Почнувајќи од следниот месец, само 20.000 туристи дневно ќе можат да влезат во Акропол во Атина, најпопуларното грчко археолошко наоѓалиште. Исто така ќе биде ограничено и колку посетители ќе бидат пуштени секој час. Досега над 23.000 луѓе дневно го посетуваат монументалниот комплекс, со најмногу групи на посетители претпладне. Министерката за култура Лина Мендони изјави дека контролата е потребна за да избегнат тесните грла и пренатрупаноста на Акрополот кој е прогласен за светско наследство на УНЕСКО.
Во радио интервју министерката кажа дека иако туризмот е пожелен за земјата, сепак мора да најдат начин прекумерниот туризам да не го оштети споменикот. Мерките ќе почнат да важат на пробен период од 4 септември, а трајно ќе стапат на сила од 1 април 2024 година. Нема да има временско ограничување на посетите но Мендони рече дека луѓето кои доаѓаат со организирани тури од крстарење поминуваат околу 45 минути на локацијата и претставуваат околу 50 проценти од дневната бројка на туристи.
Акропол е отворен од 8 часот наутро до 20 часот навечер од понеделник до недела. Според новите правила само одредена бројка на туристи ќе биде дозволена секој час. Половина од посетителите доаѓаат од 8 часот до пладне. Според новиот систем 3. 000 луѓе ќе може да влезат од 8 до 9 часот, 2.000 следниот час и бројките ќе варираат до крајот на денот.
Повеќе од 3 милиони луѓе го посетие Акропол минатата година, според грчката статистика. Минатиот месец Акропол и други антички наоѓалишта беа затворени за време на пладневните часови поради топлотниот бран што го зафати целиот свет.