Во 1977 Роалд Дал, објавил помрачна и понапната колекција на приказни од дотогашните приказни за деца, безвременските: „ГДЏ“, „Матилда“, „Чарли и фабриката за чоколади“, „Вештерки“, „Џејмс и џиновската праска“, „Фантастичниот господин Лисец“ и други. Но „Прекрасната приказна за Хенри Шугар и уште шестмина“ е мешавина од животот на авторот и фикција. Сега, благодарение на острото кинематографско око на режисерот Вес Андерсон оваа книга ќе стане долгометражен филм кон крајот на годината.
Според описот на ИМДБ филмот е хроника на неколку приказни кои го следат Хенри Шугар, човек што има моќ да гледа низ предмети и да ја предвидува иднината со помош на книга што ја украл. Во неодамнешно интервју актерот Руперт Френд за Варајети открил малку повеќе за содржината на филмот.
„Од кратката колекција на приказни кои се напишани за возрасни, Вес одбра четири и собра мала актерска екипа: мене, Ралф Фајнс, Бенедикт Камбербач, Дев Пател и Ричард Ајоаде. Секој од нас глуми во две од приказните и ги менуваме улогите. Мислам дека Ралф Фајнс е во сите приказни. Моите две улоги се Ловецот на глувци и Лебедот. Јас пораснав комплетно опседнат со приказните на Дал и бев многу тажен кога почина во 1990 година. Овој филм е остварување на мојот сон“, кажал Френд.
Бенедикт Камбербач ја толкува главната улога на Хенри Шугар, а засега потврдени се само гореспоменатите актери. Филмот е сега во пост-продукција така што нема точен датум на прикажување. Но The Film Stage објави дека оваа есен ќе излезе на Нетфликс. Останува да видиме!