Дизајните и илустрациите на Сергеј нè привлекоа на прв поглед, па поразговаравме со графичкиот дизајнер од „Бреинстер“ за неговата креативна работа.
Како почнавте со дизајн? Што ве влечеше кон оваа професија?
Не би можел да издвојам конкретна случка или датум кога и како сум почнал со дизајнирање. Сметам дека тоа е карактеристика што била вградена во мене уште од почетокот. Со текот на времето сум почнал да ја согледувам таа особина и да одвојувам време за да ја надградувам. Помислата на создавање нешто свое или надградување на нешто веќе постојно е клучната причина и воедно одговорот на прашањето – Зошто дизајн?
Што најмногу сакате да дизајнирате?
На креативноста како особина не би ѝ ставил рамка за да ја ограничам само на одредена област. Сакам да создавам, без лимит.
Колку секојдневието ви дава материјал за работа?
Сè што гледаме, сè што газиме и сè што допираме почнало како нечија идеја што подоцна се претворила во реализација. Ако посветиме барем 15 минути дневно за да размислиме и да анализираме што нè опкружува, ќе дојдеме до заклучок дека секоја креација има простор за подобрување или иновација. Да дадам конкретен одговор на прашањето, сметам дека најголемиот дел од инспирацијата доаѓа од секојдневието.
Сметате ли дека секој дизајнер внесува по нешто од себе во својата работа или се држи до одреден правец и сфера на креирање?
За еден дизајнер да стигне до точка каде што може да биде претпознатлив според нешто свое, односно да ги постави темелите на нова насока, најпрвин мора да ги изучи и да го помине патот на следење и креирање на веќе постојните правци од други дизајнери или уметници. Одејќи го патот и собирајќи го сето тоа знаење, неминовно е дизајнерот да почне да внесува нешто свое.
Дали ви се случило да западнете во креативна блокада и како излегувате од неа?
Блокадите се многу нормални и здрави за креативниот процес, па така секој дизајнер има изградено свој, различен начин на справување со нив. Доколку заглавам на одреден креативен проект, кратковремено го стопирам и се префрлам на нешто друго од сферата на дизајнот. Честопати знам да земам само лист и молив, да го исклучам мозокот и да ја оставам раката сама да се движи.
Дел сте од тимот на „Бреинстер“ и, според вас, како е да се биде дел од оваа успешна организација и какви можности нуди?
Токму така, дел сум од оваа прекрасна организација како дизајнер веќе две и пол години. Ја имам честа секојдневно да работам со паметни луѓе, односно според речникот на Стив Џобс – прволигаши. Една од карактеристиките на „Бреинстер“, што сметам дека сите треба да ја практикуваат, е секојдневно учење и континуирано надоградување на себеси.
На што работите моментално, на што сте посветен?
Како секојдневна работа ја имам зацртано целта да посветам време да станам подобра верзија од тоа што сум, да можам преку креативност и дизајн позитивно да го променам светот и да придонесам за општеството.
Дали следите други дизајнери? Дали нечии дизајни особено ви оставаат впечаток?
Обожавам дизајнери што се мултидисциплинарни и работат на физички креации/дела/продукти. Листата е долга, но ако сум присилен да одвојам неколку дизајнери, би ги ставил:
* Даниел Аршам (@danielarsham)
* Фелипе Пантон (@felipepantone)
* Метју М. Вилијамс – креативен директор на „Живанши“ (@matthewmwilliams)
* Рик Овенс (@rickowensonline)
* Канје Вест – можеби многу луѓе го гледаат само како музичар, но има брилијантен креативен ум (@kanyewest)
* Карл Лагерфелд (начинот на којшто ги црташе своите дизајни на облеки е фасцинантен)
* Целиот дизајн тим на „Бреинстер“
Колкав предизвик е да се биде креативен во нашето општество? Дали сметате дека имаме добра основа за развој на уметничката и дизајнерската сцена?
Особината да бидеш креативен е предизвик сама по себе, процесот на создавање е многу сложен. Но, сметам дека има причина зошто е така. За да стигнеш до некое финално решение, некоја креација, подобрување, иновација, мораш да го поминеш тој „тежок“ процес или предизвик.
Бројот на креативни луѓе се зголемува секојдневно, што е супер, бидејќи во светот секогаш ќе има простор и добредојдени се нови креации и умови што создаваат.