Продукцискиот дизајнер на филмот Сара Гринвуд изјави дека во „светот снемало розова боја“ за време на снимањето на филмот и создавањето на Барбиленд и природната големина на верзиите за „Куќата од соништата“ на Барби.
Разговарајќи со Аrchitectural Digest, режисерката Грета Гервиг и продукцискиот дизајнер Гринвуд зборувале за создавањето на Барбиленд, што е направена скоро целосно од флуоресцентна розова боја, од природната големина на познатата „Куќа од соништата“ на куклата па се до патиштата и канделабрите.
Специфичната нијанса што тимот ја користел била флуоресцентна розова од компанијата „Роско“, која е специјализирана за високо пигментирани бои. Потпретседателката на маркетинг во „Роско“, Лорен Прауд, објаснила дека веќе имало недостиг на розова боја, поради пречките во снабдувањето поради Ковид 19, но потврдила дека по филмот, залихите биле целосно потрошени.
Режисерката Гервиг одбила да се користат компјутерски генерирани слики за сцените во филмот, па инсистирала позадините да бидат рачно избоени.
„Сакав розовата боја да биде многу светла и да биде насекаде, да биде премногу впечатлива“, рекла Гервиг, додавајќи дека не сакала да „заборави што ме натера да ја сакам Барби кога бев девојче“.