Со цел намалување на времето поминато во бесцелно скролање на социјалните мрежи, Инстаграм воведе нова опција „тивок режим“ (Quiet Mode). Тоа значи со избирањето на таа опција, сите нотификации се паузираат и статусот на профилот ќе се смени во „тивок режим“. Ако некој испрати порака во DM додека опцијата е вклучена ќе добие повратен одговор со објаснување дека корисникот го активирал „тивкиот режим“. Мета во својот блог пост ја опишува оваа опција како „нов начин на менаџирање со времето и фокусот“, а целната група всушност се тинејџерите за кои според истражување на Мета сакаат повеќе време за себе и барале начини за поголемо фокусирање во текот на ноќта, додека учат и се во училиште. Оваа опција е засега достапна само за САД, Ирска, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд, но наскоро ќе биде достапна и во останати земји.
Дали навистина оваа опција ќе биде користена за нејзината намена со оглед на тоа што ќе треба да се натераш за да ја вклучиш и често повеќето ќе бидат во искушение да ја исклучат брзо, останува само да се види. Намалување на времето поминато пред екраните на паметните телефоните е цел на многумина, а повеќе од една деценија откако веќе сме навлечени на Инстаграм, доаѓа овој новитет, кој иако не е новитет за паметните телефони (некои веќе имаат ваква опција, а и секогаш постои Airplane mode), сепак е нешто за прв пат на Инстаграм.
Компанијата исто така најави дека ќе може да се бираат и препораките за постови, за фокус на подобра содржина што ја нуди самата мрежа. На пример, ќе може да се скријат одредени содржини што не ви се интересни и да се избере „Not Interested“, за пост што излегува во табот Explore. Исто така ќе може да се направи и листа на зборови и хаштази што сакате да ги одбегнете. Ова и не е така лошо можеби со оглед на тоа што мрежата нуди секаков вид на содржина. Генерално овие промени не го менуваат оптоварувачкиот аспект на социјалните мрежи, но се некој чекор понапред за нивно менаџирање.