Една поговорка вели дека во домот треба да чуваш предмети што ти се или корисни или премногу убави. За сите предизвици на современиот дизајн на ентериери разговаравме со Бисера Саздовска и Филип Јовановски основачите на Антре студио за дизајн на ентериери, кои четири години со многу љубов, ентузијазам и амбиција ја негуваат својата успешна приказна.
Студиото „Антре“ неодамна го прослави својот четврти роденден, како креативен тим кој нуди уникатен, софистициран и функционален дизајн и врвни идејни решенија. Низ какви предизвици поминавте како тим и кои моменти беа пресудни за вашето растење?
Со оглед на тоа дека го отворивме студиото непосредно КОВИД-19, посебен предизвик ни беше стабилизирање и адаптирањето во тие две години од пандемијата. Сите потешкотии кои произлегоа од таа ситуација, ни ги отежнаа првичните чекори во формирањето и етаблирањето на нашето студио. Нешто што не водеше од самиот старт и првите неколку проекти што ги имавме беа благодарение на луѓе кои не познаваат и имаа доверба во нас како млади креативци да влеземе во нивните домови. Сепак, овој период поттикна и промена во нашиот пристап, истражувајќи алтернативни начини не само до го одржиме нашиот бизнис, туку и да го поттикнеме растот. Се осврнавме кон фриленс платформите кои ни овозможија да ги прошириме нашите услуги, и не доведе до проекти надвор од нашиот првичен опсег. Нашата посветеност кон тоа што го работиме и луѓето за кои работиме, создаде значајни конекции со наши клиенти кои на крајот не доведоа до партнерство со Холандска фирма за маркетинг услуги за недвижнини како и до можност за работа на проекти за кои не ни сметавме дека би дошле така рано и за толку брзо време од нашето формирање.
Сметате дека местата и опкружувањето ја отсликуваат личноста, па поради тоа индивидуалноста секогаш ја земате како основа кога го почнувате креативниот процес. Како се одвива создавањето на еден ентериер од идеја до реален проект?
Токму така, нашиот процес е холистички. Сметаме дека секој детал игра некаква улога во формирањето на една целина. Креирањето на еден проект кој го отсликува уникатниот карактер кој го има секој клиент е еден наизменичен процес, на размена на идеи, мислења на секојдневни па и понекогаш и несекојдневни теми. Секогаш првично пробуваме да се конектираме на едно „подлабоко“ ниво со секој од клиентите, да ги разбереме нивните основни потреби, желби и стил, како они би се движеле низ просторот и како тоа би можело да биде отсликано преку ентериерот и тоа што ни го нуди просторот. Таа размена ни овозможува да ја концепираме првичната идеја за дизајнот. По формирањето на иницијалниот концепт, пристапуваме кон 3Д визуелазација каде се формира конечниот дизајн. Клиентот на крај добива ентериер проект со комплетна техничка книга во која се вклучени сите потребни информации за реализација, а со тоа се насочуваме и кон изведбата на самиот проект.
Кои услуги ги нудите како тим и на што ќе биде насочен вашиот работен фокус следната година?
Премногу сме амбициозни и имаме преголем интерес кон дизајнот, па на сметка на тоа сакаме да вклучиме бројни услуги кои би биле сеопфатни. Во моментов покрај изработката на основни ентериерни решенија кои ни се наша специјализација, нудиме и композирање на 3Д визуелизации, виртуелно стилизирање како и графички дизајн и изработка на брошури и маркетиншки материјал кој би бил потребен на брокери. Во следната година пред се се радуваме на неколку ентериерни проекти кои ги започнуваме сега. Исто така имаме интересен проект кој наскоро треба да почене со изведба. Секако, се надеваме дека ќе имаме шанса да работиме и на нови проекти, резиденти и комерцијални во Македонија, кои ќе ни донесат нови предизвици.
Нешто на кое сакаме да посветиме внимание е поголема интеграција на вештачка интелигенција како алатка која би ни помогнала при креирањето на идеи.
Кои се највпечатливите трендови во дизајн на ентериер што ја обележаа оваа година?
Како што и се предвидуваше за оваа година, луѓето се охрабруваа за посмели избори кога станува збор бојата во нивниот дом. Палетите вклучуваа силни и длабоки бои како кралско сина, смарагд или глинени нијанси. За оние кои претпочитуваат смиреност во нивниот дом, се осврнаа кон јапанди стилот кој нуди фузија од јапонската и скандинавската естетика. Како и во модата, 90тите со своите земјени тонови, и детали од кожа, хром и транспарентна пластика(актрил)?, ги инспирираа особено младите да своите домови ги уредат во еден ретро дизајн, а парчињата мебел и декор ги земат second hand. Не можеме а да не спомнеме дека одржливиот дизајн се повеќе се применува. Брендовите носат се повеќе свесни одлуки за материјалите кои ги користат, а дизајнерите го зимаат тој предизвик да создадат нови креативни решенија користејќи ги иновациите од овој опсег.
Партнерски го градите и негувате вашето студио со многу слични размислувања за тоа како треба и по кои начела да биде создаден еден ентериер. Како се надополнувате како креативци и имате ли јасно определени, поделени работни задачи?
Соработката ни започна уште за време на факултетот, а поготово непосредно по завршување на истиот кога се уште размислуваме од каде професионално да започнеме. Нашите желби и соништа за нашата работа како и принципите по кои се водиме при креирање на еден ентериер се исти, но можеме да кажеме дека сме доста различни како индивидуи, црпиме инспирација од различни извори и различно пристапуваме кон дизајнирањето. Така, секогаш доаѓаме до идеи и резултати кои се надополнуваат и надградуваат меѓусебно, а токму од тоа и произлезе нашата соработка. Таа интересна динамика со која ги решаваме проектите е она главно нешто кое не има поврзано и кое не влече напред. Нашите работни обврски се исти, а поделбата на задачите си ја дефинираме во зависност од проектот на кој работиме.
Вештачката интелигенција влезе на голема врата во нашето секојдневие. Сметате ли дека нејзината примена може да донесе позитивни промени во модерниот дизајн?
Ова е тема која може да кажеме дека ни е од главен интерес изминатава година, речиси секојдневно ги пратиме новостите околу вештачката интелигенција и на кој начин истата би влијаела врз нашата струка. Вештачката интелигенција ќе го измени, а се надеваме и олесни, начинот на работата на дизајнерите. Но пред се, тоа ќе служи како алатка со која би имале пристап до огромен извор на инспирација преку кој би имале лесен метод на комбинирање на разни референци, материјали и детали, и нивно полесно ускладување или подобрување на веќе однапред зададен концепт. Сепак, покрај сето воздигнување и митизирање за вештачката интелигенција, важно е да се потенцира дека истата ќе служи главно како помошна алатка. За да добиеме нешто што е толку лично и интимно, а сепак технички функционално и оптимално решено, тој човечки допир и елемент на меѓусебно разбирање не може да биде заменето од истата.