За секоја нова година искрено се надеваме дека ќе биде подобра, поубава и поуспешна од претходната. Тоа си го посакуваме за нас, им го посакуваме на нашите најблиски, го посакуваме на целиот свет. За најубавиот период од годината, за сите топли семејни мигови, кои ќе останат најубави детски спомени, заедно со нашите соработници Rosa, разговараме со Ружица Антиќ, главна уредничка на списанието „Портрет“.
Новогодишните празници секогаш се тесно поврзани со хармонични, семејни моменти. Што претставуваат овие празници за вас и како ги поминувате најчесто?
Откако помнам за себе, од моите најрани детски спомени, новогодишните празници ми се најубавиот период од годината. Можеби тоа е така зашто моите родители секогаш настојувале да ги поминуваме празничните денови во топла, домашна атмосфера. Секогаш ме возбудуваат и искрено ме радуваат сите промени во домот, па затоа украсувањето и новогодишните декорации ми се вистински предизвик. Неодамна, една моја блиска другарка ми напиша – како стареам сè повеќе ја разбирам смислата на новогодишното украсување – и ме натера да размислувам на оваа тема. За мене, новогодишните празници се премин од секојдневното, стресно живеење и сите проблеми што ги носи, кон раѓање на нова надеж за подобра своја верзија во годината што доаѓа. Денови во кој секој од нас треба да се подготвува за пронаоѓање на нови сили, за да посака да биде своја подобра верзија. Колку и да изгледа тешко и неостварливо, овој празничен период е вистинско време да се исчистиме од сите наши падови, неуспеси, да ги резимираме научените лекции и да сме подготвени за нов почеток.
Модерното живеење, за жал, сè почесто ни наметнува животно темпо што придонесува времето поминато со семејството да биде многу пократко од порано. Кои семејни ритуали ги практикувате со вашите деца, што значи за вас квалитетно поминато време?
Прво морам да нагласам дека во многудетни семејства, борбата за внимание и време поминато насамо со родителите е многу поголема. Настојувам да имаме квалитетно заедничко време, но и да поминувам време со секој од тројцата мои синови насамо. Тие се во различна возраст (7, 11 и 16 години) и сите имаат различни желби, потреби и интереси. Да се биде родител на деца кои се припадници на генерација Alpha е навистина голем предизвик и треба постојана работа на себе за да си на висина на задачата. Во однос на семејните ритуали, појдовна точка секогаш ми се работите што сум ги правела со моите родители, а во мене од денешен аспект будат убави чувства. Па, така, наши семејни ритуали се одење на спортски натпревари, играње на друштвени игри, одење на кино, правење лесни рецепти по нивна желба. Мој став и дефиниција за што е квалитетно поминато време со моите деца е секое време во кое тие се чувствуваат слушнати, разбрани и важни.
Велат дека животниот баланс не го пронаоѓаш, туку сам го креираш секојдневно. Како го креирате вашиот животен баланс и што ви е најголем личен предизвик?
Обично, многу малку размислувам за тоа дали водам избалансиран живот, но секогаш знам кога ќе го изгубам балансот. За мене, балансот не е само добра организација и умереност туку многу повеќе е самосвесност за определени граници во целокупните односи со сите луѓе од моето опкружување. Секогаш кога овие граници не ми се јасно поставени, кога правам, се согласувам или прифаќам работи со кои не се согласувам или делумно се согласувам секогаш прво страда моето его. Тогаш го исклучам автопилотот што ме вози веќе неколку години и ги преземам работите во свои раце.
Кој е вашиот најголем сојузник во трката за поквалитетен и поздрав живот?
Стремежот кон поквалитетен и поздрав живот и ентузијазмот за патот кон него, за среќа, не ме напушта и по големи животни порази. Најголем сојузник се малиот круг на блиски луѓе со кои сум постојано. Тие секојдневно ми покажуваат што значи поддршка, љубов, разбирање и најголем доказ дека квалитетот на живот најмногу зависи од луѓето со кои си опкружен. За мене, квалитетен живот е живот во кој фокусот е на лично растење и развивање, живот во кој немаш време за мали разговори, мали луѓе, во кој умот царува. Почитувам умереност во секоја форма и се стремам да се движам во таква средина. Ме вознемируваат секаков вид конфликти, сплетки и интриги и максимално избегнувам сè што придонесува да не се чувствувам пријатно. Сметам дека здравиот начин на живот денес е единствен начин да се зачува менталното здравје и затоа е задолжителен.
Постојано сте активна и одговарате на голем број предизвици од различни аспекти на вашиот живот. Со кои практики и рутини подобро се организирате и менаџирате секојдневно?
Денес, со толку многу апликации, планери и алатки за организација, навистина не е во ред да си неорганизиран или неодговорен. Грижата околу трите деца и мојата динамична работа се навистина голем предизвик секојдневно и би лажела ако кажам дека секогаш сум беспрекорно организирана. Едноставно, некогаш не ти е ден, некогаш се случуваат непланирани работи, некогаш немаш волја, ни желба да завршиш сè што ти е планирано. Пробувам да не сум премногу строга кон себе, но затоа има работи и моменти каде што нема простор за импровизации, а тоа се сите потреби на децата. Постојано користам планери, потсетници, апликации и уживам во тоа да ги бележам сите идни настани, состаноци и убави моменти.