Оља Грубиќ е визуелна уметница и изведувачка од Хрватска која поставувајќи го на сцена сопственото тело, таа ги истражува можностите за слобода во патријархалното и капиталистички ориентирано општество. Оља се става себеси во ангажирана позиција и често користи елементи на хумор и сатира за да продре во структурата на секојдневниот живот. Таа настапи на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО 11 со перформансот Extima: Плодна почва, кој го разгледува непропорционалното влијание на еколошката деградација врз жените, со фокус на околината и родовата неправда.
Вашите перформанси се осврнуваат на женското тело и општествените очекувања што ги засегаат жените и нивните тела. Што е главната порака на вашите перформанси?
Најважно за мене е да се мисли на еднаквост (без разлика на род, националност, раса, идентитет, класа), да се биде свесен дека општествените очекувања не се секогаш точни, да се скршат стереотипите, да се постават прашања за денешните вредности во општеството. Има прогрес на ова поле во последните години но далеку сме од постигнување на еднаквост. На глобално ниво треба да се запрашаме зошто сме толку заглавени во традиции и идеологии, а некако слепи кога станува збор за еднаквост. Родовата еднаквост не е само основно човеково право, туку и неопходен основ за мир, просперитет и одржлив свет. Навистина е бесмислено и апсурдно што како општество денес сè уште ги вреднуваме истите работи како во минатото, а во исто време сметаме дека општеството прогресира. Прогресот на општеството не може да се мери само со прогресот на технологијата, мора да инвестираме еднакво во сите аспекти на човечкиот и не човечкиот живот.
Перформансот Extima: Плодна почна е за екофеминизмот основан на премисата дека опресијата на жените и злоупотребата на природата се нераскинливо поврзани бидејќи и двете се доминирани од механизмите на партијархатот, капитализмот и деградацијата на животната средина. Како ги бирате симболите и сцените во вашиот уметнички перформанс Extima: Плодна почва и како ги поврзувате со женското тело?
Кога размислувам за перформансот што сакам да го направам, прво одлучувам за темата па потоа ја истражувам тема и размислувам како општеството гледа на таа тема. Материјалот за моите перформанси вообичаено се развива во Виа Негатива лабораторијата за перформативна уметност, каде се занимаваме со прашањата зошто и што да биде дел од перформансот. Работата го следи методот на себе-претставување развиен на основа на креативната пракса на Виа Негатива. Бидејќи имам позадина во визуелна уметност, секогаш се трудам да изберам симболи и сцени кои имаат силно визуелно влијание. Се трудам да користам визуелен јазик кој ги артикулира мислите позади перформансот. Во перформансот Extima: Плодна почва, конекцијата помеѓу природата и женското тело е некако визуелно базирана или редуцирана на целини и растење, следена од екофеминистичката надеж за ослободување на жените од конекцијата со природата. Според Тимоти Мортон, екофеминистички филозоф, восхитувањето на природата од дистанца, создава парадоксална ментална конфузија како онаа што патријархатот ја одржува кога се во прашање жените, ставајќи ги на пиедестал на садистичкo восхитување, додека истовремено ги смета за предмет и ги уништува. Тоа е една од причината зошто се одлучив да ја ставам публиката пред изведувачите, за да ја одржам дистанцата и визуелно да ја подвлечам таа мисла. Во перформансот ги користиме сликите што ја нацртав, кои се дел од мојата соло изложба, курирана од Јернеј Шкоф, и кои ја продолжуваат мислата на перформансот и ги врзуваат заедно перформансот и визуелната уметност во еден мал свет на симболи на општеството во кое живееме.
Кој е најголемот предизвик во вашите перформанси? Како се подготвувате, кои елементи се најважни?
Најпредизвикувачкиот дел е да се најдат вистинските дејства кои би ја превеле првичната замисла. Најважниот елемент за мене е визуелниот елемент, имам желба мојот перформанс како и уметноста што ја правам да биде едноставна, јасна и разбирлива и да има некакво влијание врз публиката. Многу е важно ние како уметници да разбереме дека со тоа што го правиме и како публиката реагира на нашите дејства успеваме да ја комуницираме идејата. И последно но не и помалку важно е групата со која што работам да се чувствува добро и удобно и да разбере зашто го правиме ова што го правиме, поддржувајќи го чувството на заедница и свесност за еден кон друг, без разлика на сите разлики што ги имаме.
Фотографии: Соња Ставрова
Според вас, дали уметноста и културата можат да бидат искористени за промена на перцепцијата и однесувањата во општеството и исто така да ја зголемат свеста за некои алармантни прашања?
Уметноста и културата се длабоко вкоренети во нашата заедница како репрезентација на мислите и верувањата, тие даваат придонес кон создавањето на ставовите и однесувањата и го одржуваат себе-идентитетот и чувството за припадност. Овие верувања, вредности и традиции често се пренесуваат низ многу генерации и помагаат да се формира иднината на културата, овие културни доживувања низ животот може да влијаат на перспективите на луѓето. Живееме во време кога ментално постојано сме без воздух и немаме енергија да мислиме на иднината. Нашите умови се поврзани со две работи што можеме да ги контролираме: приказната и емоцијата, нашата предиспозиција кон приказната и длабоко емотивната природа на донесувањето одлуки ги прават уметноста и култура основи за да се осигури нашата иднина. Уметноста може да ги развлече границите и перспективите на времето помагајќи ни да ја релоцираме нашата егзистенција во поепска територија. Може да ни помогне да ги ре-евалуираме елементите на сегашноста кои може да не однесат кон кошмарни сценарија. Уметноста и културата ја зацврстуваат социјалната кохезија преку отстранувањето на бариерите кои навидум го отежнуваат меѓусебното разбирање и комуникацијата вон јазикот во повеќето случаи. Сите ние сме индивидуи и тоа додава тешкотија за да се разберат точно перцепциите на другиот. Уметноста и културата создаваат различни канали за нас да добиеме подобро меѓусебно разбирање и да развиеме врски. Процесот на создавање врски го поплочува патот за нас кон култивирање на емпатијата и социјалната свесност што ја зголемуваат кохезијата во едно општество. Уметноста и културата прават симулација на нашата сензација, препознавање и разбирање кога некој презема инцијатива да открие што е скриено и да даде смисла на тоа што се воочува. Ни дозволуваат да искусиме идеи за минатото, сегашноста и иднината на емоционално и телесно ниво, не само на интелектуално. Може да нè потсетат дека радикални промени се направени во минатото и да нè инспирираат на скалило на минатите промени како и да нè потсетат на вредностите и однесувањата потребни за да се направи промена. Понекогаш ни се чини дека единствена опција ни е светот во кој живееме. Уметноста и културата може да нè изложат на повеќе можни иднини. Културата е основна алатка, таа е почвата на која растат нашите цивилизации. Ако сакаме да се осигуриме дека луѓето ќе имаат долга, просперитетна иднина на оваа планета, морама да работиме на полето на културата, како и на полето на политиката, науката, техногологијата и инфраструктурата.