Новата песна која е соработка помеѓу групата Дупер и Матеј Фолц ни дојде одлично периодов и беше супер прифатена од публиката. Затоа поразговаравме со нив и ни раскажаа повеќе за „Сменета“.
Како се случи соработката на песната „Сменета“?
Дупер: Не се сеќаваме на првиот момент, но долго време меѓусебе зборувавме за Матеј. Ни се допаѓаше тоа што го прави и енергијата што ја поседува, па сакавме да го запознаеме. Откако се случи тоа некако се се движеше природно и спонтано. Снимивме неколку различни траки, а „Сменета“ беше најпригодна за периодот во кој што се наоѓавме тројцата како луѓе и како музичари.
Матеј: Песнава испадна спонтано. Бевме кај Борис, тој го почна инструменталот и се роди идејата за „Сменета“. Брзо потоа имавме демо за интрото, ни се допадна како звучи и ја допишавме цела.
Како сте задоволни од песната и приемот кај публиката?
Дупер: Добивме одлични коментари. Драго ни е што нè слушаат, ама не смееме многу да се задржуваме на мислењата и критиките. Во секој случај, се надеваме дека некој се пронашол во приказната. Повеќе пати споменавме дека не се трудиме да исполниме некаква квота или да се допаднеме некому освен на самите себе, така и продолжуваме, а слушателите знаат да го почувствуваат тоа.
Матеј: Мислам дека добро ја искористивме разликата меѓу нашите стилови и испадна убава комбинација од која што ние сме задоволни. Забележувам дека и публиката ја прифати убаво, иако е различна од сите други работи што сме ги извадиле посебно.
Спотот е исклучително интересен, како се одвиваше снимањето?
Дупер: Секогаш е интересно на снимање. Со FrozenTimeDrops и ние и Матеј снимаме веќе подолго време, некако си станавме „наши“. Веќе им веруваме на вкусот, па идејата и реализацијата им припаѓаат целосно на нив. Убавината е во тоа што соработуваш со млади и креативни луѓе и ништо не може да тргне низбрдо. Имаше многу смеење и „грешки“ како и секогаш, па се надеваме на Дупер Блупер #3.
Матеј: Материјалот за спотот беше снимен во три дена, кадрите со нас тројца беа снимени еден ден, кадрите со Миа беа снимени другите два дена. Сè на сè беше убаво искуство во топ друштво.
Што ви е следен план, дали може да очекуваме нова соработка?
Дупер: Дефинитивно! Имаме уште неколку песни во фиока, само не знаеме кога ќе излезат. Во меѓувреме, работиме на нашите соло проекти, па може да очекувате нови песни во блиска иднина.
Матеј: Пред сè ми се допадна дружбата со Борис и Илчо, покрај добра дружба секогаш ќе има преклоп на креативност, така да ќе има уште соработки. Моментално секој работи на своето 🙂
Во услови на пандемија и рестрикции, колку сметате дека може да се развива креативноста кај младите музичари?
Дупер: Можеби не е совршено за да работи на завршување на идеите отколку на започнување на нови, но секако може да се биде креативен. Ние времево го посветивме на вежбање и на визуелизирање, а сега малку по малку и на заокружување на мислите. Се трудиме да останеме доследни на тоа што сакаме да го правиме дури и во вакви непредвидливи услови и се надеваме дека сите заедно ќе излеземе од ова живи, здрави и посреќни.
Матеј: Моменталнава ситуација делува дефинитивно врз начинот на творење, на пример јас пред и на почетокот на карантинот бев малку дистанциран од пишување, ама мислам дека самото седење дома направи да мислам на тоа што го сакам највеќе и да се фатам за работа.