Ивана Балабанова е сопственик и уметнички директор на „Битрикс културен центар“, каде што во изминатите петнаесет години го реализира најголемиот дел од својата работа и создава голем број платформи за едукација и афирмација на урбаните и современите танци. Токму поради ова таа во 2019 година е избрана за европски амбасадор во Советот на Европа, а во 2021 година ја доби наградата „Youth Civic Engagement“ од УСАИД.
Како „Битрикс“ почнувате проект наречен „Tanz.Transformator. Re-imagining our dance community“ (Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница). За што поточно се работи и што опфаќа проектот? Во колку циклуси ќе се одвива?
Со „Битрикс“, низ годините се обидуваме активно да дејствуваме во интерес на развојот на локалната танцова сцена, секогаш со своите капацитети и можности, како и со поддршката од неколку локални пријатели. Препознавајќи ја потребата да се пренесат кај нас практиките од светот и неопходноста од дополнителна едукација и размена на знаење помеѓу националната и интернационалната сцена, досега ги развивме платформите што се одржуваат повеќе години, како: платформата за танцови работилници „Битрикс спешлс“, интернационалниот танцов камп и фестивал „Битрикс танцова лига“, фестивалот „Современо-урбани кореографски минијатури“ танцовиот карван „Позитивно родителство“ во соработка со УНИЦЕФ и безброј помали проекти. Како последица на долгорочниот активизам, нашите идеи беа препознаени и од Амбасадата на САД во земјата, па така го реализиравме и едногодишниот проект ВАДА – Виртуелна американска танцова академија, кој оствари неверојатен успех и ги вклучи младите кои дејствуваат во областа на урбаните танци. Сепак, иако примарната дејност на „Битрикс“ е аматерската и полупрофесионалната сцена, неминовно беше по одредено време да го свртиме нашиот фокус и кон професионалната сцена. Потребата за ова се појави како последица на речиси невозможни услови за работа и заработка на професионалните танчари и кореографи од областа на современите танци, што, пак, на долг рок го уништува духот на целокупната танцова сцена, бидејќи младите, сведочејќи ги недостатоците во професионалниот контекст, губат интерес да се насочат кон таа кариера. Имено, не постојат можности за вработување, а понудата на независната сцена за професионално дејствување е скудна. Така се појави идејата за „Танц.Трансформатор“, чија цел е да се создаде контекст за работа и соработка со локалните и интернационалните танчари и кореографи, а со идеја на оние малку танчари во земјата да им обезбеди континуитет во работата преку учество во три танцови продукции. Проектот беше препознаен од Амбасадата на Швајцарија во земјата и Агенцијата за развој и културна соработка, а предвидува три циклуси што вклучуваат: отворени танцови работилници за пошироката танцова заедница, танцова резиденција со два интернационални и еден локален кореограф и национални турнеи во повеќе градови од Македонија. Притоа, танчарите преку аудиција добиваат право на учество во работилниците, а по завршувањето, кореографот го селектира својот тим кој ќе биде вклучен во резиденцијата и турнејата.
Какви се условите кај нас за независните танчари? Колку и како можат да напредуваат со оглед на ограничените можности?
Додека во светот постојано циркулираат отворени повици за танчари и кореографи, а притоа европските земји во своето национално дејствување нудат изобилство можности, кај нас, за жал, поддршката на танцот е на независно ниво. Една од причините за тоа е што нашата земја сè уште нема функционална танцова компанија, која поседува ресурси за да вработи танчари и кореографи и континуирано да вработува и ја поддржува танцовата заедница. Дополнително, националните институции незначително го поддржуваат танцот и поддршката е процентуално многу помалку застапена од другите уметнички дисциплини. Уште повеќе, соработката помеѓу секторите речиси не постои, како на луѓето да им недостигаат идеи, па многупати танцот е презентиран во својата комерцијална форма, суштински неиздлабена и можеби површна. Од таа причина, многу од танчарите се наоѓаат во прекаријатна состојба и се принудени да ја обезбедат својата финансиска стабилност работејќи во други сектори и оддалечувајќи се од својата примарна професија. Сепак, би рекла дека постои една група на млади луѓе од кои дел заеднички, а дел индивидуално дејствуваат, секој на свој начин и континуирано придонесуваат за да се одржува духот. Верувам дека, на долг рок, овие млади генерации ќе донесат промени.
Од твое лично долгогодишно искуство, колку сметаш дека е важно да се вложува во танцот и да се организираат секакви проекти и работилници, каде што танчарите ќе можат да се надградуваат и да научат нешто повеќе?
Наместо „колку е важно“ би рекла дека е неопходно. Танцот се храни со контакт, размена и соработка. Нештата во светот се менуваат и се преобликуваат неверојатно брзо, па дури и за оние што поседуваат ресурси е речиси невозможно да следат сè што се случува. Но, тука не станува збор само за техничка поткрепа на танчарите. Кај нас, значително недостига здрав педагошки пристап, менторски поттик и силна/храбра неоптоварена визија на лидери без хипертрофирани ега. Со идеја да се надминат недостатоците на закоравените традиционални пристапи, потребно е да се отвориме кон светот и да ги трансформираме своите досегашни идеи. Верувам дека кога би се поставил здрав терен, младите ќе добијат шанса наместо да оперираат од позиција на фрустрација и да се борат со опструкциите, да дејствуваат проактивно кон креирање на поквалитетен систем на работа. Нашата, мојата генерација наследи голема одговорност по основа на ова прашање, но не се сомневам дека дел од нас ќе успеат во тоа. Особено сега, живеејќи во Цирих, ја чувствувам на своја кожа разликата во комуникација, односот кон сите оние што се дел од сцената и колку се вреднува и се слуша гласот на младите, што кај нас тоа е навистина ретко и недоволно.
Споменавте и познати светски кореографи кои ќе гостуваат кај нас во состав на проектот. Ќе можете ли да ни кажете нешто повеќе за нив? Кои се тие и какво искуство имаат зад себе?
Танцовите резиденции на „Танц.Трансформатор“ се реализираат по моделот на отворен повик. Односно, како за танчарите, така и за кореографите, објавуваме отворен повик што е достапен на интернационалните препознаени мрежи за кореографи. Во рамките на првиот циклус, кој заврши неодамна, добивме 93 апликации од интернационални кореографи. Селекцијата беше навистина тешка, особено затоа што голем дел од нив беа искусни и квалитетни, со големо портфолио зад себе. Селекцијата беше спроведена од тимот на „Танц.Трансформатор“, како и од дел од моите колеги од Академијата за уметности ZhDK во Цирих, но и дел од локалните колеги. Сепак, а еве и за првпат во списанието „Портрет“ ќе го објавиме првиот кореограф – Тобијас Дрегер од Хамбург, Германија, кој е неверојатен во својот израз и во својата естетика. Неговата работа ќе почне на деветти јануари, а првата турнеја ја предвидуваме на почетокот на февруари. Во првата фаза беа селектирани триесет танчари од сцената, а само седум од нив ќе работат на танцовата продукција.
Каква е состојбата со современиот танц на светската сцена? Што се презема за да се развива? Како се мотивираат танчарите да ги усовршуваат своите танчарски способности?
Ме радува што по пандемијата на коронавирусот значително се покрена свеста за потребата за поддршка на уметниците и ми се чини дека во светот изобилуваат нови можности што финансираат танцови продукции и истражувачки резиденции за етаблирани уметници и уметници во подем. Ова, пак, е од особена важност за поддршката на малите колективи и танцови компании, кои ми се чини дека полека но сигурно го трансформираат системот на танц што во минатото фигурираше преку големите танцови театри и компании со силна хиерархија и строга традиционална структура. Денес, малиот колектив е пример за борбеност, жилавост, свежина и во светот се раѓаат нови храбри креатори кои создаваат диверзифицирана квалитетна танцова продукција, која отскокнува од претходно поставените застарени стандарди. Сето ова ми дава надеж дека конечно ќе се чуе гласот на новите генерации и додека можеби се појавува проблемот на преоптовареност и голема конкуренција, речиси сум сигурна дека квалитетните креатори и танчари ќе се истакнат благодарение на поедуцираната и посвесна публика која не поддржува површност.