Лиса Леонe, фотографката и режисерка, ја започна својата кариера фотографирајќи некои од највлијателните имиња во хип-хопот. Многумина не можат да се пофалат со тоа дека биле во студио додека Nas го снимал неговиот историски албум од 1994 година „Illmatic“. Но за Лиса Леона, тоа било само уште еден ден во нејзиниот неверојатен живот како фотографка на улиците на Њујорк, тогаш кога цветал хип-хопот. Потекнувајќи од Бронкс, самопрогласената „б-девојка“ развила страст за фотографија од рана возраст и продолжила да фаќа со својот објектив некои од највлијателните музичари во хип-хопот, вклучувајќи ја и Лорин Хил, легендарниот озлогласен B.I.G., младиот Снуп Дог на снимањето на неговото деби спот и пионерскиот татко на хип-хопот, Grandmaster Flash, меѓу многу други имиња.
„Фотографијата на Лиса доловува култура во транзиција; преку нејзиниот објектив може да се цени патувањето на младите уметници кои помогнаа да се отвори патот за генерациите што доаѓаат“, вели Mare 139, артист од Њујорк за нејзината фотографска книга „Here I Am“
Надвор од областа на фотографијата, талентите на Леоне се прошируваат во различни аспекти на снимањето филмови, вклучувајќи пишување, продукција и режија. Нејзината креативна моќ доведе до соработки со ценети визионери како Спајк Ли во неговиот револуционерен филм од 1989 година Do the Right Thing, а подоцна и со легендарниот Стенли Кјубрик, на неговото последно ремек дело, Eyes Wide Shut.
Во интервју за Euronews, во годината кога се слави 50 годишнината од жанрот, Леоне вели дека едно од најраните сеќавања како фотографка била сесијата на „Illmatic“ со Nas.
„Исто така се сеќавам на смешен инцидент со Big Daddy Kane. Кога го сликав него користев новинарска камера со филм која беше многу побавна. А тој претходниот ден имал фотосесија со некој што има пофенси камера и светла. Затоа цело време коментираше дека мојата опрема не чини бидејќи бев многу бавна. Затоа му реков ‘Па, јас не ти кажувам на тебе што да правиш во студиото додека снимаш музика’. Тој на тоа се насмеа па се задевавме и понатаму и направивме одлична соработка. Исто така, го сликав и првото музичко видео на Снуп Дог, што беше режирано од Fab 5 Freddy, со кого бев добра пријателка. По околу 25 години, договоривме средба со Снуп Дог за да му ги покажеме слајдовите од тоа снимање. Тој беше воодушевен од сликите и рече ‘Не знам како си ги фотографирала овие слики. Тогаш бев толку повлечен и срамежлив. Мора да ти тече хип-хоп во вените или нешто слично.’ Тоа беше посебен момент за мене“ вели Леоне во интервјуто.
Едни од најомилените хип-хоп група или артист на Леоне и се Guru и Gang Starr, но на врвот на листата дефинитивно и е Rakim. За денешната хип-хоп сцена, иако не слуша многу од современиот хип-хоп, таа вели дек Кендрик ламар е неверојатен, а Lil Nas X ги крши бариерите.
За работата со Стенли Кјубрик, Лиса вели дека тоа било едно големо искуство.
„Работејќи на филмот со него се чувствував како да сум дел од студентска филмска продукција. Имаше само одредена мала бројка на луѓе. Ако сте спремни да се откажете од животот, на што јас бев, и да бидете на повик 24/7, тој ќе ви дава сè повеќе и повеќе да правите. Затоа решив сето тоа време да го посветам на апсорпција и учење. Научив многу од него. На крајот, тој ми даде шанса да бидам дел од филмот, дури и ме стави во него – одеднаш имав сцени. Тој не само што беше исклучителен режисер, туку и неверојатен продуцент и ме научи вредни лекции за продукцијата. И се подготвував да работам на неговиот следен проект A.I. но тој за жал почина.
Тој беше многу забавен, со смисла за хумор. Неверојатно е да се поминат четири години, секој ден во разговор со него. Го носам тоа секогаш во мене и сум толку тажна што повеќе го немаме“, вели Леоне.
Нејзината книга „Here I Am“ содржи 80 од најпознатите фотографии на 140 страници. Хип-хоп културата на музика, танц, уметност и мода е засекогаш во зародиш и најавтентична во првата монографија од фотографиите на Лиса Леоне.