Неодамна го најавивте предновогодишниот концерт насловен „Jingle Bells Simphony” заедно со The Christmas girls и Камерниот оркестар на Битола. Каков вид на музички перфоманс ќе биде овој концерт и кој се ќе учествува?
Замислуваме зимска бајка каде се пеат најубавите Божиќни песни во светот, како „Jingle Bells”, „Santa Claus is comin to town”, „Deck the halls”, „All I want for Christmas”, „Елко Елко” и многу други, раскажана преку уникатните вокали на The Christmas Girls: Полина Тасева, Ана Петановска, Теа Богатинова, Калина Велковска и јас, слеани во симбиоза со прекрасните звуци на Камерниот Оркестар на Битола, под диригентската палка на Владимир Димовски. Аранжманите се чисто нови и ќе бидат премиерно изведени таа вечер, 18-ти декември, 20 часот во Македонска Филхармонија.
Вие сте искусен македонски уметник,музичарка која има долгогодишна успешна кариеа. Што значи да се подготвиш за еден концерт, каква психофизичка работа е потребно?
Многу љубов и страст, многу фокус, работа и енергија насочена директно кон целта. Изминатиов месец бевте доста активна снимивте и видео запис за вашата нова песна ,,Очи вселена’’.
Како се роди оваа песна и како помина снимањето на видео записот?
Оваа песна буквално се излеа едно утро сама од мене, мојата муза во овој случај беше мојот син Кирил. Потоа ја дораскажавме целата приказна со претворање на клавирските ноти во прекрасниот и модерен аранжман кој го напиша Иван Петровски. Снимањето на спотот беше многу забавно, но мнооогу ладно, буквално смрзнавме на сет со девојките. Стајлинзите ги работевме заедно со модната креаторка Фран уште од летово, а снимавме во ноември на два степени (голи стомаци и сатенски кошули). За видеото се погрижи Томислав Живковиќ.
Што претставуваат за вас новогодишните празници и како најчесто ги поминувате? – The most wonderful time of the year…Обожавам да сме дома со семејството, конечно да имаме време за нас, да правиме кифлички, руски салати и лебче за Бадник со Илина. Си посакувам што почесто да ги минуваме така, некогаш одиме на зимување, но тоа гледаме да е после 14-ти јануари, кога ќе поминат најубавите празници. Навистина е најубаво да си дома тој период.
Новата 2024 година ја дочекуваме со безброј желби за убава иднина и успех на сите полиња. На што ќе биде вашиот фокус следната година и што очекувате од неа?
Би си посакала да сме здрави пред се, сите на куп заедно, со мир и спокој во душата, а потоа би си посакала многу инспирација, многу музика, настапи, балети отсвирени и концерти отпеани.