и режисер Јасмин Тринка („Миеле“), францускиот режисер Ладј Ли („Лесните“) и норвешкиот режисер Јоаким Трир („Најлошата личност на светот“).