Сеопфатното сексуално образование со години се провлекува како неопходна тема, која поставува многу прашања и дава многу одговори, но некако е „застрашувачка“, „срамна“, табу тема на македонското општество. По воведувањето и започнувањето на пилот-програмата со обука на наставниот кадар за правилно имплементирање на ССО започнаа да се шират дезинформации околу програмата и тоа што би се изучувало. Со цел да ги разбиеме стереотипите и да понудиме вистински информации за ССО поразговаравме со Мери Цветковска, проектна координаторка во ХЕРА и Ирена Цветковиќ, извршна директорка во Коалиција Маргини.
По кампањите #СегаКажувам и настаните со Јавна Соба и Гевгелија Хаб оваа и минатата година се покажа дека ССО е повеќе од неопходно за младите генерации да добијат соодветни информации преку образовниот систем.
Што значи сеопфатно сексуално образование?
Сеопфатното сексуално образование (ССО) е образование преку кое младите добиваат проверени и релевантни информации за сексуалното и репродуктивното здравје, и тоа не само за биолошките аспекти, туку и за културолошките, психо-социјалните и емоционалните, информации кои се адаптирани на нивната возраст, објаснува Мери Цветковска.
„Преку сеопфатно сескуално образование или ССО младите ќе научат колку е важно да градат здрави врски и односи со своите врсници, партнери, родители, наставници и околината. Тоа значи дека преку содржините на ССО, младите ќе разберат дека почитта, искреноста, разбирањето, неповредувањето на другиот и довербата се цврсти темели на еден здрав и добар однос. Преку ССО младите ќе научат и како да препознаат кога врз нив се врши насилство, како да се заштитат и каде да пријават доколку се случи. Па оттука, тие во многу ситуации ќе бидат попретпазливи и повешти што ќе им овозможи навремено да изреагираат за да се заштитат и себеси и останатите. Младите ќе можат да превенираат различни форми на насилство меѓу кои и сексуалното вознемирување. Тие преку ССО учат и за сексуално преносливите инфекции вклучувајќи и ХИВ, ќе знаат како да се заштитат соодветно и какви видови на контрацепција постојат. Ќе научат дека согласноста е најважниот услов за имање интеракција со друг, односно дека еднаш дадената согласност не важи засекогаш и дека изнудената согласност не е согласност. Ќе научат и дека сите ние имаме автономија на нашето тело и никој не смее да ни ја наруши и одземе, а доколку некој се осмели, ќе знаат дека тоа е казниво со закон. “, објаснува Цветковска.
Таа дополнува дека пилот-програмата за ССО е планирано е да се спроведе во 4 основни училишта во 9-то одделение по дадена согласност од родител или старател. Програмата ќе ја спроведуваат обучени и сертифицирани наставници од четирите училишта кои ќе имаат поддршка од сениор врснички едукатори со веќе стекнато искуство за ваков тип на едукации. Голем дел од работилниците се интерактивни, сѐ со цел на младите да им биде поинтересно учењето и да можат да доаѓаат до одговорите преку прашања, дискусија, примери и логично размислување.
„По пилотирањето и по спроведената евалуација ќе имаме појасна слика како децата ги прифаќаат овие теми, за кои теми имаат отпор, за кои теми им недостигаат повеќе информации, како наставниците се справуваат со едукациите, кои се предностите и недостатоците на програмата. Доколку се позитивни, наодите од евалуацијата на пилот-програмата би биле основа и појдовна точка за за воведување на ССО како изборен предмет во формалниот образовен систем“, објаснува Цветковска.
Во однос на спорниот момент во македонската јавност околу тоа кога е најдобро да се почне со изучување на ССО, Ирена Цветковиќ вели дека иако во светот постојат прилагодени програми за ССО од претшколска возраст па сè до програми наменети за тинејџери, средношколци или студенти, сепак за кај нас е најсоодветна одлуката да се изучува од 9-то одделение.
„Постои и уште еден фактор покрај возраста кој е клучен за имплементација на сескуалното образование, а тоа е спремноста на дадено општество или култура истото да го прифати. Имајќи предвид дека нашето општество е длабоко конзервативно, а нашиот народ воглавно ја табуизира сексуалноста градејќи култура на страв и срам околу овој аспект од човековиот живот сметам дека одлуката да се воведе ССО како изборен предмет во 9-то одделение е најсоодветна. Младите имаат многу прашања поврзани со сексуалноста, врските, љубовта и слично чии одговори, за жал, се оставени да ги бараат самите на многу несоодветни места. ССО е најсигурен начин за обезбедување на соодветни информации базирани на медицина, етика и докази поврзани со овие прашања кај младите“, вели Цветковиќ.
Отпор и шпекулации што сеат страв од ССО
Се ширеа најразлични дезинформации и лажни вести околу тоа што ќе се изучува, а се отиде и дотаму што тие шпекулации почнаа да предизвикуваат страв и паника меѓу граѓаните.
„Отпорот е очекуван, но ширењето на дезинформации, лажни вести и шпекулации со цел предизвикување на паника и страв кај народот се недозволиви. Ужасната сум од креативноста, па дури и болната фантазија на некои луѓе кои ССО го претставуваат како сатанистички проект чија цел е нанесување на зло врз младите. Овие луѓе имаат или опасна агенда или не поминале време во училишна средина и со училишни деца за да разберат кои се нивните потреби. ССО, но и сите други влогови во образованието чија цел е надминување на нееднаквостите и насилството во училиште се повеќе од потребни според сите релевантни истражувања и анализи“, вели Цветковиќ.
Според анализите на Светска банка просечен ученик поминува повеќе од 1000 часови годишно во училиште секоја година.
„За некои ова се години поминати во безбедна и сигурна средина, опкружени со поддржувачки наставници и врсници. Но, за некои тоа воопшто не е така. Според HBSCM студијата (Студија за однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст) околу една четвртина од децата во училиштата во Македонија претрпеле вербално или психолошко насилство (13 и 15 годишни), еден или двајца од десет ученици е жртва на физичко насилство во училиште, а речиси исто толку декларирале дека биле жртви на сајбер булинг. Она што уште повеќе плаши е одговорот на децата, односно какво е менталното здравје на нашите деца вклучени во образованиот систем. Околу третина од младите изразуваат лоши чувства на тага и безнадежност, еден во десет размислува за самоубиство, а овој процент е 36% кај геј момчињата, и околу 5% кај стрејт. Тоа се млади на 13 и 15 години кои барем еднаш во животот планирале самоубиство. Нешто е труло во нашиот систем и овие реформи мора да ја адресираат иницијативата за лекување на образованието во сите сфери“, вели Цветковиќ за овие загрижувачки податоци.
Мери Цветковска потенцира дека тие кои знаат најдобро се токму младите, но за жал ретко кој сака да го земе нивното мислење и искуство како валидно.
„Со изучување на сексуалното образование, младите ќе бидат поинформирани и ќе носат поинформирани одлуки исто како и младите од развиените држави каде што ССО одамна е препознаено како важна тема. Досегашните истражувањата и искуства на терен кај нас покажуваат дека над 90% од родителите и наставниците сакаат нивните деца да ги изучуваат овие теми, но најмногу од сите, младите се тие кои сакаат и бараат да разговараат на овие теми. Со други зборови, додека ние седиме и дискутираме кој повеќе се грижи за младите, младите губат. Губат самодоверба, губат верба, изложени се на секојдневни ризици и лоши искуства, не знаат со кого да разговараат и каде да се обратат за помош. Па, наместо ние да судиме за нив, редно е да ги слушнеме! И да им овозможиме безбедна средина во која ќе можат отворено да прашаат и да споделат, но и да добијат точни одговори – наместо да ги бараат на интернет. Притоа, сексуалното образование нема за цел да застане меѓу родителите и децата, туку да им помогне на родителите за да можат младите да израснат во здрави информирани личности кои ќе можат без срам и страв да зборуваат на теми пред кои родителите денеска –во најдобар случај – одмавнуваат со рака“, вели Цветковска.
Успешни примери од други земји
Според извештајот „Сексуалното образование во Европа и Централна Азија“, спроведен во 25 земји во текот на 2016 година и почетокот на 2017 година од страна на Сојузниот центар за здравствена едукација во Германија (БЗгА) и Европската мрежа на Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР ЕН), во 11 од 21 земја каде што постојат училишни програми за сексуално образование, тоа е задолжителен или изборен наставен предмет (дел од нив се Албанија, Австрија, Белгија, Естонија, Финска, Холандија, Велика Британија, Германија, Ирска), објаснува Цветковска.
„Во државите каде што се се учи ССО, се евидентира значително опаѓање на стапките на малолетничка бременост, сексуално преносливи инфекции, врсничко насилство како и насилство во врски, а расте стапката на употреба на контрацепција. Во државите, пак, каде што младите немаат како да се информираат за своето сексуално и репродуктивно здравје, овие бројки се обратни и секако, загрижувачки“, дополнува таа.
Ирена Цветковиќ вели дека последната анализа на резултати од имплементирање на ССО во Европа покажаа дека во земји кадешто ССО е комплетно развиено во курикулумите, младите луѓе го посочуваат токму училиштето како важен извор на знаења поврзани со сексуалноста, а стапката на тинејџерска бременост е исклучително ниска.
„Наспроти овие, во земји каде што не се имплементира ССО стапката на тинејџерска бременост останува висока. Дури и најголемата параноја поврзана со ССО, стравот дека овој тип на образование ги поттикнува младите на сексуални искуства се покажува неточна. Имено, во земјите од Европата Унија еден од пет млади под 15 години имале сексуално искуство, но овој процент варира помеѓу државите. Па така, најмал процент на рано влегување во сексуални односи имаме во Швајцарија и Холандија (15%), а најголем процент во Бугарија (30%). Со други зборови, во либералните општества кои не ја табуизираат сексуалноста младите подоцна стапуваат во сексуални односи отколку во конзервативните општества“, вели Цветковиќ.
Според неа, случајот со Јавна соба, но и кампањата #СегаКажувам ја донесоа темата на сексуално насилство и вознемирување во јавноста како никогаш досега.
„Иницијативата #СегаКажувам предизвика стотина жени да споделат искуства на сексуално вознемирување од позиција на моќ. Тројца млади студенти добија истражувачки проект токму за приказните од #СегаКажувам и читајќи ја нивната анализа стигнав до податокот дека најголем дел од споделените исксутва на сексуално вознемирување се случувале во училиште, факултет односно во образовна установа. Сеопфатното сексуално образование е најбезбеден начин на учење и стекнување знаења и вештини за телесноста, телесниот интегритет, сексуалноста од различни аспекти, сексуалното и репродуктивното здравје, но и за градење на ненасилни и толерантни ставови наспроти омраза и насилство. #СегаКажувам токму тоа го покажа, дека ние не сме имале знаења, механизми и капацитети навреме да препознаеме кога некое однесување е вознемирување и како да се справиме со тој проблем. Затоа најголем дел од споделените приказни биле криени дотогаш. Што мислите кому му одговара молкот во случаи на сексуално насилство и вознемирување? Сè што бара насилникот/вознемирувачот, е набљудувачот и средината да не прават ништо. Тој повикува на раширената желба да не се гледа, да не се слуша и да не се зборува ништо. Да се молчи за сексуалноста на училиште, да се молчи за позитивните, но и негативните аспекти на сексуалноста, за задоволството, но и за ризиците, оди во прилог само на злосторниците“, вели Цветковиќ.