Анета Попова е млада, вистински инспиративна девојка, која во своите изработки од глина несебично ги внесува своите емоции, знаења и инспирации од природата и создава уметнички садови и предмети од керамика.
Запознајте нè со Lipa Ceramics, почетоци, значење, изработки, материјали, начин на изработка?
Сè започна пред неколку години, кога барав начин да ги поврзам сите делчиња од себеси, или барем поголем дел од нив, во единство кое истовремено би ми помогнало да го балансирам живеењето во нашето комплексно и длабоко расцепкано општество. Но, и да создадам и споделам вредност, која ќе му даде поинаква текстура на проблематичното секојдневие. Велам текстура, затоа што таа може да се допре, а допирот е многу поголем емотивен иницијатор и контемплативен поттикнувач од она што само се гледа. Освен тоа, текстурата лесно создава и звук при допир со некоја друга, со што доживувањето е уште пошироко и подлабоко. Се трудев и се трудам сопствените внатрешни конфликти да ги преобразам, а со тоа, на некој начин да ја преобразувам и непосредната околина. Од тој аспект, керамиката ми понуди разновидни методи со кои постојано ги надградувам интересите и вештините, но и стабилност, која иронично, произлегува од постојаната неизвесност која е дел од овој занает. Веројатно, тоа ми помага и во подобро справување со неизвесноста која е неизоставен дел од нашите животи, особено како жители на земја како нашата, која е во постојан грч со децении. Но, и светот постојано нè потсетува дека во суштина е неправеден и дека никогаш не можеме да бидеме сосема мирни и спокојни. Неизвесноста и непредвидливоста се суштината на работењето керамика, тие мора да се прифатат за да се открие што повеќе од нејзината природа и филозофија. Тоа е нешто што засекогаш ќе го учам, да ја скротувам нестрпливоста, дел по дел, како медитативна филозофија на едноставното будно постоење. Иако почетокот беше означен со изработка на чинии, мојата керамичарска практика почна да се разгранува и да се насочува кон концептуални идеи. ЛИПА е гранката чиј фокус е функционалната керамика. Првата изложба која ја нареков Stone (Камен), се случи пред две и пол години и беше презентација на функционална, но скулптурална керамика, односно чиниите беа замислени како скулптури од кои може да се јаде. Изработката на чиниите и останатите садови и предмети е претежно на електрично тркало. Најмногу користам тврда, камена глина, која е соодветна за користење и лесна за одржување. Според карактеристиките тоа е глина што се пече на висока температура, се одликува со цврстина, непорозност и трајност. Меѓутоа во последно време се повеќе размислувам да се навратам и на црвената, мека глина од која се создава добро познатата теракота. Таа е дел од нашето поднебје, а идеите поврзани со неа се надевам наскоро ќе го добијат и својот физички облик.
Како ги поминувавте последниве неколку месеци во однос на новонастаната ситуација и како влијаеше на работните проекти? Од каде црпите инспирација?
Во периодот пред затворањето на светот заради пандемијата, можеби така ќе го мериме новиот свет – пред и после Ковид-19, го планирав надградувањето на студиото. Нормално сè мораше да се паузира, но полека почнувам да се навраќам на тие подготовки. Во моментов според она што го поседувам, капацитетот на истото е мал, многу мал. Сепак се трудам да постигнам што повеќе, да експериментирам и испробувам, а истовремено и да изработам бар дел од она што сум го планирала и дел од она што во меѓувреме ќе биде нарачано. Звучи хектички, а токму така и е, па затоа во иднина планирам малку поинаку да функционирам од организациски аспект, најверојатно само со палета на однапред изработени производи. Керамиката е занает што бара многу време, ресурси и внимание, па според тоа морам да ги прилагодувам и останатите обврски. Но таа е онаа специфична комбинација од занаетчиство, уметност и технологија, која постојано ме предизвикува и инспирира. Работењето со глина како материјал кој претрпува целосна трансформација и од кал станува камен, e медитативно и поетично, но се одликува и со брутална искреност. Сите внатрешни превирања се отсликуваат врз неа, стануваат видливи во пукнатините, низ површината и во самата структура. Но, токму тие мали незгоди, честопати сакам да ги охрабрувам, да ги оставам да постојат наместо да се трудам да ги поправам. Може да се каже дека ме инспирираат несовршености, природни се и зрачат со живот. Таква е природата, таков е и мојот двор на Матка, див и хармоничен. Од него лесно се црпи инспирација, односно сите нејзини сврзни тела, затоа што таква е таа, доаѓа од разни насоки и важно е каде ќе се калеми. Лесно се движи и секогаш е индиректна, па ја будат разни зборови, мелодии, ситуации. И еве во моментов ми текнува на сликите на Мазев, не знам зошто, можеби заради огнената експресија, а на глината ѝ е потребен силен оган за да се роди во керамика. Иако, она што јас го изработувам има многу посмирен и минимален финален идентитет. Налик на тишината која ми е повеќе од потреба, особено онаа која е слеана во ненаметливите звуци од природата, лелеава и растегната како разводнета глина која се прелева низ пристите. Таква е и мојата керамика, едноставна и мирна како вода, но тоа што ја создава се виори од бранови и пламени кои можеби доаѓаат од апстрактните скулптури на Вулкос, од чкртаниците на Твомбли, издолжените фигури на Џакомети кои наликуваат на препечена материја или од вибрациите на синиот скијач на Димо Тодоровски кој се чини дека секој момент ќе одлета во вселената. Или од поетиката во скулптурата на Барбара Хепворт и движењето по тенката линија на кршливоста и случајноста на Шерил Ан Томас. Или којзнае од каде, можеби едноставно од морето. Керамиката ми е нераздвојно поврзана со него, таа таму и почна, покрај грчкото море. Преку учењето на занаетот во Грција и самата земја доби ново значење за мене, а денес, со учењето на грчкиот јазик поврзаноста е уште поголема. Интересно е колку синтаксички се слични македонскиот и грчкиот јазик, што повторно ме навраќа на тишината што постои меѓу слоевите на природата, такви се и нашите јазици помеѓу слоевите на нашето испреплетено постоење.
Што значат за вас скулпторството и уметноста?
Сакам кога уметноста вибрира на повеќе јазици, во повеќе насоки, се меша, испреплетува и се преобразува, како калта во камен, ја траснформира околината и ѝ дава ново значење. Го насочува погледот кон неоткриените или скриените хоризонти и перцепции, го вперува прстот во можностите кои секогаш можат да бидат некои други и многу повеќе од тоа што во моментот сè. Тоа го гледам и чувствувам во керамиката и зборовите, кои како два посебни светови секогаш си го наоѓаат патот еден кон друг. Таква беше последната изложба во декември минатата година, Квадрати на постоењето, која како мултимедијален концепт беше изложена во галеријата Акантус во Скопје. Ѕидните елементи создаваа бесконечна низа во просторот, која можеше да се види, да се прочита, да се слушне и/или допре. Зборовите и претходно ги инкорпорирав во ѕидни елементи, како на пример, замисленото парче бетон исечено од скопскиот брутализам, кое беше направено за проектот 99FILES, Landscape_in Progress Labaratory, истражувачка платформа на Универзитетот за архитектура во Реџо Калабрија, чија изложба во Скопје се одржа во МСУ. Зборовите секогаш ќе бидат дел од она што го работам, како нераздвојно ткиво од материјата.
На што работите последно?
Последниве месеци работам на нов проект кој е на самиот почеток, во својот зародиш, кој исто така ќе обединува повеќе медиуми. Освен тоа, пробувам да најдам нова дефиниција за моите чинии. Се обидувам да дојдам до облик во кој случајностите при допир ќе фигурираат во хармонија со минимализмот кој генерално ги отсликува. Притоа, материјалот е секогаш видлив со што се добива контраст помеѓу глазираната и неглазираната, гола површина. Некако е природно и искрено, да можете да допрете нешто што доаѓа од земјата, а сега ви служи токму вам. Во меѓувреме, до крајот на официјалниот полициски час, работев на мал, но опсежен проект, наречен Керамикопии, со кој ги документирав деновите поминати во изолација. Секој ден, вадев по еден глинен отпечаток од моето лице, на кој директно се отпечатуваше психо-емотивната состојба на денот. Керамикопиите се едноставно копии на деновите, како еден вид архива на моменталната надреална ситуација. Керамиката со својата специфична материјалност и „алхемичарски“ методи со кои ја пече и топи стварноста, би рекла дека скромно, но со особена снажност се движи низ лавиринтите на уметноста. Кај нас керамиката, во смисла на современа уметност, нема некое утврдено присуство. Затоа многу ме радува дека интересот кон она што го работам, сè повеќе расте. Сè е постепено, но тоа во голема мера е поврзано со мојата интровертност.
Колку можат младите денес да успеат со занаетчиство и со уметност како професија, какви се шансите кај нас, а какви во европските или светските метрополи?
За крај, морам да потенцирам дека воопшто не е лесно и едноставно да се живее од уметност и занаетчиство кај нас, особено со занает како керамиката околу кој има многу трошоци. Мислам дека никаде не е лесно, но можностите се поинакви. Иако во европските и светските метрополи од една страна конуренцијата е поголема, сепак достапноста е исто така поголема. Кај нас на пример, воопшто нема материјали и опрема, што од старт го отежнува целиот процес на работа и го прави поскап. Иако на почетокот сите тие препреки ми беа фрустрирачки, фокусот ми е насочен кон наоѓање начини како да ги надминам. Учам да ги трансформирам, исто како во процесот на создавање керамика, да ги преобразам во нешто друго. Како просторот и времето што Фонтана ги пушта низ своите резови, за да станат некоја нова стварност.
Работен колаж