Кога Музејот на модерна уметност во Њујорк (МоМА) ја купи „Ѕвездена ноќ“ од приватен колекционер во 1941 година, сликата не беше толку позната. 81 година подоцна делото е вистинска инспирација, од песни до масовна изработка на комерцијални производи како шалови, чадори и шишиња за вода. Сега и компанијата Лего направи сет со кој ќе може да се состави познатата слика од холандскиот уметник.
Сетот од 2.316 коцки е за возрасни и е дизајниран од Труман Ченг, 25 годишник од Хонг Конг, кој се пријавил со оваа идеја преку платформата на Лего за дизајни од фанови, што компанијата ги става на гласање и ги реализира. Останати победнички дизајни од оваа платформа се машина за пишување, куќата од филмот „Сам Дома“ и сцена од „Сејнфелд“.
Ван Гог бил инспириран да го наслика ова дело од погледот од неговиот прозорец во психијатриската болница Сен Пол де Мозол во Сен Реми, Франција каде поминал 12 месеци, помеѓу 1889 и 1890 – годината на неговата смрт. Дизајнерот Ченг рекол дека ја добил инспирацијата играјќи си со Лего коцки и забележал дека кога спонтано ги редел коцките го потсетиле на препознатливите потези со четката на Ван Гог. Тој изјавил дека била вистинска игра за мозокот да се најдат трикови како да се долови изгледот на делото.
Сара Сузуки од МоМА изјавила дека се почестени да бидат дел од новите начини на кои може да се доживее делото на Ван Гог и да се инспирира креативниот импулс кај луѓето од сите возрасти.
Федерико Бегер, одговорниот за глобален маркетинг во компанијата за играчки изјавил дека дизајнот на Труман е ремек дело самото по себе покажувајќи колку различни Лего елементи и техники можат да бидат искористени за да се реплицира делото на Ван Гог.
Заедно со објавата, Лего отвори и натпревар за обожавателите да пријават свои сопствени дизајни од мини лего сетови инспирирани од ноќното небо. Победничките дизајни ќе бидат дел од инсталација во лобито на МоМА ова лето. Сетот со „Ѕвездена ноќ“ ќе биде достапен за продажба на почеток на јуни.