Уметницата Сашка Павловска неодамна се претстави на македонската јавност со својот проект „Перцепција“ самостојна изложба, каде преку различни медиуми и своите концептуални дела ја претстави својата перцепција.
Кога првпат забележавте дека ве привлекува уметноста и со кои техники започнавте да творите?
Љубовта кон уметноста и креативноста како аспект во секоја смисла , секогаш биле интегрирани во начинот на кој постојам. Првите сигнали на заинтересираност почнаа многу спонтано. Сите ќошиња во тетратките ми беа исцртани со различни цртежи, мотиви , детали. Едвај чекав да имам час по ликовна уметност и секогаш часовите ми беа прекратки. Бев член во ликовна секција, секогаш учествував на конкурси за сликање на различни теми. Секој допир со креативно изразување ме инспирираше на посебен начин, пишување поезија, правење колажи од фотографии, сликање на платно, редизајнирање на парчиња од гардероберот на мајка ми која ги носела како млада и сл. Ме инспирираше можноста нешто што сама ќе го создадам. Секако, зборувам за периодот кога бев тинејџерка. Во гимназија посетував дополнителни часови по уметност кај мојот тогашен професор по ликовна уметност и длабоко посакував да се запишам на ликовна академија, но несамодовербата беше посилна од мене и се задоволив со изговорот дека ова можам да го негувам како талент и да стане мое хоби. Од тогаш до денес јас на секаков начин ја негував и живеев љубовта кон уметноста , а најмногу се изразував преку техниките: акрилик, сув пастел и јаглен. Се што научив да созадавам и усовршувам беше преку талентот и личната слобода на креирање која ја освестував низ годините.
Неодамна ја реализиравте вашата изложба ,,Перцепција” на која беа изложени ваши концептуални дела. Која е пораката на оваа изложба и дали се пронаоѓате во концептуалната уметност? Зошто перцепција?
Бев и сеуште сум инспирирана од начинот на кои постоиме како човечки битија во оваа егзестенцијална форма. Посматрањето на тој „феномен“ ме внесува во многу различни ментални авантури со цел да задлабочам во суштината и најдам некои одговори за кои трагам од секогаш. Низ тоа искуство сфатив дека одговорот не е еден, ниту пак моделот по кој некоја индивидуа постои е модел за некој /секој друг и дека она што не прави слични или различни е перцепцијата на нештата. Секој еден со својот „животен куфер“ носи свои причини за лична перцепција. Оттука се иснпирирав да ја творам изложбата и успеам да ја претставам преку различни медиуми со цел да предизвика дразба за различни сензибилитети.
Креативноста во мене бараше начин да се изрази преку различни аспекти, бидејќи тоа го опишува и мојот „шарен“ карактер. Тргнувајќи од изборот на просторот ( Тeeny Тајни ) и создавањето на амбиент кој совршено ќе ја долови апликативноста на делата во даден простор и ќе го инспирира секого како да го види било кое уметничко парче во својот простор. Првиот медиум и мојата прва љубов преку која сакам да се изразувам е сликањето на платно. Одбрав три карактери на жени ( инспирирана од жените во себе ) кои на еден „непријатен“ начин пренесуваат „ биполарност“ која во оваа смисла ја опишува природата на жената како се манифестира во овој неизвесен свет. Прецизното линиско изразување ја опишува симболиката на животното искуство на секоја од нив ( жена која знае што сака, која знае зошто ја носи дадената емоција и не се плаши да ја покаже, без разлика каква е, и жена која ја гледа реалноста од две страни). Специфично и уникатно на свој начин во овие дела е, што е употребено и рачно везење како техника, а во метафорична смисла на делото пренесува порака на интроспекција, бидејќи преку визуелизација и соодветно осветлување на делото, се пренесува длабочината на изразот на карактерот на жената, а самата вештина на рачно везење која носи до медитативни состојби запозанаваат со внатрешното/длабокото. Таа симболика е уште една причина овие дела да се перцепираат на сопствен начин.
Вториот медиум е: редизјанирање на македонски традиционални носии кои ги осовременувам во својот личен израз со цел да се доближат до естетиката на жената во 21 век, а притоа да се оживее значењето на традиционалната жена која ја носела таа носија/фустан и ја креирала со сопствените вешти раце, полна со жар да ја изрази креативноста на тогашната жена која била заробена во строгите принципи на „неслободно“ живеење. Везените детали на изворната верзија на носијата не се „повредуваат“ туку ги надополнувам со сопствен уметнички израз преку рачно везење и креирам фустан кој може да го носи секоја современа жена која сака да даде живот на традицијата и уметничкиот израз.
Третиот медиум се: уметнички ѕидни чинии од порцелан и керамика кои ги цртам рачно.
Лично јас многу уживам во ентериерната естетика . За мене, декорацијата со ѕидни чинии во модерно уреден простор допринесува за автентичен амбиент и впечаток во просторот.
Очите доминираат како главен мотив инспириран од темата „Перцепција“, а изразени на различен начин, преку различен облик на чинии и бои можат да се адаптираат во секаков стил на енетериерно уредување.
Гледајќи оттука, изборот на различни медуми и личното уметничко изразување преку истите, можам да кажам дека се пронаоѓам во концептуланата уметност, иако има уште многу медиуми преку кои може да се изрази уметноста.
Велат дека секоја креативност е интимен чин за кој треба храброст. Какви чувства разбуди вашиот уметнички израз?
Се согласувам во целост. Токму и поради истото, долго време не се одлучив да се претставам јавно како уметник, бидејќи голема храброст е да се признае јавно она што го носиме внатре.
Секако дека таа интимност не е целосно изложена на сцена , бидејќи и тој што го толкува уметничкото дело има своја интимна перцепција, бидејќи делото го гледа на начинот на кој што го чувствува/доживува. Тој тивок разговор помеѓу уметникот и гледачот преку делото си има своја интима и токму во ова е убавината на уметноста.
Гледано од оваа дистанца и искуство, уметноста е прекрасен начин да комуницираме интимно, а да не се „повредуваме“ како кога тоа би го правеле гласно, без разлика каква е пораката на уметникот преку делото.
Било кој уметнички израз буди секакви чувства. Повторно станува збор за перцепција, но она што лично јас сакав да го пренесам како порака, е јасноста на емоцијата, која преку чистиот технички израз ја опишува жената претставена преку портрет. Секоја од нив пренесува порака на жена која знае која е преку својата емоција и не се плаши да ја покаже. Машкиот пристап на уметничкиот израз ( чиста линија, минимална колоритност, па дури и машката енергија на жената која доминира во нејзината естетика) зборуваат за нејзината храброст, рационалност, спремност да се потпре на самата себе, без разлика на женската природа која бара заштита, потреба за припадност, сервилност и сл. „Биполарноста“ во портретите ја опишува жената во борбата со себе и искушението да се падне во замаката на „искривената реалност“. Во секој случај, естетиката преку која се изразувам е специфична и по уметничкиот израз и по инспирацијата со кои се создадени делата. Но храброста како емоција се провлекува од базичната инспирација до финалниот израз на делото. Свесна сум за некомерцијалноста на естетиката, но чувството со кое креирав е изворно и изнегувано од почеток до крај.
Би сакала и јас и светот похрабро да се отвориме за непознатото. Тоа е најдлабоката порака што сакам да ја пренесам, а за тоа треба огромна храброст и љубов пред се.
Брендот Аматеура го создадовте како ваш личен печат, кој во иднина ќе го развивате и ширите. Што точно ќе опфаќа овој концепт на работа?
Аматеаура е симбиоза од две суштински значења на зборот, Аматер и Аура.
Зошто Аматер?
Сметам дека живееме во свет кој подлежи на многу предрасуди и нефлексибилни ставови за се што не е стереотипно. Овој свет не научи како да се плашиме и да не погледнеме со срцето кон новите искуства. Инспирирана од таа заробеност и наученост на познати и проверени факти, решив да истражам во суштината што значи да се наречам аматер, бидејќи тоа сум по параметрите на општествената етика во која живееме. Правејќи истражување дојдов до сознание дека аматерот како уметник во било која смисла е најслободниот извор на креативност кој твори без никакви предрасуди, правила, стравови….Едноставно во изворното уметничко изразување на еден Аматер нема ништо освен чист уметнички израз создаден без никакво очекување ниту од себе , ниту од публиката. Тоа ме инспирираше да отворам една нова перцепција на нештата и да создадам услови каде би се инспирирале млади аматери кои не се заробени во општествените правила на сопствено изразување преку уметноста.
Аура како спој само ја надополни вредноста и длабочината на значењето на аматерот ,бидејќи секој од нив владее со своја аура која ги прави засебно и неповторливо искуство.
Оттука идејата за брендот Аматеаура кој што во моментот се гради технички и суштински како платформа е, да креира работилници за секаков тип на аматери кој со соодветни ментори и нивната кредибилност ќе допринесат да се оформи инкубатор на млади аматери кои ќе можат да се изразуваат слободно, а низ самиот процес на создавање на уметнички дела да се запознаат подлабоко себе си и талентот кој пред се е канал за реализација. Тенденцијата е да се создаваат континуирани работилници кои ќе произведат група на аматери кои ќе се формираат во стабилна група на уметници/аматери кои преку уметноста како канал и техниките на спознавање на себе преку процесот на создавање уметничко дело ќе станат свесни за својата неограничена слобода . Истите ќе имаат можност преку нашите канали за промоција да ги презентираат своите дела и добијат можност да се изградат како лично оспособени уметници да го спроведат своето дело од идеја до реализација и понатамошно промовирање на себе како независни уметници .
Брендот Аматеаура е само канал низ кој ќе се пронаоѓаат , растат и дооформуваат пред се како здрави индивидуи кои ќе научат да преземат одговорност за својот талент кој секако е само дел од една индивидуа, а активностите кои ќе ги спроведуваме преку различни техники/практики ќе ги поттикне нивните спосообнисти да се реализираат себе како Аматери/Уметници професионално, слободно и без притисок од општествените норми на изразување во оваа област.
Спремни сме на многу предрасуди бидејќи ќе „ кршиме “ многу „правила“ на стереотипното, но како што кажав погоре, целта на Аматеаура е да се отвориме за непознатото и да создаваме „НОВО ПОЗНАТО“!
Уметноста зборува и таму каде што не постојат зборови. Во кој правец сакате да се развивате како уметница и на што моментално работите?
Да. Токму така. Затоа уметноста е еден предизвик кој од секогаш ме инспирирал баш поради тоа што, тишината додека се доживува едно уметничко дело, е најдлабоката искажливост за која не треба зборови.
Јас имам двојна улога во овој предизвик. Пред се, уметницата која ќе продолжи да твори, да инспирира со својот начин и да создава уменички дела преку различните концепти на изразување, а ќе пренесува различни пораки и таа која ќе го развива брендот Аматеаура до финалната замисла, а која во иднина создавајќи инкубатор на успешни аматери ќе биде канал кој ќе инспирира и допринесува да пренесуваме здрави и силни пораки во уметничкиот етер.
Верувам дека ќе наидеме на отвореност и поддршка во секоја смисла.
За сега сме сеуште во процесот. Првата работилница е во процес до блиска реализација.
Која техника што ја користите ви е најлесна за изразување?
Бидејќи се изразувам на различни медиуми , техниките си побаруваат своја посветеност и истрајност. Било кој медиум преку кој се изразувам има свој личен предизвик и ме инспирира подеднакво, бидејќи на свој начин привлекува секоја од нив. И кога се изразувам на платно и додека везам и цртам на порцелан/керамика , кретивноста и предизвикот не ме напуштаат до завршување на делото. Но ако треба да издвојам по прашање на одговорност, ќе кажам дека сликањето на платно ме заведува на единствен начин.