Сава Oсигурителна Групацијa е снабдувач на примарно осигурување, реосигурување, управување со средства, здравствени и помошни услуги и решенија за пензионирање. Матичната компанија Позаваровалница Сава д.д. (Сава Ре) е компанија за реосигурување со седиште во Љубљана, Словенија, и оперативна холдинг-компанија на Сава Осигурителна Групација. Сава Ре е најголемата компанија за реосигурување со седиште во централна и источна Европа, која опслужува повеќе од 350 партнери на над сто пазари за реосигурување ширум светот, а групацијата е една од водечките осигурителни групи во регионот, со присуство во шест земји на Балканот.
Снежана Станковиќ – Претседател на Управниот одбор на Сава пензиско друштво АД Скопје
Оваа година, по тридецениска работа во адвокатурата, се приклучивте на тимот на Сава пензиско друштво АД Скопје, како нов член на Управниот одбор. Какви се вашите впечатоци откако одблизу се запознавте со тимот и со стратешките правци?
Уште од првиот ден на новата функција можам да изразам вистинско задоволство што работам со стручни,високопрофесионални, искусни, но и млади луѓе, кои се исклучително посветени на работата, желни за нови знаења, аналитични и креативни, што кај мене буди дополнителен ентузијазам и желба да придонесам за понатамошниот развој на Сава пензиско друштво АД Скопје и за зацврстување на неговата улога и значењето во целокупната одржливост на системот за пензиско осигурување во нашата земја. Инаку, мојата соработка со Сава пензиско друштво АД Скопје почнува од 2019 година, кога како адвокат имав можност да го застапувам Друштвото. На ниво на Сава групација соработуваме уште подолго, повеќе од десет години. Во тој временски период можев да се запознам со голем дел од луѓето кои го сочинуваат тимот на Сава пензиско друштво и воедно да стекнам повеќе информации за интерните процеси и развојната стратегија на Друштвото, за прописите од областа, како и за предизвиците поврзани со реформата на пензискиот систем, кои за мене беа дополнителен мотив за одлуката да станам дел од Управниот одбор на Друштвото.
Сава пензиско друштво АД Скопје управува со неколку фондови што се составен дел од македонскиот систем за капитално финансирано пензиско осигурување. Кои се развојните цели на друштвото и кои придобивки би ги имале сегашните и идните клиенти?
Во последните неколку декади, глобалните трендови поврзани со стареењето на населението и променливата природа на пазарот на трудот, ја наметнаа потребата од широк спектар на реформи на пензиските системи. Ваквите трендови не ја заобиколија ниту нашата земја, за што говорат и најновите демографски проекции на Државниот завод за статистика до 2070 година, кои покажуваат драстично намалување на вкупниот број жители во нашата земја и зголемување на старосната граница на населението, што меѓу другите последици, креира значителен притисок врз одржливоста на пензискиот систем.
Како решение за ваквите неповолни движења, во земјата се спроведе сеопфатна реформа на пензискиот систем, со која, покрај постојниот државен прв столб што се темели на осигурување врз основа на генерациска солидарност, беа воведени уште два столба: втор столб на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и трет столб на доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Со воспоставување на ваквиот тристолбен, комбиниран пензиски систем, составен од јавно тековно финансирано и приватно капитално финансирано пензиско осигурување, се обезбедува долгорочна стабилност на целокупниот домашен пензиски систем и се влева дополнителна сигурност кај сегашните и идните осигуреници дека тие долгорочно ќе имаат можност да ги остваруваат своите права од пензиско и инвалидско осигурување.
Истовремено, воведувањето на вториот и третиот столб на пензиско осигурување внесе значителни позитивни промени во пензискиот систем, пред сѐ зголемувајќи ја неговата транспарентност, која се отсликува преку точната евиденција на уплатените придонеси и износот на заштедени средства на индивидуалните сметки на секој осигуреник во вториот и во третиот столб, а секако воведе и право на избор на осигуреникот за друштвото на кое ќе му го довери управувањето и оплодувањето на неговите пензиски заштеди. Нашето друштво успешно управува со два пензиски фонда: Отворен задолжителен пензиски фонд – Сава пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд – Сава пензија плус, кои се составен дел од македонскиот систем за капитално финансирано пензиско осигурување и придонесуваат за остварување на основната цел – обезбедување на одржлив македонски пензиски систем и соодветен приход за осигурениците по нивното пензионирање.
Посветената работа, грижата за своите членови го прават Сава пензиско друштво АД Скопје еден од основните столбови во одржливоста на пензискиот систем. Што треба да се внимава и кои се најважните начела по кои некое лице треба да избере соодветен пензиски фонд за себе?
За разлика од кое било друго инвестирање средства, вложувањето во вториот, а особено во третиот пензиски столб значи штедење за себе, за достоинствена старост, во времето кога нема да можеме да работиме. Особено важно за овој концепт на своевидно штедење е што тој овозможува акумулирање средства на индивидуалната сметка на осигуреникот на вториот и на третиот столб, кои на долг рок, преку диверзифицирано инвестирање што го врши друштвото што управува со соодветниот фонд, ќе значи нивно оплодување, односно зголемување и соодветна исплата кога тие средства ќе бидат потребни. Од клучно значење за успехот на пензиската реформа е довербата што граѓаните ја имаа во ваквиот систем, а таа се обезбедува преку транспарентно работење на пензиските друштва. Стратешка определба на Сава пензиско друштво е „клиентот во центарот“. Ваквиот концепт се темели на овозможување лесно достапни информации за нашите членови, што го реализираме преку воспоставување на различни канали преку кои секој наш член може да стигне до нас, да се информира за нашите услуги, како и до податоците за состојбата на средствата на неговата индивидуална пензиска сметка што ни е доверена нам на чување и управување. Пристапот до сите информации и податоци го обезбедуваме и преку мобилна апликација, преку која нашите членови можат на дневна основа да ги следат средствата на нивната индивидуална сметка. Дополнително, особено сме насочени на зголемувањето на финансиската писменост на населението. Истражувањата покажуваат дека само околу 20 проценти од населението се свесни и сосредоточени на задоволување на краткорочните финансиски потреби, а не кон долгорочно штедење. Ваквите резултати се показател дека неопходна е поголема информираност и едукација на населението за начините и придобивките од долгорочното штедење, вклучувајќи го и доброволното пензиското осигурување, што е и една од нашите стратешки цели на кои континуирано работиме.
Кои се работните цели кои Друштвото ги има зацртано за 2024 година и на што ќе биде насочен вашиот деловен фокус?
Податокот дека само 2,9% од активното работно население во земјава е опфатено во третиот доброволен пензиски столб, покажува дека овој сегмент од домашниот финансиски пазар има огромен потенцијал за понатамошен пораст. Основен предизвик и, воедно, фокус во нашето деловно работење во 2024 година и понатаму е како да го активираме ваквиот потенцијал, доближувајќи ги до граѓаните придобивките и можностите што ги нуди реформираниот пензиски систем и обезбедувајќи им ги сите неопходни информации и аргументи со кои би ги мотивираме да донесат вистинска одлука што ќе им овозможи долгорочна лична финансиска стабилност. Притоа, нашата основна цел и задача е да најдеме најефективни начини со кои ќе им ја објасниме на граѓаните мисијата на нашето друштво за обезбедување на финансиска сигурност и одржлива иднина за членовите во фондовите со кои управуваме, како и на нашите вработени, деловни партнери и инвеститори. Притоа, нашите главни аргументи за остварување на ваквата мисија се нашата постојана посветеност во градењето и развојот на Друштвото, кое е препознаено по грижата за своите членови, транспарентноста и високите професионални и морални вредности.