Симона Аврамова и нејзината професионална приказна се најубав доказ дека со многу труд и посветеност можеш да имаш светска кариера. Македонската мејкап-артистка повеќе од седум години живее и работи во Барселона и зад себе има навистина импресивни проекти. Нејзиниот специфичен начин на работа, изразената креативност и естетика се показатели дека нејзиното време допрва доаѓа.
Македонската јавност ве запозна минатата година кога одекна веста дека Македонка е задолжена за шминката и фризурата на Лео Меси во култната реклама на „Луј Витон“. Колкава посветеност и напорна работа ве донесе до овој професионален ангажман?
Знам дека е клише она што ќе го кажам, но можеби е клише затоа што е вистина. Искрено, зад тој ангажман стои огромна посветеност и напорна работа, со години, иако проектот дојде многу природно и спонтано. По сѐ што имам чувствувано на својата кожа, сега сум сигурна дека најважно е да се потсетуваме дека ништо не се случува преку ноќ. Амбициите и соништата доаѓаат со нетрпеливост и желба да се стигне до целта колку што е можно побрзо, но сите големи работи се цветот на едно долго полевање со вода, љубов, посветеност, работа, отворен ум, трпеливост, волја, учење од грешките и, најважно од сѐ, константно потсетување дека не треба да се откажуваме.
Вашата професионална приказна почна филмски, од препознавање на вашиот талент во продавница на „Сефора“, па до сетови со светските ѕвезди. Кои делови од вашето градење како професионалец ви беа најголем предизвик?
Мислам дека мојот став кон предизвиците ми беше и сè уште ми е најголемата предност. За секого патот ќе биде различен, всушност и патот да биде ист, искуството и начинот секогаш ќе бидат различни. Да појаснам, за мене, предизвиците се оние што ме водат, свесното преземање ризик или промена. Многупати одлучував да прекинам соработка, проект, работа или работа со клиент зашто на нив гледав како период што има почеток и крај, а тој крај носи нови можности, нови проекти, нови искуства. Стагнирањето ми е најголем „red flag“, се обидувам да не останувам предолго во латентен период или на исто место, говорам место или работа, процес. Можеби и затоа сум во постојано движење и промени, дури и минимални. За мене, промените се неизбежен дел од растењето како артист и човек. Секако, во сето ова не го ставам времето за себе, тоа е од огромно значење во мојот процес. Да знаеш кога да застанеш, да земеш воздух, да го акумулираш сè она што ти се случува или не ти се случува и да се рекалибрираш.
Дали ви се допаѓа начинот на кој се развива индустријата со декоративна козметика во светски рамки?
Од една страна, има константен влез на нови брендови што се пласираат на пазарот со онлајн-присуство, всушност најбрзиот и најуспешниот начин е е-трговија и има голем наплив на нови, козметички брендови и шминки што се нудат на овој начин. Таа сатурација ја гледам со понизок квалитет, иако сум голем поддржувач на мали бизниси и брендови, велам, не доаѓаат сите од квалитет и од вистинска мисија. Од друга страна, по пандемијата имавме премин кон еколошката свест кај производителите и потрошувачите кои купуваат природно произведени состојки во козметичките производи, кои пораснаа, во просек, од 18% од продажбата во 2017 година на 24% од продажбата во 2021 година и тој процент сè уште расте. Големите компании константно се приспособуваат со новите трендови, иако многу од нив се самите трендсетери. Има многу контрадикции, но и вистински иновации. Има многу движење во секторот. Сметам дека се оди во добра насока, ако ништо друго, еколошката свест и квалитетот во моментов стојат на висока позиција. По пандемијата се користи многу помалку, поквалитетна козметика, што е одлична промена.
Динамиката на вашата работа ви овозможува постојано да сте во различни земји, да запознавате нови луѓе, да соработувате со врвни професионалци. Што е најважно во вашата работна етика и кои основни начела ги практикувате?
Една од најголемите желби ми беше да патувам. Сега, кога сум постојано во движење, благодарна сум на работата и она што ми го овозможува, иако таа динамика понекогаш носи замор, огромна одговорност и организација. Најважно во мојата работна етика е организацијата во техничкиот дел од работата, како фриленсер, и деконструкција на поимот дисциплина во креативниот дел, затоа што, кога станува збор за артист, мислам дека не постои нормален распоред. Креативниот дел зема многу време, така што пробувам да не го споредувам мојот распоред со никој друг, затоа што се многу поинакви и начинот и процесот. Треба да се земе предвид времето потребно за креација, што може да трае долго. Основното начело ми е, освен организацијата и дисциплината во техничкиот дел од бизнисот, приспособување на комплетно спротивниот поим – земање доволно време за инспирација и креација.
Секој мејкап-артист има свој личен израз и препознатлив стил на работа. Што сметате дека е ваш заштитен знак?
Природното акцентирање со шминка! Најмногу коментари добивам во врска со кожата, каде што никогаш не користам слој пудра на целото лице, наместо тоа, играм со прикривање пигменти и несовршености само онаму каде што е потребно. Исто така, невидливиот молив за очи и мојата рутина на трепки, каде што исто така не се забележува маскарата или издолжувањето на очите. Играњето со оптичка илузија ми е или маана или професионална деформација. Исто така, не следам трендови, оние мои извршени шминки што се многу покреативни се хот кутур и не баш во тренд, така што би кажала дека тие две работи ми се заштитен знак.
Светската јавност покажува многу поголема освестеност за изборот на продукти за нега на лицето и телото. Со каков вид брендови и продукти сакате да работите?
Како што напоменав претходно, свесноста е на многу повисоко ниво, како за брендовите, така и за потрошувачите. Во мојата персонална рутина, како и за негата на лице на сите што седнуваат на моето столче, квалитетот ми е секогаш прв на листата. Користам и соработувам само со брендови на кои им верувам со затворени очи, со колку што е можно поприродни состојки. Во однос на шминката, исто, производите за лице што ги користам се серуми со пигмент, кои содржат активни состојки. Подготовката на кожата пред шминка ми е исто така заштитен знак, не почнувам да работам без убава и чисто подготвена подлога.
жИзјавивте дека Лео Меси е еден од најголемите професионалци кои ги имате запознаено. Како изгледа да се работи на сет од светски размери и на кој начин се подготвувате за проекти од ваков вид?
Стопроцентно. Лео Меси е неверојатен човек и неверојатен талент. Кога сме на сет за голем проект, се работи за огромен број луѓе, ако снимаме во студио, се работи за студио од огромни размери со камери на робот и луди движења. Малку е лудо сè, ама се навикнуваш со текот на времето и, некако, сè тоа изгледа многу нормално подоцна. Организацијата е пресудна, продукциската куќа држи огромна одговорност за целата организација. Пред проектот, цело време имаме состаноци. Од моја страна, понекогаш имам околу 30 актери за подготвување и во тој случај имам асистенти кои ми помагаат со целокупната работа. Најубавото чувство е кога ќе завршиме со снимање и секој од нас е задоволен од својата работа, како и кога ќе излезе проектот во етер.
Како ја гледате својата кариера во иднина? На што работите моментално и каде е вашиот професионален фокус?
Фокусот ми е на повеќе места моментално, како и секогаш. Никогаш не сум со една работа во исто време. Во кариерата, се надевам во блиска иднина, се гледам како главен шминкер на модната недела во Париз, иако сè уште не знам за кој бренд би сакала да бидам клучен артист, имам многу фаворити. Сигурно е дека имам само еден константен фокус – продолжи да работиш и продолжи да сонуваш. Не се опседнувам премногу со целта, се надевам на некои нешта, но пред сè, го уживам патот. Исходот, ќе бидам посреќна ако е неочекуван. Така ми е повозбудливо.