Пилешко со три вида сирење и компири во форма на срце
Дали веќе направивте планови за Денот на вљубените? 😊 Иако јас лично никогаш не сум била премногу возбудена за славење на овој празник и сметам дека љубовта треба да се покажува секој ден, а не само на одредени празници, сепак убаво е да им посветиме малку внимание на оние кои ги сакаме.
Без разлика дали сте заљубени или не, дали повеќе сакате да славите Св. Трифун или едноставно да си зготвите нешто за најблиската личност, подгответе го овој рецепт за оние кои ви значат. Не мора само на 14 февруари да ја покажеме нашата љубов – згответе го на 15, 20 февруари! 😊 Уживајте во моментите со вашите партнери, пријатели или семејството и згответе им нешто со љубов. ❤️
За некои чекори во овој рецепт потребно е малку време и вештина, но не е нешто што не може да го совладате. Се надевам дека ќе ви се допадне!
Потребни состојки (за две лица):
- 400 г пилешки стек (2 парчиња)
- 8 лажичиња рикота или урда
- 20 г спанаќ
- 4 лажичиња доматен сос
- 4-5 тенки парчиња пршута (исечкана по должина)
- 30 г рендан пармезан (10 г одвојте за компирите)
- 100 г моцарела
- 2 големи компири
- ½ лажиче лук во прав
- сол и црн пипер
- маслиново масло
Прво исечкајте го спанаќот и пропржете го во мало тавче со сосема малку маслиново масло, додека се собере. Исцедете го вишокот вода и измешајте го спанаќот со урдата во мал сад. Додајте малку маслиново масло, сол и црн пипер по желба. Оставете го на страна.
За да го подготвите месото, прво потребно е да го истенчите со чекан за месо. Доколку парчињата се многу дебели, исечете ги на половина по должина, па потоа тенчете ги. Совет: покријте ги стековите со пластична фолија и потоа истенчете ги со чеканот, за да не се распаднат. Зачинете ги со лук во прав, сол и црн пипер по желба. На долниот дел од секој стек ставете еден ред од мешавината со урда и спанаќ, потоа врз неа ставете парчиња пршута, доматен сос и на крај пармезан. Распределете ги состојките за да имате еднаква количина за сите парчиња месо, во зависност од тоа колку ќе направите. Замотајте го парчето месо оддолу нагоре како ролат, прицврстете го крајот со дрвена чепкалка доколку има потреба и наредете ги парчињата месо едно до друго во мала тесна тава за печење. Наредете парчиња моцарела врз месото и печете го во загреана рерна на 220 степени 30-35 минути, додека зарумени моцарелата.
За да направите компирчиња во форма на срце, потребна ви е мала срцевидна модла за колачиња. Прво измијте и излупете ги компирите и исечете ги на тенки парчиња по должина (не на кругови како што сме навикнати, туку по должина на подолги парчиња). Притискајте ја срцевидната модла во пресечените парчиња (не подебели од ½ см) и направете срциња. Jас од два големи компири направив повеќе од 20 срциња. Во текот на овој процес чувајте ги добиените срциња во сад со ладна вода, за да не потемнат. Кога ќе завршите со овој дел, исушете ги срцињата со кујнска хартија или крпа и наредете ги во еден слој на плех обложен со хартија за печење. Попрскајте ги со малку маслиново масло, зачинете со сол и црн пипер и на крај посипете ги со рендан пармезан. Печете 15-20 минути во загреана рерна на 220 степени, додека заруменат. Проверете ги и порано, бидејќи печењето зависи од тоа колку се дебели.
Идеја: вишокот парчиња од компирите кои не може да ги оформите, сварете ги и направете си пире за ручек! 😊
Послужете ги компирчињата заедно со месото и зеленчук по ваш избор и уживајте во секое залаче!