Симона Ефтимовска е јога инструкторка која ја направи www.slay.mk првата дигитална платформа за јога на македонски јазик, која започна со работа на 19 септември.
Платформата нуди обука од 33 асани „Повторувањето е мајка на знаењето”, дигитален прирачник, 3 бесплатни винјаси „Поздрав на сонцето”, блог и дел за прашања. Наменета е за секој кој сака да научи да практикува јога, без разлика на моменталната физичка спретност, затоа што повторувањето е мајка на знаењето, а јогата е начин на живот.
„Телото и карактерот на човекот се тесно поврзани, тоа е првата работа која ја воочив кога почнав да практикувам јога. На пример мојот карактер не е флексибилен, исто како и моето тело. Јас сум силна, но не и флексибилна. Како ја продлабочував мојата пракса телото почна да се ослободува, а мислата да се менува, тоа беа доволени индикатори за да започне моето јога патување. Имам 36 години и сум дипломирана новинарка, магистриран комуниколог и меѓународно сертифицирана јога инструкторка. Почнав да практикувам јога, не затоа што ми фалеше физичка активност (вежбам од кога паметам за себе), напротив не знаев што со себе па решив да застанам на глава, тотално погрешен пристап, но супер мотив“, вели Симона.
После детално истражување одлучила да посетуви часови во „Маитри“ студио за јога во Скопје, каде подоцна ја завршила и првата обука од 200 часови Hatha Vinyasa.
„Имав 31 година, 11 години професионално работно искуство, постојано чувство на трка со себе и потреба од нов предизвик. Бев уморна од моето секојдневие, а како велат ‘кога ќе се чувствуваш изморено не ти треба одмор, ти требаат работи за кои ќе се чувствуваш возбудено’ па така беше и кај мене. Благодарение на моите учители Марина Смилева и Симоне Метелицани Фенизи научив да стојам на глава, но откако успеав да го тргнам егото ‘јас знам се’ и да почнам од почеток прифаќајки го фактот дека не знам ништо. Искрено тој процес на викенд обука од 6 месеци, кој во моментот беше и се уште е единствена опција во Македонија, ми одзеде премногу време, а јас сум практичен човек, па тогаш си ветив дека моментот кога ќе се чувствувам доволно искусна ќе најдам наједноставен начин да ја споделам оваа дисциплина со што е можно повеќе луѓе“ дополнува Симона.
Таа искрено верува дека јога треба да практикува секој затоа што претставува дисциплина која е многу повеќе од физичка пракса, таа делува на подобрување на здравствената состојба и менталните способности.
„Мојата пракса се уште секојдневно се развива, но денес после 5 години од првиот час се чувствувам доволно удобно да го пренесам тоа што го знам, а притоа да верувам 100 % во тоа што го зборувам. Верувајте во себе и сами откријте ја моќта на телото, умот и здивот затоа што јогата е здравје“, завршува Симона.
Уживајте!