Дина Јашари се појави на македонската музичка сцена пред неколку години и со својата музика, талент и напорна работа ја освои македонската и интернационалната публика. Со песната „Дома“ ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ за 2022 година, за најдобра песна во регионот и му покажа на регионот дека Македонија е земја со квалитетни и талентирани музичари, чие време допрва доаѓа.
Минатата година ви донесе многу големи професионални победи, награди, нови песни и турнеи. Што научивте од сите овие убави моменти и како тоа се одрази на вашиот творечки процес?
Преубаво е чувството кога гледам дека сиот труд што сум го вложувала со години конечно е забележан, награден и ценет. Надеж за мене и за моите врсници (се надевам) дека границите можат да се поминат преку квалитетна музика, без разлика на јазичната бариера. Морам да признам дека колку што мојот творечки процес има причини да се развива, толку и мораше да пати, затоа што сите турнеи и промовирање на мојата музика надвор од Македонија ми одземаа многу време и енергија. Тоа значи помалку време во студиото и работа на новата музика. Оваа година, заедно со мојот бенд (Другари), ја почнавме со настап на фестивалот МЕНТ во Љубљана, го отворивме јубилејниот концерт – 25 години постоење на хрватската група „Елементал“ во Шалата, Загреб. Летото и есента ни се букирани со настапи во Будимпешта, Краков, Осиек, потоа фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, потоа турнеја во Хрватска на Макарска, Дрвеник, Шибеник, Зларин, Млет, Загреб, Ластово… Мојот план е по сите настапи да се повлечам и да работам на мојот деби-албум.
Вашиот креативен процес има многу широк опсег: пишувате текстови, музика, продуцирате. Кој дел од создавањето музика ве исполнува најмногу?
Секој момент во креирањето ми е посебен, но она што најприродно и интуитивно ми доаѓа да го работам е текстот и мелодијата. Омилени ми се тие денови кога ќе влезам во еден креативен стадиум и заборавам колку е часот, кој ден е, дури и заборавам да јадам. Не се случуваат често, но клучни моменти се за сите следни чекори што следуваат во процесот на правење на една песна. Кога имам добра основа, текст, мелодија и акорди отсвирени на гитара или пијано, преминувам на продукцискиот дел, каде што барам помош од Драги Иванов и така заедно стигнуваме до финалната верзија од една песна. Како поминува времето, така сакам сѐ повеќе да експериментирам и да вклучам повеќе луѓе во тој процес, со размена на идеи и вклучување на повеќе глави се доаѓа до интересни нешта.
Накит од сребро – Ti Sento
Часовник – Tissot PRX
Која е главната карактерна особина што ја пренесувате од генерација на генерација во вашето семејство и за која си сигурна дека има безвременска вредност?
Откако знам за себе, кај мене дома секогаш беше полно со луѓе. Во секое време и невреме вратата беше отворена за гости, паметам како никогаш сум немала „bedtime“ како дете и уживав да се дружам. Како што растевме, така забележав дека јас и брат ми ги одржуваме тие вредности на лојалност кон пријателите, одржување врски, дружељубивост и верба во луѓето. До денешен ден, една од најважните работи за мене е комуникација со луѓето околу мене, посветување време на блиските, иако со текот на времето животот ми станува толку брз и полн со обврски, што речиси е невозможно да поминувам време колку што сакам со оние што ми значат. Но, нешто што се обидувам да го правам е да се потсетувам кои ми се приоритетите, малку да застанам и да ја видам големата слика на работите што се важни во животот, затоа што овој живот тука не трае вечно, никогаш не знаеш колку време можеш да имаш со некого. Благодарна сум на моите родители кои ме научиле од мала за овие вредности што влијаеле многу врз оформувањето на мојот карактер и како функционирам сега.
Како би ја раскажала својата животна приказна за пет секунди, односно како ќе звучи таа во својата најкратка форма?
Мојата среќна ѕвезда се балансира со траумите што ми се имаат случено. Верувам дека Бог ми дал прекрасни луѓе, дарба и платформа да се занимавам со нешто олку убаво, за да ме лекува во исто време, да ме мотивира и да ми помага да се соочувам со тагата и неправдите што ги носи животот.
Часовник – Tissot PRX
Омилен момент од животот кога сфативте дека времето е релативно?
Се чувствувам како лани да имав 19, а за неколку месеци ќе полнам 24 години. Мислам дека со ковидот, сите се чувствуваме како да прескокнавме две години од животот. Особено за мојата генерација, од бруцоши скокнавме на апсолвенти. Криво ми е што ги пропуштив тие убави студентски денови за кои постарите генерации секогаш зборуваат со носталгија како најубави години. Сепак, ги гледам и сите позитивни работи што ми се случија во меѓувреме, имам чувство дека во 2022 и 2023 година многу работи што сум ги посакувала, што сум ги сонувала ми се исполнија, успеав да патувам и да настапувам по неколкупати во Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија во рок од неколку месеци.
Според вас, која е разликата кога времето се брои во секунди, а кога во моменти?
Времето го бројам само во моменти. И онака немам осет за време, често знам да задоцнам, да се заборавам, да се изгубам во времето и просторот, отсекогаш било така. Секундите и минутите ги вовеле некои паметни луѓе за полесна организација. Без тоа светот денес ќе беше во тотален хаос. Минутите ги броиме најчесто за работи што не ги сакаме, кога чекаме да помине нешто, ова ми е прва асоцијација што ми дојде на ум. Моментите ги живееме, тоа се спомени, ги забележуваме само откако ќе поминат. Понекогаш си размислувам дали таму каде што сум сега ќе бидат „старите добри времиња“ за десетина години отсега.
Стилистка: Сара Стојчевска
Шминка и фризура: Бобан Тодоровски
Локација: Алшар Студио